Велигденски верувања | Оној кој на Велики петок ќе ја измие косата цела година нема да го боли глава

53

Во разни делови на земјата важат различни обичаи. Некои вапсуваат јајца на Велики четврток, некои на Велики петок, други на Велика сабота. Некои ги вапсуваат јајцата само со црвена боја или со кромид, а некои ги шараат. Според некои верувања црвената боја ја означува божествената природа, додека сината ја означува човековата. Затоа во некои делови од Македонија јајцата се вапсаат во овие две бои.

Во многу места во Македонија, домаќинката прво се прекрстува, се помолува, а потоа во тенџерето во кое ги вари велигденските јајца истура малку светена вода и тоа главно водата која е светена во текот на велигденскиот пост.

Според обичајот, првото јајце се вапсува со црвена боја и се смета за чувар на куќата. Тоа се чува сè до следната година. Во некои краишта јајцето од претходната година се става кај стоката, додека во некои се затрупува во мравјалник.

Во текот на Велика сабота, домаќинките главно подготвуваат храна за Велигден. А за денот Велигден се станува порано и се легнува навечер порано. Домаќинката подготвува вода за миење на семејството во која се става првото јајце, дрен, босилек и здравец.

Домашните треба да присуствуваат на Велигденската литургија, а по враќањето дома да се омрсат прво со велигденски јајца. Сите од семејството се кршат со вапсаните јајца.

Ако Велигден се паѓа во време пред Ѓурѓовден, тогаш во некои краишта за Велигден не се јаде јагнешко месо.

За Велигден се меси погача, која се украсува со плетенки и во која се прават длабнатини. Во длабнатините се ставаат велигденски јајца. И овој обичај варира од место во место. Некаде се месат повеќе погачи и потоа се разменуваат со пријателите.

Во некои делови од Македонија за децата се кријат колачи и јајца во домот и во дворот, а тие почнуваат да ги бараат веднаш по велигденскиот појадок.

Во градовите се украсува домот со нови украси и декорации. Во селата куќите се украсува со цвеќе.

Постои верување дека ако девојка на овој ден украде цвеќе од црквени порти и го стави под перница, ноќта пред Велика сабота ќе го сони својот иден маж.

Се верува дека оној кој на Велики петок ќе ја измие косата во текот на целата идната година нема да го боли глава, под услов никогаш да не ја мијат косата во петок.

Исто така, според некои верувања, ако куќата малку се „замете “ со метла, која потоа ќе се фрли, со неа ќе се исфрли сето зло од дома. Метлата е симбол кој го чисти злото, така што оние кои метат зад себе го чистат сето лошо во нивниот живот. Во овој случај метлата е метафора дека „се очекува време на чистота бидејќи доаѓа крај на очајувањето и влегуваме во прекрасен празник“.

Жените никако не смеат да земат игла в рацете, бидејќи се верувало дека ќе им излезат пликови.

Според верувањата, на овој ден најдобро е да се калемат овошки, бидејќи сè што ќе се накалеми на овој ден, се фаќа.

Интересно е верувањето особено за оние кои страдаат од мигрена, дека треба да ја измијат косата на Велики петок и во текот на целата идна година нема да имаа главобилки, под услов никогаш да не ја мијат косата во петок.