Стрелките на таканаречениот „часовник за судниот ден“ се поместени поблиску до полноќ од кога било досега, предупредуваат научниците.
Според најновата одлука на Билтенот на атомските научници (BAS), човештвото сега е на само 85 секунди од симболичниот момент што означува глобално уништување.
Ова е за четири секунди поблиску отколку минатата година и претставува најризичната позиција откако часовникот беше воведен во 1947 година, во екот на Студената војна.
Нуклеарни закани, војни и вештачка интелигенција
Како главни причини за новото поместување, научниците ги наведуваат зголемените тензии меѓу нуклеарните сили – САД, Русија и Кина, распаѓањето на договорите за контрола на нуклеарното оружје, тековните конфликти во Украина и на Блискиот Исток, како и брзиот и нерегулиран развој на вештачката интелигенција.
Особена загриженост предизвикува интеграцијата на вештачката интелигенција во воените системи, нејзиниот потенцијал за создавање биолошки закани и нејзината улога во ширењето дезинформации на глобално ниво. Дополнителен ризик претставуваат и климатските промени, пренесува Ројтерс.
„Најблиску до апокалипса“ досега
„Ова е најблиската точка до апокалипсата во историјата на часовникот“, соопшти Универзитетот во Чикаго, под чија капа работи Билтенот на атомските научници.
Претседателката на BAS и експерт за нуклеарна политика, Александра Бел, истакнува дека часовникот е показател за глобалните ризици, но и за „системските неуспеси на светското лидерство“.
Опасен тренд на глобално управување
Бел предупредува дека светот сè повеќе се движи кон „неоимперијализам и орвеловски модели на управување“, тренд што директно придонесува стрелките да се доближуваат до полноќ. Во последните четири години, научниците трипати го поместија часовникот нанапред.
„Во 2025 година, во однос на нуклеарната безбедност, ништо не се движеше во вистинската насока“, вели Бел.
Распад на договори и ризик од ескалација
Долгогодишните дипломатски рамки за контрола на нуклеарното оружје се под сериозен притисок или целосно се уриваат. Се зголемува ризикот од нови нуклеарни тестирања, расте загриженоста за ширење на оружјето, а неколку воени конфликти се одвиваат под сенката на нуклеарна ескалација.
Како особено опасни жаришта, Бел ги посочува војната во Украина, американско-израелските напади врз цели поврзани со Иран, како и тензиите меѓу Индија и Пакистан – двете нуклеарни сили. Дополнителна нестабилност доаѓа од Корејскиот Полуостров, заканите на Кина кон Тајван и зголемените тензии во Западната хемисфера по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
Истекува клучниот нуклеарен договор
Последниот важечки договор за ограничување на нуклеарното оружје меѓу САД и Русија – „Нов почеток“ – истекува на 5 февруари. Рускиот претседател Владимир Путин предложи продолжување на ограничувањето од 1.550 боеви глави најмалку уште една година, но официјален одговор од Вашингтон сè уште нема.
Во октомври, американскиот претседател Доналд Трамп ѝ нареди на армијата да продолжи со нуклеарни тестирања, по пауза од речиси 30 години. Последната земја што спроведе ваков тест беше Северна Кореја во 2017 година.
Кој би добил од нова трка во вооружување?
Според Александра Бел, земјата што би имала најголема корист од враќањето на нуклеарните тестирања е Кина, која активно работи на проширување на својот нуклеарен арсенал.
Научниците предупредуваат дека без итни политички и дипломатски чекори, стрелките на часовникот ќе продолжат да се движат – во насока од која нема враќање.
#часовникзасудниотден #глобалнаризик #нуклеарназакана



















