Еволуција на Веб дизајнот

206

Можете ли да го замислите светот без интернет? Во време кога го користиме World Wide Web да најдеме разонода, интересни содржини, да воспоставиме комуникација со пријателите и со семејството, па се до сериозни работи како плаќање на сметки, управување на финансиите, навистина тешко е да се замисли еден ден без интернет.

Се чини дека интернетот ни овозможува работите да ги вршиме полесно, поедноставно и побрзо. Навистина е неверојатно со која брзина интернетот се менуваше и колку веб дизајнот еволуираше од 1991 година, кога беше објавена правата веб страница. Првата веб страница го означи почетокот на тоа што ќе стане дигитална револуција.

Дизајнерите константно работат на нови идеи и бараат начини на сите да ни овозможат што поедноставно и полесно „сурфање‟ на интернет. Да се присетиме накусо на сите фази на развојот на веб дизајнот во последните 25 години од кога беше објавена првата веб страница.

Првата веб страница

На првата интернет страница која е објавена во 1991 година се појавија 25 зборови со сина боја кои беа подвлечени и со линк поврзани со други страници. Не можеше да се зборува за никаков дизајн, дури подоцна HTML верзиите дозволуваа посложени можности за дизајн.

Во 1993 година настана првиот интернет пребарувач или browser, а помасовна употреба на интернетот почнува од 1994 година.

Средината на 90-тите

До средината на 90-тите години, веб дизајнот еволуираше, како во смисла на структурата, така и во изгледот. Дизајнерите почнаа да користат табели за организирање на содржините, што им овозможи поголема флексибилност и креативност. Веб страниците и понатаму беа со многу текстуална содржина, со тоа што текстот беше поделен во колони, редови и имаше и други навигациски елементи. Анимираниот текст и GIF-овите се само некои од графичките елементи кои го одбележаа овој период во веб дизајнот.

21 век

Околу 2000 година, CSS (Cascading Style Sheets) стана многу популарен. Овозможи системска измена на дизајнот на веб страниците, како што се позадините, големината на текстот и фонтот на текстот во кодови. Дизајнерите повеќе не мораа секоја поединечна страница да ја менуваат и прилагодуваат, наместо тоа можеа да направат стилови кои би се аплицирале на секоја страница.

Со подобро разбирање на боите, се зголеми и употребата на растојанието (whitespace) и се намали употребата на силните бои, како што се неон и силните дречливи бои. Освен што резолуцијата и пикселажата станаа поважни, ова беше период кога функционалноста на страниците стана поважна од другите елементи на дизајнот.

Некои од најистакнатите елементи на дизајнот се прикажани со помош на Јаваскрипт. Иако Јаваскрипт постоеше од средината на 90-тите години, популарност стекна кон средината на 2000 години. Благодарение на Јаваскриптот веб страниците имаа напредна навигација, нови пребарувачи дроп-даун менија и веб обрасци.

Индустриската револуција на веб дизајнот почнува со раѓањето на Web 2.0. Растот на мултимедијалните апликации, имплементацијата на интерактивни содржини, како и ширењето на социјалните мрежи, се некои од карактеристиките на тој модерен период. Освен естетските промени како што се боите, големината на иконите и типографијата, за веб страните е многу важна и содржината.

Денес структурата на страниците стана и тоа како важна и е една од основните алки кога размислуваме за дизајнот на елементите како што се содржината, навигацијата и друго. Со позиционирањето на тие елементи се одредува какво искуство ќе има корисникот во текот на посетата на страницата, т.е. дали интеракцијата меѓу корисникот и веб страната ќе биде позитивна. Исто така, отварањето на веб страните е многу побрзо, а нивната изработка и одржување стана поедноставно и пофлексибилно.

Со развојот на интернет технологијата изработката на веб страните стана многу едноставна и не бара напредно знаење за програмирање т.е. на веб дизајн. Со основно познавање на интернетот и MS Office, веќе во еден ден можете да имате сопствена веб страна. Постојат бројни достапни CMS (Content Management System) платформи за управување на веб содржината. Исто така, со еволуцијата „добивме‟ и напреден CMS како што се drag&drop системите кои со време станаа и тоа како софистицирани. Сега можеме да направиме и дизајнираме страници со употреба на drag&drop систем и опциите за уредување на елементите т.е. содржините. Едноставно и сеопфатно решение за креирање на функционални и професионални веб страни.

За крај можеме да констатираме дека индустријата на веб и графичкиот дизајн се развива со неверојатна брзина. Секоја година донесува нови изненадувања, а новите трендови се повеќе се фокусираат на креирање на поедноставен и пософистициран дизајн.

Веб дизајнот и тоа како се промени од 1990-тите години и можеме само со возбуда да чекаме да видиме што уште ќе се менува во иднина.