Ова ви е потребно за да се вработите во Facebook

1104

Facebook е еден од најпосакуваните работодавци во светот според многу анкети и истражувања, има 13.000 вработени во 64 претставништва низ светот (најблиската канцеларија до Македонија е онаа во Милано, Италија, н.з.) и планира да расте и понатаму.

Според Business Insider не е воопшто лесно да се вработите во Facebook. Порталот разговарал со одговорната за вработување во Facebook, Миранда Калиновски, која вели дека компанијата бара талентирани кадри кои што ќе бидат посветени на нејзината мисија – “да им дадат на луѓето моќ да споделуваат и да го направат светот поотворен и поповрзан“.

Шефицата на HR одделот на Facebook објаснува дека кандидатите за работи обично поминуваат 4 -5 интервјуа со кои што ќе се утврди дали одговараат на потребите на компанијата.

Првиот круг е телефонско интервју со некој од менаџерите за регрутирање кадри, кој што ќе даде првична оцена за професионалното искуство на кандидатот и неговата страст за работа токму во Facebook.

Ако ова интервју помине добро, кандидатот ќе има “техничко“ телефонско интервју со некој што веќе работи на позицијата за која што тој аплицира. На пример, инженер ќе биде интервјуиран од колега инженер, наместо од HR менаџер кој што обично нема поим од програмирање.

Се разбира, сите овие спроведувачи на овој тип интервјуа поминуваат интензивна обука за да знаат што да бараат кај кандидатите за работа.

Миранда Калиновски

Третото интервју се одвива во простории на компанијата и вклучува тура низ самата компанија заедно со демонстрација на тоа како работи уредот за виртуелна реалност Oculus, за да му помогнат на кандидатот малку да се опушти и да биде поотворен во разговорот.

– Тоа е како двонасочна улица. Кандидатите да дознаат нешто повеќе за нас, а и ние за нив“, вели Калиновски.

Најомиленото прашање за интервју на Калиновски, кое што исто така е популарно и кај други регрутирачи во Facebook е:

“На најубавиот ваш работен ден досега – денот кога сте дошле дома и сте си помислиле дека ја имате најдобрата работа во светот – што направивте?“.