Темната страна на заштитата на животната средина | Кесите за повеќекратна употреба можеби изгледаат еколошки, но…

1046

Одговор за тоа која е најзелената алтернатива на пластичната кеса за еднократна употреба не е едноставен, но постои.

Ограничувања за употреба на пластични кеси за еднократна употреба, кои лебдат по дрвјата, внесуваат микропластика во почвата и водата и им штетат на морскиот живот, постојат во многу земји во светот, но ваквата успешна приказна во заштитата на животната средина крие еден проблем, пишува CNN.

Многумина од нас се дават во кеси за повеќекратна употреба – платнени кеси или подебели, потрајни пластични кеси кои трговците ги продаваат евтино или ги подаруваат на клиентите како поеколошка алтернатива на пластиката за еднократна употреба.

Тие купишта кеси создаваат нови еколошки проблеми бидејќи кесите за повеќекратна употреба имаат многу поголем јаглероден отпечаток од тенките пластични кеси.

Според една проценка, памучната кеса треба да се користи најмалку 7.100 пати за да биде навистина еколошка алтернатива на конвенционалната пластична кеса.

Одговорот за тоа која е најзелената замена за пластична кеса за еднократна употреба не е едноставен, но советот се сведува на ова: Повторно употребете ги сите кеси што ги имате дома, колку што можете повеќе пати.

Еве неколку работи што треба да ги имате на ум кога одите во трговски центар или самопослуга.

Хартиена кеса

Добронамерните забрани и ограничувања за пластика за еднократна употреба во некои случаи имаат несакани последици, а во Њу Џерси овогодинешната забрана за пластични и хартиени кеси за еднократна употреба значи дека услугите за испорака на намирници почнале да користат подебели кеси и клиентите сега се жалат на купишта кеси за повеќекратна употреба што ги носат, и не знаат што да прават со нив.

Во ОК, просечниот човек сега купува само три кеси за еднократна употреба годишно, што е помалку од 140 во 2014 година.

Сепак, според податоците на Greenpeace, британските супермаркети продале 1,58 милијарди издржливи пластични кеси во 2019 година, што е 57 по домаќинство и повеќе од една кеса неделно. А тоа е зголемување од 4,5 отсто во однос на 2018 година.

Ова сугерира дека моделот на понуда на поиздржлива пластика за да се поттикне нивната повторна употреба едноставно не функционира, пишува CNN.

„Ако компаниите само ни даваат подебели пластични кеси, би рекол дека политиката е тотален неуспех“, рече Judith Enck, поранешна регионален администратор на Агенцијата за заштита на животната средина и сега претседател на Beyond Plastics, американска непрофитна организација која работи на запирање на загадувањето со пластика за еднократна употреба.

Кога станува збор за проценка на влијанието врз животната средина на вреќата во текот на нејзиниот животен век, треба да се земат предвид многу различни работи: материјал, тежина, процес на производство и како се отстранува.

Издржлива пластична кеса за пазарење направена од ист материјал како класична пластична кеса за еднократна употреба, но двојно потешка има двојно поголемо влијание врз животната средина освен ако не се користи повеќе пати, што ја прави тенка пластична кеса за еднократна употреба побениген избор врз основа на влијание врз климата.

Клучот за да се направат издржливи пластични кеси е во нивната упорна повторна употреба и внимателно отстранување за да не завршат како пластично загадување.

Извештајот направен за Програмата за животна средина на Обединетите нации 2020 година покажува дека трајната полипропиленска кеса треба да се користи приближно 10 до 20 пати повеќе во споредба со пластичната кеса за еднократна употреба, додека полиетиленската кеса за еднократна употреба треба да се користи пет до 10 пати повеќе од пластичнита кеси за еднократна употреба.

Памучна кеса

Секогаш ќе има моменти кога ќе ги заборавиме нашите торби или кеси за повеќекратна употреба дома. Треба да се трудиме да не го правиме тоа, но кога го правиме, мора да купиме кесичка. И ако веќе имаме премногу издржливи кеси дома, од климатски аспект би било подобро да купиме хартија или пластична кеса за еднократна употреба, рече Tomas Ekvall, еден од авторите на извештајот на UNEP и доцент на Технолошкиот универзитет Chalmers во Шведска.

Памучната кеса стана евтин статусен симбол за сите брендови и поединци кои сакаат да ја избегнат пластиката и да ја покажат својата зелена ориентација.

Но, памукот е култура интензивна за ресурси која користи значителна количина на пестициди и ѓубрива, кои внесуваат нитрати во почвата и водните патишта и резултираат со формирање на азотни оксиди, гас на стаклена градина. Тоа значи дека неговото влијание врз животната средина е поголемо отколку што мислат многу луѓе.

Според извештајот на UNEP, памучната кеса треба да се користи 50 до 150 пати за да има помало влијание врз климата во споредба со една пластична кеса за еднократна употреба.

Извештајот од 2018 година на Данската агенција за заштита на животната средина сугерира дека памучната кеса треба да се користи најмалку 7.100 пати за да се намали влијанието врз животната средина во споредба со класичната пластична кеса од супермаркет што се користи еднаш како кеса за ѓубре, а потоа се согорува.

Во тој извештај беа разгледани 15 различни еколошки индикатори, вклучувајќи ги климатските промени, осиромашувањето на озонот, загадувањето на воздухот, водата и користењето на земјиштето.

Меѓутоа, кога истражувањето се сведе само на влијанието на памукот врз климата, памучната кеса треба повторно да се употреби најмалку 52 пати.