Благовештение на Пресвета Богородица – Благовец

1206

Светиот апостостол и евангелист Лука најдетално го опишал настанот кој, всушност е почеток на Божјата промисла за спасението на светот и човекот.

Евангелскиот текст кој сведочи за настанот, е најава за безгрешното Христово зачнување од Светиот Дух и Дева Марија. Овој ден го обележуваме и празнуваме како благовештение, блага вест, добра вест од Бога кон Пресвета Богородица Дева Марија, а во народот е познат како Благовец.

Марија и Јосиф биле свршеници, всушност Марија му била доверена на Јосиф и тој се грижел за неа, повеќе како татко отколку како свршеник. И двајцата биле набожни луѓе кои ги познавале светите книги и ги читале пророштвата и ветувањата Божји дека еден ден, Бог ќе испрати Спасител, кој ќе го избави човечкиот род од гревот и смртта. Седејќи во домот на Јосиф, Дева Марија ја читала книгата на пророкот Исаија и токму кога стигнала до стиховите:

„Девица ќе зачне и ќе роди Син…“, пред неа се појавил ангел и и се обратил со зборовите: „Радувај се благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“ (Лука 1, 28)

Бог, во еден момент од историјата, ја одбрал најчистата и најдостојната од женскиот род, Девицата Марија, за преку неа да го отвори патот кон спасението и да ги исполни пророштвата.

Од оваа неочекувана средба со ангелот, Марија многу се исплашила. За неа биле неразбирливи зборовите на ангелот благовестител, кој чувствувајќи ја нејзината збунетост продолжил:

„Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот…“ (Лука 1, 30-32) Но, овие зборови не го смириле стравот на Марија и таа воопшто не очекувала дека еден обичен ден во нејзиниот живот може да биде исполнет со ваков настан, и затоа продолжила да го прашува ангелот: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?“, а ангелот и одговорил: „Светиот Дух ќе дојде на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји.“ (Лука 1, 34-35).

Иако пречистата Дева Марија ги познавала пророштвата, таа сепак останала збунета и исплашена и многу размислувала за зборовите кажани од ангелот. Нејзиното срце било исполнето со голема радост.

Бог го создал човекот, но Божјото создание отпаднало од Бога нарушувајќи ја рајската заповед. Сепак, човекољубивиот Бог, не го оставил човекот вечно да талка по темнина – кога се исполнило времето, преку архангелот Гаврил, ја објавил благата вест дека, ете, Светиот Дух ќе слезе на избраната помеѓу жените – Дева Марија, и дека таа ќе Го роди Спасителот на светот и човекот.

Токму оваа блага вест, оваа добра вест е почеток на нашето спасение, почеток на конечната победа на животот над смртта со која бил проколнат човекот – токму овој ден, со голема радост, го нарекуваме почеток на празниците.

Автор Жагор

Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!

Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.