Зошто жените со години остануваат во врска со насилник?

952

Никогаш не треба да ја осудувате жртвата на семејно насилство што не си заминала од насилникот.

Насилниците се големи манипулатори кои на своите жртви им го „перат мозокот“, па прават што сакаат со нив.

Прашањето што скоро секоја жена, жртва на насилство го слуша е „Зошто и понатаму си со него?“ Другите луѓе тоа не го разбираат, а ни самите жртви не го сфаќаат.

Психологот Роберт Ли Лифтон го има проучувано циклусот „перење мозок“ на жртвите на семејно насилство. Тактиките кои насилникот ги користи се слични на оние кои се употребуваат кај воените затвореници или кај припадниците на секти.

Еве што точно се случува, во 8 фази:

Насилникот го напаѓа нејзиниот идентитет

Кога некој се обидува да контролира друга личност, го напаѓа нејзиниот идентитет. Почнува да ѝ зборува на жртвата работи како „Ти си безвредна. Не си добра мајка. Дебела си, не личиш на жена. Грда си, никој не те посакува“.

Таквите напади се повторуваат со денови, недели, а понекогаш и со години. Како резултат на тоа жртвата станува дезориентирана, збунета и почнува да се сомнева во тоа што верувала дека е вистина. На крајот ги усвојува наметнатите уверувања.

Наметнува чувство на вина

Вината е ефективна тактика во контролата на умот и се воспоставува на различни начини. Насилникот ја критизира жртвата од било каква причина, а најчесто и без причина.

„Ова е твоја вина. Ти ме натера на ова. Да не го кажеше тоа немаше да те удрам“. Насилникот во жртвата ќе всади чувство на вина поради тоа што не се сложува со него или не ги исполнува неговите очекувања. Може да ја увери дека го заслужува тоа што ѝ се случува.

По нападот на идентитетот, постојаните критики резултираат во тоа жртвата да верува дека казнувањето и злоставувањето е оправдано. Вината лесно може да се претвори во срам. Чувството на вина, понижување и срам ја уништуваат самодовербата. Кога се срами жртвата почнува да верува дека таа е лошата личност.

Предавство на самиот себе

Еднаш штом жртвата ќе биде преплавена со вина и срам почнува да ги напушта личните уверувања и одлучува штетно. Го прекинува односот со семејството и пријателите и почнува процес на изолација. Насилникот смета дека семејството и пријателите се закана за нивниот однос. Дури и ќе ги обвинат за проблемите во врската. Жртвата ги издава своите уверувања и луѓето кон кои чувствува лојалност, а со тоа во неа се зголемува чувството на срам и вина. Со тоа жртвата станува сè поизолирана и зависна од насилникот.

Крајна точка

Во овој момент жртвата не се препознава себеси, не знае која е, изгледа како да го губи допирот со реалноста. Тоа е поради техниките на излудување кои насилниците ги користат за да ја турнат жртвата преку работ. Обид на една личност да ја избрише реалноста на друга личност, на пример со вакви зборови: „Ти си луда, тоа никогаш не се случило. Измислуваш, тоа е само во твојата глава. Параноична си.“

Жртвата е збунета и дезориентирана од излудувањето и полнењето на нејзиниот мозок со искривена верзија на реалноста. Постојано се преиспитува и се чувствува депресивно, трауматизирано, напнато. Се појавува несоница и параноја, некои тоа можат да го наречат нервен слом. Жртвата станува привремено неспособна нормално да функционира во секојдневниот живот, доведена е до состојба на беспомошност, безнадежност и апсолутна исцрпност.

Олеснување и можност

Токму кога жртвата буквално не може повеќе да поднесува, насилникот станува поблаг и нуди кратка епизода на љубезност. Поради тоа жртвата чувствува длабока благодарност. Прегратката, комплиментот и слично можат да дадат чувство на лажна надеж кај неа и се создава чувство дека мора да биде уште подобра, со надеж дека ваквите моменти ќе бидат почести. Сите овие непредвидливи реакции се штетни за менталното здравје, насилникот еден ден може да биде фин, а другиот ден насилен, тоа создава голема количина на стрес.

Принудено признание

Жртвата е толку благодарна поради малиот гест љубезност меѓу периодите на злоставување и манипулација па почнува да се сложува со критиките, соочена е со силен контраст меѓу остра критика и злоставување и чувство на олеснување. Во овие моменти таа се труди да го отстрани тој лош“ дел од себе и да создаде нов идентитет. Почнува да ги усвојува уверувањата и вредностите всадени од насилникот, со цел повторно да ги доживува тие моменти на љубезност.

Насочување на вината

Жртвата не знае што згрешила, само знае дека е виновна. Почнува да се чувствува виновна поради тоа која е и поради тоа во што верува. Тоа создава празнина и можност насилникот уште поцврсто да го наметне чувството на вина.

Целосно отфрлање на идентитетот

Во оваа фаза жртвата станува свесна дека не е толку лоша, но системот во кој верува е лош. По целосно признание процесот на отфрлање на стариот идентитет е завршен. Сега насилникот нуди нов идентитет, каков што му одговара нему.

Важно е да се има на ум дека злоставувањето може да биде успешно само ако се случува во тишина. Колку побрзо се побара помош толку подобро. Ако вам ви се случува нешто слично, разговарајте со некој за тоа, не ги чувајте во себе лошите чувства. Немојте да се срамите, причина за срам има единствено тој што врши насилство над вас.