Археолозите во Словачка открија локалитет стар околу 7.000 години со останки од најмалку 77 луѓе без черепи, а необичното откритие отвора нови прашања за ритуалите и погребните обичаи во неолитска Европа.
Ископувањата во близина на градот Врабле, кои започнаа во 2022 година, открија два рова во кои биле расфрлани човечки скелети без глави. Необичното откритие, за кое пишува „Science Alert“, ги збунува научниците, иако неолитскиот период е познат по своите сложени и понекогаш брутални обреди.
Античка населба на првите европски земјоделци
Врабле припаѓало на Културата на линеарната грнчарија (LBK), која ги опфаќа најраните земјоделски заедници во Европа. Оваа култура потекнувала од Карпатскиот басен и се проширила низ Централна Европа пред околу 7.500 години.
Населбата се состоела од стотици живеалишта, вклучувајќи големи долги куќи групирани во три квартови, од кои секој зафаќал површина од речиси 16 хектари.
Пронајдени 112 лица, но бројката може да расте
До август минатата година археолозите идентификувале останки од 112 лица, а очекуваат дека бројот ќе се зголемува со продолжувањето на ископувањата.
Дел од починатите биле погребани на вообичаен начин, во гробни јами покрај куќите, заедно со керамички садови и жртвувани млади овци. Но, југозападниот кварт, единствениот опкружен со два рова, бил користен за поинаков вид погребување.
Токму таму биле пронајдени десетици скелети без глави, во различни степени на зачуваност. Единствен исклучок бил черепот на едно дете, пронајден меѓу телата на возрасни.
Главите биле отстранувани внимателно, а не насилно
Иако откритието на прв поглед асоцира на масовно насилство, научниците сметаат дека станува збор за сложени општествени и ритуални практики.
„Имаме докази дека овие необични погребувања биле дел од општествени обичаи кои ги обликувале локалните и пошироките односи, а покажуваат само ограничени знаци на конфликт и криза“, изјави археологот Мартин Фурхолт од Универзитетот во Кил.
Анализите на коските покажуваат дека главите биле внимателно одделувани со остри алатки, а не насилно отсекувани.
„Првичните анализи укажуваат дека не станува збор за насилно обезглавување, туку за вешто и намерно отстранување на черепите“, објасни биолошката антропологка Катарина Фукс.
Дел од поширока неолитска традиција?
Слични практики се регистрирани и на други локалитети во Европа од истиот период. Научниците разгледуваат различни можни објаснувања – од култови поврзани со предците, преку човечки жртви, до симболично одземање на идентитетот.
Некои неолитски населби сведочат и за масакри на цели семејства и сурови егзекуции, што покажува дека насилството не било непознато во тоа време.
Според археолозите, отсекувањето на главите можеби било дел од широко распространети церемонијални или магиски обреди.
„Мора да претпоставиме дека овие практики имале сосема поинакво значење од она што би го имале денес. Токму затоа се толку тешки за толкување“, вели Фурхолт.
Истражувањата продолжуваат
Следната фаза од истражувањето ќе вклучува детални анализи на коските и артефактите со цел да се утврдат роднинските врски, начинот на живот и демографските карактеристики на погребаните.
Археолозите допрва треба да истражат уште околу 160 метри од системот на ровови, каде што би можеле да бидат пронајдени нови останки.
Не е исклучено ниту исчезнатите черепи еден ден да бидат откриени на друга локација во населбата, можеби закопани во куќите или во посебни ритуални простори.



















