“Еуроактив” | Бугарија ја менува тактиката кон С.Македонија

112

Софија поднела предлози поврзани со железницата, патиштата и инвестициите на бугарски компании во С.Македонија. Со планот се опфатени и учебниците.

Бриселски „Еуроактив“, повикувајќи се на дипломатски извори, објави дел од содржината на планот за спроведување на Договорот за добрососедство, кој го подготвила бугарската страна. Софија поднела предлози поврзани со железницата, патиштата и инвестициите на бугарски компании во Северна Македонија. Со планот е опфатено и отворање на кампуси на бугарските универзитети во Северна Македонија, а има и дел којшто се однесува на учебниците по историја.

Според „Еуроктив“, со поднесувањето на својот акциски план Бугарија се обидува да ја промени својата тактика кон Македонија и на некој начин да ја ублажи напнатоста меѓу двете земји. Министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, вчера на специјалниот претставник на македонската влада, Владо Бучковски, му го претставила бугарскиот акциски план за подобрување на односите во кој се вклучени повеќе министерства. Треба да бидат презентирани и македонските предлози по сектори, иако документот за практична примена на Договорот за добрососедството допрва треба да биде одобрен од двете земји, појаснуваат изворите на „Еуроактив“. „Предложениот акциски план е првиот конструктивен чин на властите во Софија откако вицепремиерот Красимир Каракачанов во септември објави дека ќе биде блокирана европската перспектива на Северна Македонија“, пишува „Еуроактив“.

Акцискиот план ќе се анализира

Текстот е објавен само еден ден по посетата на специјалниот претставник Владо Бучковски кој го назначи Северна Македонија за затоплување на односите со Бугарија. Тој вчера во Софија имаше средба со вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, која му даде акциски план, за кој македонските власти рекоа дека е одговор на нашиот акциски план. Неговата содржина ќе се анализира во претстојниот период и ќе се гради појасна позиција.

Во изјава за МИА, Бучковски вели дека неговата посета на Софија била во функција на Акцискиот план, предложен од наша страна, кој опфаќал теми за Коридорот 8, образованието, економијата, културата.

„Очигледен е интересот на двете страни да не се дозволи замрзнување на односите или комуницирање само преку медиуми или преку посредници. Нашата блискост како два народи и две држави со заеднички моменти од минатото и заеднички погледи кон историјата не упатува и двете страни да преземаме чекори до наоѓање решение, а ваквите работни средби се токму чекор напред кон решение“, вели Бучковски. Бугарското МНР вчера соопшти дека Бугарија предложи акциски план за соработка со Република Северна Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и оти документот се однесува на сите ресорни министерства, а се очекува да биде потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (согласно член 12 од Договорот).

Чиј е планот?

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, во интервју на ТВ Телма појасни дека тоа што вчера го добиле како одговор од Бугарија е всушност нивно гледање на нашиот акциски план, односно размена на идеи по однос на тој план. Акцискиот план, како што посочи тој, го предложил на неговата прва посета во Софија како начин да се воспостави прецизна агенда помеѓу линиските министерства во нивната соработка за потоа да го предложат како конкретен план на задачи и активности откако направиле внатрешна координација со сите министерства за сите проекти кои се во тек, се закочени или се планираат. „Бевме договорени дека Република Бугарија ќе одговори на тој наш акциски план. Јас имав комуникација минатата недела со министерката за надворешни работи Захариева и бев во очекување на нивниот одговор“, вели Османи.

Без разлика чиј е предлогот за акциски план, добро е што Македонија и Бугарија разговараат, вели за „Слободен печат“ професорот Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО. Тој додава дека до март нема шанси Бугарија да ја смени својата позиција, но разговорите мора да течат.

„Добра вест е што Македонија продолжи да преговара, со тоа се покажува дека „не сме мртви“ за разлика од времето со спорот со Грција кога тие преговори постојано беа прекинувани. И покрај ова раздвижување, кое е добро, јас лично сум скептик дека до изборите во март во Бугарија нешто битно ќе се промени“, вели тој. Според него, македонското прашање веќе длабоко е дел од реториката во нивната кампања, политичарите оваа тема долго ја топлат за да може наеднаш да го сменат мислењето или да направат отстапка. „Сега ја свртеа играта со акцискот план и тој план е добра подлога после изборите да се дојде до некакво решение“, смета Ружин.

Следната меѓувладина конференција меѓу Скопје и Софија треба да се одржи во Северна Македонија, откако двете страни ќе проценат дека има доволно материјал за да може да се состане меѓувладината комисија, која треба да усвои документи кои потоа ќе бидат усвоени од владите. Досега Експертската историско-образовна комисија има усогласено текст во однос на пет историски личности, два историски периоди се начелно усогласени и тие треба да се преточат во конкретни препораки за учебниците. Според Османи, она што е искристализирано во изминатите четири месеци на преговори е дека Бугарија е на јасна позиција дека не ги спори идентитетските прашања.

Поранешниот амбасадор на САД во Бугарија и еден од ко-авторите на Охридскиот Рамковен договор во Македонија, Џејмс Пердју во интервју за „Дојче Веле“ порача дека прашањата за историјата и јазикот не се доволно значајни за да ги оправдаат непријателските односи меѓу двете земји. „На крајот на краиштата, Северна Македонија е суверена земја. И ниту една држава не треба да има право да принудува друга нација да ја менува својата историја“, вели тој.