Промоција на книгата „Водопад меѓу две раце“ од членови на клубот „Млади библиотекари“ во ООУ „Војдан Чернодрински“ – Скопје

90

Утре, вторник, 26.5.2026 со почеток во 18:30ч. во спортската сала на ООУ „Војдан Чернодрински“ во Скопје, ќе биде промовирана збирката „Водопад меѓу две раце“ -песни и писма напишани од членовите на училишниот клуб „Млади библиотекари“ под менторство на Дијана Петкова, а во издание на ПНВ Публикации.

Збирката ќе ја промовира проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска, стихови ќе читаат актерката Христина Цветаноска и учесниците во проектот, а модераторка е Јулијана Величковска.

Проектот „Водопад меѓу две раце“ е инспираиран од поетската збирка „Дениција“ на Петре М. Андреевски. Изработен е во учебната 2024/2025 година и е придонес во одбележувањето на деведесетгодишнината од неговото раѓање.

Песните во збирката „Водопад меѓу две раце“ се пресоздавање на песните за Дениција од истоимената збирка на Петре М. Андреевски. Збирката содржи 51 песна и 16 писма. Поделена е на три циклуса. Песните од првиот циклус Капе светлина се создадени со користење на техниката затемнување на околниот текст, во песните од циклусот Светлосни преѓи/Постојана убавина, користена е техниката книжевен колаж, а во третиот циклус Писмо дo сакана личност, техниката писмо до себеси, а потоа секој напиша писмо до сакана личност.

Средствата од продажбата на книгата ќе се искористат за набавка на новите лектирни изданија за учебната 2026/2027 година.

Дијана Петкова