Американскиот стартап Bexorg разви технологија со која човечки мозоци од неодамна починати лица можат да останат функционални неколку часа по смртта, со цел да се тестираат идни терапии за Паркинсонова и Алцхајмерова болест.
Во лабораториите на компанијата, мозоците се ставаат во специјални садови исполнети со синтетичка крв и се поврзуваат со систем наречен BrainEx. Технологијата овозможува снабдување со кислород и хранливи материи преку крвните садови, со што мозочните клетки остануваат активни во ограничен временски период.
Компанијата ја основал Звонимир Вршеља, истражувач кој со години работи на невродегенеративни заболувања во САД. Тој стана познат во научната јавност во 2019 година, кога учествуваше во експеримент за делумно обновување на мозочните функции кај свињи неколку часа по нивната смрт — истражување што тогаш отвори голема етичка дебата.
Научниците во моментов ги следат реакциите на мозочните клетки на експериментални лекови, анализирајќи како тие се однесуваат во човечкото ткиво, колку долго остануваат активни и дали предизвикуваат несакани ефекти. По околу 24 часа, мозокот се исклучува и се подложува на дополнителни анализи.
Од Bexorg тврдат дека ваквиот пристап е попрецизен и поетички од класичните тестирања врз животни. Според нив, голем број лекови што покажуваат резултати кај глувци или мајмуни не функционираат исто кај луѓето, додека човечкиот мозок дава многу порелевантни податоци за реалните ефекти на терапиите.
Вршеља посочува дека истражувањата се вршат врз мозочни клетки стари меѓу 60 и 80 години — нешто што лабораториски одгледаните ткива не можат веродостојно да го репродуцираат. Технологијата веќе го привлекла вниманието на фармацевтската индустрија, а компанијата Biohaven подготвува клиничко испитување на лек развиен со податоци добиени од овие експерименти.
Според истражувачите, еден експериментален лек за Паркинсонова болест не покажал резултати кај глувци, но дал позитивен ефект кај човечки мозоци и тоа со значително помала доза од очекуваната.
Сепак, проектот отвора и сериозни етички прашања. Дел од експертите предупредуваат дека постои можност мозоците повторно да развијат одредено ниво на свест или перцепција на болка. Биоетичарите, пак, укажуваат дека во моментов нема доволно јасни правила и надзор за ваков тип истражувања.
Од Bexorg уверуваат дека тоа е невозможно, бидејќи синтетичката крв содржи анестетик пропофол кој ја потиснува електричната активност на мозокот. Според компанијата, мозокот останува активен само на основно биолошко ниво, без можност за создавање мисли, сеќавања или свесни искуства.



















