Контраинтуитивно, новото истражување од Финска, спроведено на сопственици на електрични и класични возила, откри колку јаглероден отпечаток всушност создаваат на годишно ниво.
Подемот на електричните возила ги направи статусен симбол меѓу еколошки свесните возачи, но студијата на финските научници од University of Turku сугерира дека возењето електрично возило не мора да биде еднакво на позелен начин на живот.
Индивидуалниот отпечаток на CO2 е изненадувачки
Споменатото истражување покажува дека сопствениците на електрични возила во просек имаат поголем јаглероден отпечаток од оние кои возат автомобили на бензин или дизел. И покрај намалувањето на емисиите од нивните возила, раскошниот начин на живот на возачите на електрични возила значително придонесува за климатските промени. Студијата покажа дека типичниот возач на електрично возило произведува приближно 8,66 тони CO2 годишно, половина тон повеќе од просечниот сопственик на класично возило со внатрешно согорување, чии вкупни емисии се околу 8,05 тони годишно. Исто така, откриено е дека сопствениците на спортски модели на електрични возила произведуваат речиси два тона повеќе загадување.
За да дојдат до овие заклучоци, истражувачите анкетирале 3.857 Финци, собирајќи податоци за сопственоста на автомобил, начин на живот, домување, транспорт и навики за потрошувачка за да го проценат нивниот јаглероден отпечаток. Интересно, истражувањето истакна значајна разлика меѓу сопствениците на електрични возила врз основа на нивните приоритети. Оние кои им дадоа приоритет на економичноста и доверливоста на нивните возила, произведуваа помали емисии, во просек 7,59 тони годишно. Спротивно на тоа, сопствениците на електрични возила со перформанси испуштале значително повеќе, во просек 10,25 тони. Имено, тоа значи дека некои сопственици на електрични возила имаат јаглероден отпечаток речиси двојно поголем од оние кои воопшто не поседуваат автомобили, кои произведуваат околу 5,75 тони CO2 годишно.
Сите предности на електручните возила се поништени
Додека возењето електрично возило ги намалува емисиите за околу 19 проценти во споредба со конвенционалните возила, дополнителните емисии на одредени возачи на електрични возила ги засенуваат овие заштеди. Финските научници сугерираат дека поголемиот јаглероден отпечаток на сопствениците на електрични возила главно произлегува од нивниот екстравагантен начин на живот.
Претходните истражувања покажаа дека приходот е најсилниот индикатор за јаглеродот, бидејќи повисокиот приход е поврзан со поголеми домови, како и со повеќе патувања и потрошувачка. Бидејќи домаќинствата со електрични возила имаат високи приходи, нивниот вкупен јаглероден отпечаток е исто така над просекот, според авторите на студијата, објавена во списанието PLOS CLIMATE.
Клучот е во приходот?
Резултатите од тоа истражување откриваат дека значителен дел од сопствениците на електрични возила во Финска имаат повисоки приходи во домаќинството, при што речиси 25 отсто од нив заработуваат повеќе од 7.500 евра месечно. Финските научници тврдат дека зголемениот расположлив приход веројатно води до поголем јаглероден отпечаток, односно емисија на CO2.
Додека некои познати личности проповедаат, статистиката едноставно ги крши
Познатите личности кои се залагаат за транзиција кон електрични возила често имаат значително влијание врз самата околина. На пример, четиричасовен лет со приватен авион може да испушти повеќе од осум тони CO2 – повеќе од годишното производство на просечен човек. George Clooney, познат сопственик на електрично возило, често патува со приватен авион, како и Robert Downey Jr., кој во договорот со Marvel го вклучи и патувањето со авион. Се проценува дека Elon Musk, основачот на Tesla, лета со приватен авион на секои два дена, генерирајќи приближно 2.112 тони CO2 годишно, што е приближно исто како и 260 сопственици на класични автомобили годишно.
Покрај финансиската состојба, студијата покажа дека сопствениците на електрични возила имаат тенденција да имаат повисоко ниво на образование и имаат поголема веројатност да поседуваат домови. Корисниците на електрични возила возат просечно 30.000 километри годишно, двојно повеќе од оние кои не користат електрични возила, што укажува дека многумина ги користат своите автомобили за работа или возењето го сметаат за хоби, заклучуваат авторите на студијата на крајот. .
Извор: Daily Mail