Секој ден кажуваме неколку илјади зборови, барајќи нешто и објаснувајќи го она што мислиме, сакаме, планираме…
СО ГОВОРОТ ДОБИВАМЕ ОНА ШТО НИ ТРЕБА, ОСТАВАМЕ ВПЕЧАТОК НА ДРУГИТЕ И ГО ПОКАЖУВАМЕ СВОЕТО ЗНАЕЊЕ!
Пелтечењето го нарушува ритамот на говорот, течноста, темпото, мелодијата, но тоа исто така влијае на човечката психа. Може да доведе до страв од говор, избегнување контакти и несигурност. Затоа, веднаш реагирајте ако забележите дека вашето дете пелтечи, побарајте совет од логопед и спречете понатамошно пелтечење. Најдобрите решенија честопати се многу едноставни, но истите треба да се спроведат навреме.
Што да направите ако забележите дека вашето дете пелтечи?
Секогаш најдете време за вашето дете, внимателно слушајте го и гледајте го додека ви зборува. Ќе имате време да одговорите на пораките, да остварите телефонски повици и да прочитате различни вести.
Бидете трпеливи, обидете се да не го прекинувате или брзате. Дури и ако не кажете нешто директно на вашето дете, тој по вашиот говор на телото точно ќе знае што мислите и ќе ги препознаете вашите емоции, грижи, брзања, нервози… Опуштете се и овозможите му на вашето дете да се опушти.
Не му префлајте на вашето дете за пелтечењето (на пр., “Еве пак д’ткаш! Кажи го тоа побргу!”). Обидете се да не придавате толку голема важност на нешто што е кажано во овие ситуации, туку концентрирајте на суштината и на она што детето сакало да ви го каже.
Охрабрете го вашето дете со насмевка, пофалете го кога се обидува и прави нешто добро, зајакнете ја самодовербата кај детето и позитивната слика за себе! Дете во кое верувате со сето свое срце и самото ќе верува во себе, а тогаш ниту една животна тешкотија нема да му биде нерешлива.
Нема потреба да го вклучувате во премногу различни активности покрај градинката. Градинката нуди организирани и фокусирани активности во група, а по неа детето треба да се одмори и да се релаксира со семејството без премногу попладневни планови и гледања на часовникот. Детето е дете и најважно е да се игра! Најважните работи се учат дома и од родителите!
Зборувајте полека со вашето дете користејќи пократки реченици и едноставен вокабулар разбирлив за детето. Читајте книги и раскажувајте му различни интересни и поучни приказни. Побарајте од вашето дете и тоа да ви раскаже приказна, доколку сака, или да ги раскаже впечатоците од градинката. Одглумете нешто заедно пред баба и дедо, и пред други блиски.
Ограничете го гледањето на телевизија и внимателно изберете содржини со јасни слики и правилен говорен пример. Децата знаат одлично да се играат и забавуваат без телефони, таблети и телевизија.
Ако детето пелтечи на одреден збор, понекогаш можете полека и ненаметливо да повторите правилно по него она што сакало да каже како потврда дека сте го разбрале.
Обидете се да ги избегнете расправите пред вашето дете. Љубовта и почитта во семејството се најважни за мирот на детето и безгрижното растење.
Подгответе ги членовите на семејството и пријателите дека вашето дете можеби ќе пелтечи. Објаснете им да не го задеваат кога тоа ќе се случи.
Важно е на детето да му се обезбеди доволно часови спиење. Вечераjте заедно и подгответе го за спиење. Уморното дете пелтечи многу повеќе.
Контактирајте логопед и навремено информирајте го ако забележите дека вашето дете пелтечи.
ПЕЛТЕЧЕЊЕТО НЕ Е ПРОБЛЕМ, ТОА Е ЧЕСТО МОМЕНТАЛНА ПОТЕШКОТИЈА КОЈА СО МНОГУ ПОДДРШКА, ЉУБОВ И ТРПЕНИЕ МОЖЕ УСПЕШНО ДА СЕ НАДМИНЕ!
Дури и ако пелтечењето продолжи во текот на животот, тоа не е пречка за остварување на квалитетни врски, наоѓање пријатели и добра работа, се додека детето односно човекот верува во себе и има многу самодоверба.
Подготви педагог Виолета Крстевска Васиќ



















