Мистеријата на Романови

2151
Романови

Една воена формација позната како Белогардејци му е лојална на царот. Тие успеваат да се приближат само неколку десетици километри од Екатеринбург. Тоа само ќе ја забрза злата судбина на семејството Романови.

Во летото 1979 година, двајца археолози аматери, Александар Авдонин, геолог по професија, и Гели Рјабов, режисер и писател, во шумата Коптјаки покрај Свердловск (сега и во времето на Романови наречен Екатеринбург), во необележана гробница откриле посмртни остатоци на повеќе лица.

Тие многу добро знаеле на кого му припаѓале најдените черепи, но во тоа време, во Советскиот сојуз сé уште било табу тема убиството и исчезнувањето на последниот Руски цар и неговото потесно семејство. Оттогаш, ќе поминат уште десет години пред да почне да се отплеткува мистеријата за крајот на едно од најмоќните семејства на дваесеттиот век.

Династијата Романови владеела со Русија повеќе од триста години. Иван Грозни, Петар велики, Катерина велика, се само некои од претставниците на ова владетелско семејство, без кое не може да се замисли руската, но и светската историја.

Во 1894 година, ненадејно умира рускиот цар Александар трети и на негово место доаѓа младиот и неискусен Николај, ненасетувајќи дека неговото владеење ќе го означи крајот на оваа руска царска династија.

Лошо владеење

Во текот на своето дваесетитри годишно владеење, Николај втори Романов, во след на повеќе несреќни настани, предизвикани од одлуки донесени непромислено и на брзина, за многу кратко време од рускиот народ ќе направи свој непријател.

Затворајќи се себеси и семејството во Александровската палата во близината на Санкт Петербург, тој го губи чувството за реалност и за тоа што се случува во државата надвор од ѕидините на палатата. Неговиот престолонаследник, принцот Алексеј боледува од хемофилија (наследно генетско пореметување кое ја нарушува способноста на телото за коагулација на крвта, исто така позната и како кралска болест, наследена од кралицата Викторија, баба на царицата Александра). Николај и Александра се во паника.

Животот на нивниот син единец секојдневно е доведен во прашање. Дури и најмала модринка или засекотина можат да бидат фатални. Барајќи излез од оваа ситуација тие прибегнуваат кон окултното и како единствен кој може да ја контролира здравствената ситуација на младиот принц, тие го прифаќаат контроверзниот свештеник Григориј Распучин.

Тој е озлогласен насилник, пијаница и злоставувач. Неговото присуство во палатата, како и блискоста со царицата Александра, кај широките народни маси, но и кај дел од благородништвото, предизвикуваат потсмев, презир и осуда.

Поразот во Руско-јапонската војна, како и големите загуби предизвикани од желбата на царот, тој лично да раководи со војската за време на Првата светска војна, но и недостатокот на демократски процедури и институции (во тоа време, па и сега, во Русија се владеело со црвста рака и автократски), доведуваат до нагла промена на односот на рускиот народ кон монархијата и прифаќање на, за тоа време, радикални идеи, од анархизам до комунизам.

Зовриениот лонец пука со избивањето на Февруарската буржоаска револуција во 1917 година. Во Русија завладејува двовластие и битка за превласт помеѓу Думата (парламентот контролиран од буржоазијата) и Советите, револуционерни органи составени од селаните и работниците. Ситуацијата веќе подолго време е вон контрола и Николај е приморан да се откаже од тронот и по абдицирањето, со семејството и малубројните верни слуги да замине во прогонство во Сибир.

Останува неодговорено прашањето: Зошто еден од најбогатите луѓе во тоа време во светот, не успева да се спаси употребувајќи го токму своето богатство, како и роднинските врски кои ги има со другите кралски семејства во Европа и зошто неговиот прв братучед, Британскиот крал Џорџ петти, не му дава прибежиште, како што тоа го прави за својата тетка, царицата Марија Феодоровна, мајката на Николај?

Куќа за посебна намена

Царското семејство, под будното око на револуционерната војска е најпрво префрлено во Тоболск, а потоа во Екатеринбург. За место каде што ќе престојува поранешниот цар е избрана куќата на трговецот Ипатиев, пред се, поради високата ограда која се простира околу куќата.

Во тоа време (октомври 1917 година) Болшевиците веќе пополека добиваат превласт во граѓанската војна и судбината на Николај е во рацете на Вадимир Илич Улјанов, познат како Ленин – лидерот на Руските комунисти и голем противник на царизмот. Токму во времето на Александар трети (таткото на Николај), властите го затвораат и погубуваат постариот брат на Ленин. Сега доаѓа време за одмазда.

За командант на стражата во куќата на Ипатиеви е избран стариот револуционер и болшевик Јаков Јуровски, кој кон царското семејство се однесува со презир и многу строго, а наредбите ги добива од Ленин и Свердлов (раководителот на Централниот извршен комитет на Серускиот конгрес на советите).

Но, руската болшевичка револуција се уште не е завршена, а во земјата се уште беснее граѓанска војна. Една воена формација позната како Белогардејци му е лојална на царот. Тие успеваат да се приближат само неколку десетици километри од Екатеринбург.

Царот Николај Втори со своите ќерки за време на Првата светска војна. Од лево кон десно неговите ќерки се: Марија Романов, Анастасија Романов, Олга Романов, Татјана Романов.

Тоа само ќе ја забрза злата судбина на семејството Романови. Плашејќи се дека евентуалното ослободување на царот ќе може нагло да го смени односот на силите во граѓанската војна, Ленин и Свердлов ја носат конечната одлука и му ја соопштуваат на Јуровски.

Ноќта помеѓу 16 и 17 јули 1918 година, Јуровски им соопштува на своите затвореници дека е донесена одлука за нивно дислоцирање поради воените дејствија во близината и им наредува да се облечат и подготват за пат.

Покрај царското семејство кое го сочинувале царот и царицата, четирите принцези Олга, Татјана, Марија и Анастасија, како и принцот Алексеј, во куќата на Ипатиеви, биле и Боткин-царскиот лекар, Демидова-слугинката на царицата, Аритонов- главниот готвач и Трупп-лакејот на царот (овие четворица веќе одамна одлучиле да ја следат судбината на своите господари).

Единаесетте затвореници се подготвиле за своето најавено патешествие не насетувајќи дека тоа ќе им биде последно. Сите биле спроведени во подрумските простории на куќата каде Јуровски им ја прочитал смртната пресуда, по што, присутните стражари веднаш отпочнале да пукаат. Но, ситуацијата не била онаква каква што претпоставувале дека ќе биде. Имено, куршумите почнале да се одбиваат од телата на присутните.

Цар Николај II, 1915-1916 година.

Егзекуторите не ни претпоставувале дека големи количини на дијаманти биле сошиени во облеките на царското семејство претставувајќи штит од дождот од куршуми. Агонијата траела многу долго, а пискотниците од ранетите несреќници се слушале во ноќта, се додека Јуровски лично на секој од затворениците не испукал по еден куршум во главата. Потоа, завладеала тишина.

Тишина која траела седумдесет и една година, сé до падот на комунизмот во Советскиот сојуз и признанието на Авдонин и Рјабов дека тие ги пронашле земните останки на последниот руски цар и неговото семејство. Била извршена ДНК анализа во која се земени примероци од најдените коски и споредени со оние на живите наследници на семејството.

Меѓу нив, како од далечен роднина, биле земени и примероци од ДНК на, скоро починатиот, принц Филип, сопругот на британската кралица Елизабета втора. ДНК анализата недвослислено утврдила дека најдените тела им припаѓале на членовите на руското царско семејство и нивната придружба.

Но, мистеријата не завршува тука. Ексхумацијата на телата покажала дека од необележаната масовна гробница во шумата во близина на Екатеринбург недостасувале две тела. Истрагата утврдила дека тоа биле телата на принцот Алексеј и принцезата Марија. Потрагата по втората гробница траела се до 2007 година кога конечно и нивните останки се најдени и идентификувани.

Романови во посета на полк за време на Првата светска војна. Од лево кон десно: Анастасија, Олга, Николај Втори, Алексеј, Татјана и Марија. Зад нив се Кубанските Козаци.

Со тоа се стави крај на една трагична и неизвесна судбина која го одбележа целиот дваесетти век. Случувањата од јули 1918 година беа повод за многу книги, документарни и играни филмови, но и тема за разни конспиративни теории за преживеани од Екатеринбушкиот масакр кои се уште ги обвиткуваат овие настани со велот на мистеријата.

Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!

Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.