Те сакам безусловно
Децата знаат да бидат многу немирни и тоа честопати резултира со кршење на некој предмет, валкање, паѓање и слично. Можеби тоа ви предизвикува нервоза и понекогаш се чувствувате како да сте при крајот со нервите, но никогаш не дозволувајте вашето дете да се чувствува помалку сакано поради лошата постапка. Децата секогаш треба да знаат дека родителите не им поставуваат услови и дека тие се сакани од страна на родителите дури и кога прават грешки.
Пријателите си доаѓаат и си одат
Многу е важно вашето дете уште од мало да го научите дека низ животот ќе запознава нови луѓе и често ќе ги губи контактите со оние кои веќе ги познава. За жал, многу луѓе во текот на животот нè разочаруваат и вртат грб, па затоа вашето дете треба да биде спремно на тоа за да не се обесхрабрува. Доколку сега има поголем број на другарчиња, со кои е многу приврзано, треба да му дадете до знаење дека можеби по десет години веќе нема да другарува со нив. Можеби нови лица ќе ги заземат нивните места и тоа е сосема во ред.
Смеј се, на цел глас
Децата многу сакаат да се смеат и тоа гласно, па затоа голем број од родителите ги караат своите деца и ги тераат да бидат потивки. Затоа, дозволете му на вашето дете искрено да му се радува на животот и искрено да се смее на целиот глас, без да се плаши дека на некого тоа му пречи.
Се гордеам со тебе, бидејќи работеше напорно
Секое дете поседува некој вроден талент, без разлика дали се работи за пеење, цртање, играње или одлично му оди математика. Но, покрај талентот детето се труди да работи напорно за да постигне нешто, затоа е многу добро постојано да го фалите за неговиот труд.
Предметите се само предмети
Иако вашето дете е сè уште мало и не разбира многу работи, тоа не значи дека нема да порасне во личност којашто ќе сака да има вредни и скапи работи, како на пример брендирана облека, скап мобилен телефон, скап авотмобил и слично. Затоа, уште од мало учете го дека материјалните работи не вредат и не го дефинираат како личност.
Благодарам и Те молам
Родителите се секогаш пример за своите деца, па затоа децата се трудат да ги копираат своите родители. Затоа, бидете личност којашто сакате вашето дете да ја види. Почесто зборувајте убави работи и почесто кажувајте ги зборовите „благодарам“ и „те молам“, па на тој начин и вашето дете ќе почне да ги употребува.
Што правеше денес?
Постојано интересирајте се за тоа што вашето дете правело во текот на денот и терајте го да ви раскажува за сè од неговиот живот. Ако некогаш не сака да одговори на прашањето тогаш поставете му поконкретни прашања, како на пример: „Што нацрта денес?“ или „Со кои играчки си играше денес?“. На овој начин ќе направите вашето дете да има желба да споделува повеќе со вас и да биде поискрено.
Верувам во тебе
Секое дете има свои соништа, па затоа трудете се да ги подржувате соништата на вашето дете. Верувајте во него и научете го тоа да верува во себе. Ако некогаш погреши, охрабрувајте го да се обиде повторно и постојано бодрете го и повторувајте му дека верувате во него. Сите правиме грешки! Кога вашето дете ќе направи некоја беља, ќе искрши чаша или ќе истури нешто на подот, не реагирајте веднаш бурно. Детето сигурно ќе биде тажно поради тоа што се случило, па затоа дадете му до знаење дека му ја простувате грешката и дека не е ништо страшно, на секого може да му се случи. Дајте му до знаење дека сите прават грешки, но важно е да се учи од грешките.
Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!
Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.



















