Макс Вебер – “Политиката како професија”

331

Што можат македонските политичари да научат од Макс Вебер – дури и по еден век? Колумна на Кица Колбе за смртниот грев на политичарите и особината која е најскапоцена

Сте се прашале ли некогаш, што во политиката толку го привлекува човекот кој од неа прави своја „професија“? Прочуениот германски социолог Макс Вебер (1864-1920) го даде одговорот уште пред еден век: „чувството на моќ”! Тој што оди во политиката, посакува моќ и власт. Дури и кога се работи за политичар од „скромен“ ранг, сепак, политиката нему му сугерира дека „влијае врз луѓето, дека тој е дел од власта врз нив”. Сето тоа, но, пред сѐ, чувството дека политичарот „во рацете држи една нервна жила од историски важно случување“ прави тој да се издигне над секојдневието. Денес би рекле, напати, и да ја изгуби врската со реалноста. Меѓутоа, според Вебер, тој човек „треба да е свесен и за тоа што од него самиот ќе стане“ во политиката. Затоа што политичарот се „впушта во игра со дијаболични сили, кои демнат од секоја моќ”.

Размислите за искушенијата во политиката, кои се чинат толку актуелни небаре се суд за македонската политика во последните петнаесет години, се стари еден цел век. Изречени се во време на длабока политичка, стопанска и социјална криза во Германија. Во таа смисла, списот на Макс Вебер би бил полезен како лектира особено со оглед на моменталната криза во македонската политика. Не само затоа што македонското општество е во перманентна политичка и економска криза од пропаста на Југославија до денес. Уште повеќе затоа што секој ден станува сѐ појасно дека сфаќањето на политиката како сфера на корупцијата и криминалот, за кое сведочи однесувањето на многу македонски политичари во минатото и денес, целосно ја изневери довербата во политиката и политичарите. Списот на Макс Вебер потсетува на тоа што значи вистински, етички достоен политичар.

Времето во кое Вебер укажа на етосот и на карактерот на политичарот, има сличности со денешната криза во македонското општество. И германското општество тогаш ги правеше првите чекори во парламентарната демократија. Македонското општество, додуша, тие чекори ги прави многу долго, веќе три децении. И никако да зачекори слободно и стабилно во вистинската парламентарна демократија. По поразот на Германија во Првата светска војна, Ноемвриската револуција од 1918-тата, во која работниците и војниците на почетокот бараа само крај на војната, на крајот ја урна монархијата и го отвори патот за парламентарна демократија. Кајзерот абдицираше и избега во Холандија, а рајхсканцеларот Макс фон Баден му ја отстапи функцијата на социјалдемократот Фридрих Еберт. На 19 јануари 1919-тата беа одржани првите слободни, демократски избори во германската историја. Првпат и жените имаа право на глас. Затоа што во Берлин во тој миг имаше протести и немири, изборите за националното собрание беа одржани во малечкиот град Вајмар. Првата германска парламентарна демократија влегува во историјата под името Вајмарска република. Често се истакнува дека првата германска демократија, всушност, се роди од ужасот на војната и од германската капитулација. Кусо потоа се продлабочува расцепот помеѓу социјалдемократите и комунистите. Функционирањето на демократијата во Вајмарската република оди тешко, затоа што парламентот е постојано блокиран во борбата на непомирливите партии и движења. И тоа е познат синдром во македонското политичко секојдневие.

Страст, одговорност и одмереност

Кога Макс Вебер на 28 јануари 1919-та го држи прочуеното предавање пред студентите во Минхен, поминати се само неколку дена од убиството на Роза Луксембург и Карл Либкнехт, а само девет дена од првите слободни избори. Токму во време на протести и револуции, Вебер избира да говори за особините кои треба да ги поседува оној што сака од политиката да направи професија. Три особини се решавачки за него: страст, чувство за одговорност и одмереност. Парадоксално, страста Вебер ја разбира како „конкретност (Sachlichkeit)”. Taa e страсна предаденост на „нешто”. Таа е различна од патосот на „револуционерите”, кој Вебер го нарекува „романтика на интелектуално интересното“, без секакво чувство за одговорност. Не е политичар тој, чија страст, како служење, како предаденост на некое „нешто”, не е истовремено проникната и од одговорноста. За политичар е способен оној, кој од одговорностаможе да направи главен патоказ за своето делување. За да се оствари тоа, според Вебер, е неопоходен третиот квалитет на политичарот – „одмереноста.” Тоа значи, чувство за реалноста или чувство за мерка во сите нешта. Ова чувство Вебер го смета за клучна психолошка особина на политичарот. Само тој што поседува одмереност е способен фактите да ги доживува со неопходната душевна контрола и спокој. Тоа за Вебер значи дека политичарот треба да има „дистанца кон нештата и кон луѓето“. Тој е уверен дека недостигот на таква дистанца е „смртен грев“ за секој политичар.

Ако страста, предаденоста со сета душа на некоја цел, е првата особина на политичарот, како тогаш може таа да се обедини, во една иста личност, со одмереноста? Со мерката, со „студената глава“, со критичката дистанца кон нештата и кон луѓето? Во одговорот на оваа дилема Вебер ја изговара прочуената мисла. „Политиката се прави со глава, а не со другите делови на телото или на душата. И, сепак, предаденоста на неа, кога таа не е само некоја фриволна игра, туку автентично човечко делување, се раѓа и се храни само од страста“, верува тој. Притоа, силната контрола врз душевноста, која го одликува страсниот политичар, се состои во тоа што тој се навикнал да одржува дистанца. Овие три особини – страста, одговорноста и одмереноста – се „силината” на политичарот. Притоа, секое делување се раководи од две етички максими: од етиката на убедувањето или од етиката на одговорноста. Тие не се спротивставени, туку се дополнуваат една со друга.

Најскапоцената особина на политичарот

Вебер, додуша, уште правеше разлика меѓу тие кои живеат „за“ политиката и тие кои живеат „од“ политиката. Денешните професионални политичари, најчесто, ја избираат политиката како професија не затоа што се посветени на некој идеал, па затоа сакаат сиот живот да го посветат на политиката, туку затоа што знаат дека денес од политиката добро се живее. Веберовиот харизматичен и одговорен политичар, со дарба на стратег и мудрец, бездруго се отелотвори само во ретки големи политичари. Во државниците кои секогаш ја преземаа одговорноста за тоа што го чинеа. Во политичарите кои не калкулираа кога мораа да донесат историски улоги, туку го чинеа тоа што сметаа дека мораат да го сторат, по цена да ја изгубат власта. Или дури и животот. Како Јицак Рабин, на пример. Кај таквите ретки големи политичари, желбата за моќ и власт – првата фасцинација од политиката за просечните политичари – не стои над одговорноста за сопственото делување. Такви се политичарите со „харизма“. Вили Брант е еден од ретките големи политичари кои желбата за власт не ја ставаат над одговорноста. Тој даде оставка откако се дозна дека неговиот најблизок соработник во кабинетот бил шпион на ГДР. Брант, секако, немаше директна „вина“ за тоа. Долги години потоа се дискутираше дали тој мораше да даде оставка. Но, тој, очигледно поседуваше морален интегритет од особен вид. Тој имаше длабоко и (кон себеси) строго чувство за одговорност за сѐ што се случуваше во германската влада, на чие чело стоеше. Етичката ригорозност во проценката на своето однесување, односно „етиката на одговорноста“, како што ја нарекува Макс Вебер, е најскапоцената особина на политичарот. Затоа Вебер истакнува дека една од најголемите слабости на политичарите е нивната суетност и недостигот од самокритика.

Списот „Политиката како професија” е и денес вистински прирачник за секој сериозен политичар. Затоа првиот сојузен претседател на СР Германија, Теодор Хојс, предлагаше списот на Вебер да им се дава на сите политичари како задолжителна лектира – за да се научат на самокритичност. Веберовите сознанија се насушни за општествата како македонското, во кое токму политичарите ја изневерија професијата политичар. Тие ја профанизираа политиката, претворајќи го политичарот во партиски војник, кој сета одговорност ја префрла на „лидерот” или на „партијата“. Тие, се чини, дека не се раководат според етичките, туку според партиските принципи. Но и таму, каде што политиката станува „претпријатие”, во кое „партиските заслуги” и партиската книшка се најдобрата препорака да се добие работно место, политичарите се многу далеку од тој етос и карактер на политичарот, за кој толку инспиративно говореше Макс Вебер пред еден век.

Кица Колбе

 

 

 

www.dw.com/mk