Емотивно писмо на Ивана Чолаковска | Патувањето морам принудно да го прекинам од банална причина

233

Објавено May 1, 2016. Прочитано 161976

Пред повеќе од 3 години заминав од мојот дом, се збогував со семејството и пријателите и започнав со патување за кое не знаев кога точно ќе заврши.

На памет ја имав само мислата: Мора да успеам. Не ми беше важно што немав многу пари или искуство за патување со мотор, бев убедена дека ќе успеам да го завршам патот околу свет во една етапа. Да ги поминеме сите континенти со истиот мотор и си ветив дека нема да се вратам дома се додека не ја постигнам целта.

И кога можеби некои од вас замислувате дека ова патување едноставно е само еден годишен одмор, но тоа е далеку од таа дефиниција. Ова не е само голем предизвик, понекогаш е многу повеќе од тоа.

Ми недостасуваше кислород додека ги преминувавме Андите во Боливија, ми пукаа капилари од носот и имав крварење и прстите ми се замрзнуваа кога ја преминувавме планината Памир во зима или имав денови кога морав да го контролирам мојот страв додека кампувавме во една од џунглите на Суматра каде има опасност од тигри, а денеска стравот од мечките Гризли за време на патот до Алјаска.

Полека полека ги надминував сите пречки, бидејќи целта ми изгледаше премногу убава.

Им избегавме на крадците кога сакаа да се обидат да го украдат моторот во Буенос Аирес, и не ми требаше да размислам повеќе од една минута да донесам одлука, кога докторот од Патагонија во Чиле ми кажа дека ногата ми е скршена и морам да ја оперирам во едно мало градче на крајот од Светот.

Секогаш кога ситуацијата се закануваше да стави крај на овој проект стискав заби и не се откажував, и секој пат кога надминував некоја од пречките созревав како личност. Лекцијата што ја научив секогаш бев горда да ја споделам и тој чин на храброст да стане мотивација на некои луѓе што го следат патувањето и им е потребна.

Така и беше. Како што одминуваше времето, сфатив дека мојот сон не е повеќе само мој. Сега, исто така, чувствував обврска да не се откажам, бидејќи со освојувањето на мојот предизвик сакав да им покажам на многумина дека и тие можат да постигнат свој успех. Одеднаш моето патување се претвори во проект.

Исто така, сфатив дека станував еден вид амбасадор на Македонија, кога моите статии се објавуваа во некои од најважните туристички списанија во земји како што се САД, Шпанија, Италија и Франција, и секој пат кога одржувавме презентации и интервјуа на телевизии и радија во сите земји што ги поминавме.

Во секој од тие моменти го презентирав името и историјата на мојата земја на секој ќош на оваа планета и секогаш бев горда. Никој не ми кажа да го правам тоа и никогаш не побарав ништо за возврат, бидејќи едно од моите главни правила е да постигнам сѐ сама со свој труд, а наградите што ги добивав беа илјадници пораки и коментари за поддршка и благодарност од моите сонародници кои најмногу ми значеа.

Понекогаш некои Македонци ме измамија како кога бев во Австралија и ме користеа за да одржат настан каде што продаваа мои фотографии за поддршка на патувањето и парите никогаш не дојдоа до мене, ми го украдоа времето и трудот, но не и желбата за да продолжам напред. Искуство и лекција што ме направија посилна.

Но, овој пат ситуацијата не зависи од мене, не е во мои раце да продолжам напред и да го поминеме и последниот континент Африка.

После 41 земја и 5 различни континенти дојдовме во Канада, каде што планирав да го обновам мојот пасош кој е исполнет со визи и не мислев дека ќе биде некоја комплицирана работа, но овој пат Македонија тоа го направи невозможно.

Поминав три недели инсистирајќи за тоа, јавувајќи се во сите институции и кај сите што ги познавам, дури се обратив и до највисоката политичка функција со барање за помош, објаснував дека имам потреба од нов пасош и дека тоа е мое граѓанско право и дека би сакала да ми овозможат некоја нормална процедура.

Денес се чувствувам сама во Ванкувер, во овој космополитски град каде живеат луѓе од целиот свет. Секој пат кога треба да ја објаснам процедурата и како функционира работата на нашата амбасада ми е срам, и дека после се што поминав за да стигнам до тука тие не сакаат да ми излезат во пресрет.

Денес ми преостанува да го напишам ова писмо за да им кажам на сите оние кои не сакат да ми помогнат дека нема да успеат да го срушат мојот успех и мојот сон. Ќе го смениме правецот и ќе се вратам дома порано од планираното за да извадам нов пасош, но ќе продолжам да патувам и да ги споделувам моите искуства за да ги мотивирам новите генерации, за што поскоро да имаме една подобра држава, отколку оваа што е моментално. И, се разбира дека Македонија ќе продолжи да патува со мене.

Ивана Чолаковска