Аспартам ! Нова студија предупредува на можни ризици за срцето и мозокот

466

Нова студија сугерира дека аспартамот, дури и во мали дози, може да влијае врз срцето и мозокот.

Што покажуваат истражувањата?

Аспартамот, еден од најчесто користените вештачки засладувачи во гуми за џвакање, безалкохолни пијалоци и диетални производи, повторно се најде во фокусот на научната јавност.

Нова студија сугерира дека дури и мали количини, доколку се внесуваат подолг временски период, може да имаат негативно влијание врз здравјето на срцето и мозокот.

Истражувањето, спроведено во Шпанија врз глувци, покажало дека животните што редовно консумирале аспартам имале 10 до 20 проценти помалку телесни масти, но истовремено се појавиле знаци на оптоварување на срцето и промени во начинот на кој мозокот ја користи гликозата.

Научниците забележале дека срцата на овие глувци пумпале крв помалку ефикасно, додека кај мозокот биле регистрирани промени што може да се одразат врз меморијата и учењето. Во тестовите за ориентација, животните се движеле побавно и им било потребно повеќе време за да го пронајдат излезот од лавиринт.

Иако аспартамот често се поврзува со зголемен ризик од рак, научните докази засега не ја потврдуваат таа врска. Сепак, претходна голема студија на речиси 13.000 луѓе ги поврза вештачките засладувачи со побрз когнитивен пад, особено кај лицата со дијабетес.

Авторите на најновото истражување препорачуваат децата и адолесцентите да го ограничат внесот на аспартам, сè додека не се утврди со сигурност како овој засладувач влијае врз развојот и функцијата на мозокот.

Тие нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали слични ефекти може да се појават и кај луѓето, како и дали треба повторно да се разгледаат безбедносните граници за негова употреба.