Денес е тешко да се најде некој во светот кој не слушнал за Хирошима и Нагасаки, јапонските градови на кои беа фрлени единствените две атомски бомби во Втората светска војна.
Поради оваа „црна слава“, еден друг ужасен настан од историјата на конфликтот во Пацификот целосно паднал во сенка – американското мартовско бомбардирање на Токио. И, ако некогаш постоел „пекол на земјата“, тој се отворил тогаш… ноќта помеѓу 9 и 10 март 1945 година.
По нападот на Јапонците на Перл Харбор на 7 декември 1941 година, Америка на секој начин барала начин како да и се одмазди на Јапонија. Војната беснеела, јавноста била во шок, а нападот врз Токио изгледал како логичен контранапад. Сепак, поради оддалеченоста на Јапонија од најблискиот аеродром од кој можеле да полетаат американските бомбардери, никој не знаел како всушност тоа да го направи.

Решението го понудиле капетанот Френсис Лоу и потполковникот Џејмс Х. Дулитл, познат цивилен пилот и аеронаутички инженер уште пред војната. Нивниот план предвидувал нападот да го извршат бомбардери кои ќе полетаат од носач на авиони.
Тоа се случило, со таканаречениот „Дулитлов напад“, на 1 април 1942 година со бомбардирање на Токио. Тактички, акцијата била целосно неуспешна – сите бомбардери вклучени во акцијата биле изгубени, а значителен број пилоти убиени или заробени. Меѓутоа, кога веста за бомбардирањето на Токио стигнала до Америка, настанала масовна еуфорија. Целата нација славела, а Џими Дулитл, по враќањето, дочекан како национален херој затоа што докажал дека Јапонија не е недопирлива!
И така започна …

Најстрашното бомбардирање во историјата
Тоа било пресвртница во војната за Пацификот. По неа, Американците масовно ги бомбардирале јапонските градови, особено во текот на 1945 година. Иако Хирошима и Нагасаки се најпознати по фрлањето атомски бомби, Токио всушност ја носи неславната титула на градот кој претрпел најмногу, не само во Втората светска војна, туку и во историја на војните!
Американските бомбардери летале на голема височина каде што јапонската противвоздушна артилерија не можела да ги достигне. Не било особено важно што на тој начин неправилно се фрлале бомбите и што страдаат голем број цивили и цивилни објекти.
И тогаш американските воздухопловни сили дошле до уште пострашна идеја … Бомбардерите ги опремиле со запаливи бомби кои при удар од земја распрскувале врел бензин на сите страни и така се формираат повеќе мали пожари кои пак се соединуваат во голема огнена стихија.
Станбените згради во Јапонија, скоро потполно изработени од дрво, немале никаква шанса …, а исто така ниту луѓето во нив!

Пекол на Земјата
Ноќното бомбардирање на Токио со запаливи касетни бомби ноќта помеѓу 9 и 10 март 1945 година, многумина го сметаат за злосторство против човештвото. Над градот била исфрлена огнена бомба која голтала сè пред себе.
Датумот не е избран случајно – се чекало влажноста да биде мала, воздухот да биде сув и да дува ветер. А, на 9-10 март, условите биле совршени!
Повеќе од три часа американските авиони го бомбардирале градот. Изгореле 41 квадратен километар простор, а огнот што се проширил си го сторил своето. Сведоците подоцна раскажувале дека воздухот бил толку врел што на луѓето им горела облеката. Кислородот целосно исчезнал, така што и оние кои не биле директно погодени од бомбите се задушиле.

Барајќи спас, илјадници луѓе бегале кон реките. Оние што се нашле на мостовите морале да скокаат затоа што металната конструкција била жешка, а асфалтот се топел. Улиците и бреговите биле покриени со трупови изгорени до непрепознатливост, а добар дел буквално се претвориле во прав и пепел.
На крајот, бројките изгледале нестварни. Иако никогаш не бил направен попис на жртвите, се проценува дека над 100 000 луѓе починале во тие три часа, иако некои историчари наведуваат бројка од 200 000. Поради состојбата на телата и фактот што реките однеле некои трупови во океанот, над 90 проценти од жртвите никогаш не биле идентификувани. Околу 1,5 милиони цивили останале без покрив над главата.
Овие индикатори бомбардирањето на Токио на 9 и 10 март 1945 година, го прават најсмртоносен напад во историјата на човештвото.



















