Да се каже „не“ понекогаш е навистина тешко, но вистината е дека може да ви донесе повеќе време за одмор и здрав начин на живот. Секоја личност, од различни причини, постојано кажува „да“.
Понекогаш тоа носи позитивни последици, но со текот на времето сфаќате дека е навистина исцрпувачко. Постојат ситуации кога навистина е потребно да кажете „не“. Важно е да размислувате на вашите приоритети и да избегнувате да ги завршувате работите кои не ви се вистински потребни.
На тој начин нема да трошите премногу енергија и ќе имате време да вложувате повеќе во сите области од вашиот живот, без разлика дали се работи за работата, љубовниот или социјалниот живот.
Зошто да кажете „не“?
Доколку секогаш кажувате „да“ на сите понуди, работни обврски и задачи, услуги и слично, тогаш на крајот од денот ќе се чувствувате преморени и без енергија. Кога кажувате „да“ постојано, тогаш нема да бидете во можност да вложувате енергија во работите и луѓето кои вам ви се важни. Кога не знаете да одбиете некоја обврска или задача, тогаш ја зголемувате работата и можете да дојдете до ситуација да немате време да ги завршите задачите кои всушност ви се обврска и се приоритет. Со тоа што ќе кажете „не“ вие водите грижа за вашето физичко, психичко и емоционално здравје. Можеби на почетокот ќе чувствувате вина, но подоцна вашето тело ќе ви биде благодарно. Особено во моментите кога имате премногу работа, морате да запомните дека кажувањето „не“ е идеалниот избор. Трудете се да не ги прифаќате сите обврски и доколку е возможно дадете ги на некој друг да ги заврши.
Кога треба да кажете „не“?
Иако е подобро да кажете „не“, сепак тоа не треба да го правите постојано. Треба самите да процените кои работи треба да ги прифатите, а кои не. На пример, на работното место кога веќе имате премногу обврски, кои едвај успевате да ги завршите во текот на работното време, тогаш е подобро да одбивате нови задачи. Доколку немате време не прифаќајте да му помогнете на некој колега да заврши со неговите обврски побрзо, со цел да оставите добар впечаток. Исто така, понекогаш е подобро да одбиете вечерно излегување со луѓето кои секојдневно се гледате. Понекогаш е подобро да одвоите време за одмор и да се релаксирате со добра книга и шолја чај. Запомнете дека треба да размислувате на вашите желби и можности. Не дозволувајте да правите работи против ваша волја, бидејќи ви е непријатно да кажете „не“.
Како да се соочите со последиците
Нормално е кога некому ќе кажете „не“, да ви возврати со негативни коментари или критики. Но, сепак вие сте тие што треба да донесете одлука. Важно е да научите како да се справувате со негативните коментари. Погрешно е доколку на критиката или негативниот коментар вратите со иста мера. На тој начин може да прерасне во караница. Никогаш не ги обвинувајте луѓето и не префрлајте им поради тоа што ви побарале помош или ви наметнале некаква обврска. Со тоа можете да го влошите односот. Најдобар и најефективен начин е да бидете сочувствителни и да ги упатите кон луѓе кои би можеле да го завршат тоа што се бара од вас. На тој начин ситуацијата ќе биде од полза и за двете страни. Работата ќе биде завршена, а вие нема да трошите енергија и време за работи кои не сакате.
Колку и да делува тешко, со текот на времето ќе сфатите дека е подобро да одбивате дополнителни обврски. Иако првиот пат ќе ви биде тешко некому да кажете „не“, за брзо време ќе научите да го цените вашето време и здравје и ќе се фокусирате на работите кои вам ви се приоритет. Секако, секогаш внимавајте да бидете фини и да останете во добар однос без разлика на тоа што нема да прифатите некоја работна обврска, покана за забава и слично.



















