Редовното „тренирање“ на мозокот може значително да го намали ризикот од деменција и Алцхајмерова болест кај повозрасните лица, покажуваат најнови научни анализи.
Истражување спроведено кај лица над 65 години укажува дека специфичен тип когнитивен тренинг може да го намали ризикот од развој на деменција за околу 25 проценти.
Не се работи за крстозбори
За разлика од класичните логички задачи, научниците користеле интерактивна компјутерска игра што ја тестира способноста за поделено внимание.
Играчите мораат брзо да препознаат одредена визуелна цел додека истовремено се соочуваат со одвлекувачки елементи на екранот. Како што напредуваат, задачите стануваат сè покомплексни и побрзи.
Според д-р Marilyn Albert, професор по неврологија на Johns Hopkins University School of Medicine, станува збор за „задача со поделено внимание“ при која нема јасна свесна стратегија за решавање.
„Овие адаптивни игри користат имплицитно учење – автоматско стекнување вештини без свесност за процесот на учење“, објаснува Алберт.
Како делува тренингот?
Овој тип обука го оптоварува мозокот на начин што не е вообичаен во секојдневието. Тренингот, кој се спроведува по еден час двапати неделно, активира различни мозочни региони одговорни за внимание, обработка на информации и значење на зборови.
Можно е ваквата интензивна стимулација да ја зголеми невронската поврзаност и пластичноста на мозокот, со што се гради т.н. когнитивна резерва – способност на мозокот да одржува нормално функционирање и покрај стареење или болест.
Дополнителни истражувања покажуваат дека ваквиот „брз тренинг“ може да помогне во зачувување на ацетилхолинот – невротрансмитер важен за внимание и фокус.
Д-р Michael Merzenich од University of California, San Francisco за CNN изјави дека станува збор за „фундаментална физичко-хемиска промена“ значајна за здравјето на мозокот.
Само игра не е доволна
И покрај охрабрувачките резултати, експертите предупредуваат дека когнитивниот тренинг е само дел од пошироката стратегија за заштита на мозочното здравје.
„Не постои магично решение – ниту една храна, апликација или единечна активност не е доволна“, вели д-р Richard Isaacson, истражувач за превенција на Алцхајмерова болест.
Според него, потребен е „цел коктел“: урамнотежена исхрана, редовна физичка активност, квалитетен сон, намалување на стресот и позитивни социјални врски.
Заклучокот е јасен – мозокот, како и телото, бара континуирана грижа и предизвици за да остане здрав и функционален во подоцнежните години.



















