
Истражувачите веруваат дека промената на вашата исхрана може потенцијално да го ублажи когнитивниот пад.
Когнитивниот пад, кој се јавува со возраста, може да се ублажи и забави, открија истражувачите од Nagoya University во Јапонија.
Имено, нивната студијана nematodes (округли црви) откри дека падот на функцијата на мозокот, што е забележлив во староста, не се должи на намалување на активноста на невроните, туку сосема спротивно – поради прекумерното активирање на одредени неврони со текот на времето.
Истражувањето објавено во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences сугерира дека интервенциите насочени кон намалување на хиперактивацијата на невроните, како што се промените во исхраната, може потенцијално да го ублажат когнитивниот пад поврзан со стареењето.
Како што истакнуваат во својата работа, правилната функција на мозокот настанува кога голем број неврони се меѓусебно поврзани и работат соодветно. Ова е причината зошто опаѓањето на функцијата на мозокот со возраста генерално се припишува на намалувањето на невронската активност со текот на времето.
Сепак, истражувањата покажале дека некои видови неврони стануваат хиперактивни со возраста. Истражувачката група предводена од вонреден професор Kentaro Noma од Nagoya University спроведе експерименти на нематоди за да се утврди причинско-последичната врска помеѓу невронската хиперактивација и опаѓањето на функцијата на мозокот со возраста.
Во оваа студија го користевме нематодот Caenorhabditis elegans, кој е долг само еден милиметар и има животен век од само две недели. Нематодите покажуваат различно однесување со нивните 302 неврони, објасни Noma во изјавата за печатот.
Во нивното истражување, тие ја искористиле способноста на C. elegans да научи асоцијации во однесувањето наречено термотакса. C. elegans бил чуван во средина на температура од 23°C каде што било обезбедена храна. За време на тестовите, тој се движел кон околу 23°C кога бил сместен во средина со температурен градиент од 17 до 23°C. Меѓутоа, ако во околината каде што се чуваат на таа температура нема храна, нема да се движат кон околината со таа температура доколку се во средина со температурен градиент. Ова сугерира дека C. elegans може да научи да го поврзува присуството или отсуството на храна со температурата на околината.
„Нашите претходни студии открија дека функцијата на мозокот со асоцијативно учење кај C. elegans опаѓа со текот на времето и мислевме дека тоа се должи на падот на невронската активност со возраста“, рече Binta Maria Aleogho, првиот автор на студијата. Во нашата последна студија, сепак, откривме дека активностите на сензорните неврони на AFD и AIY интерневрони, за кои се смета дека се суштински за асоцијативно учење, едвај се менуваат со возраста.
Истражувачите потоа го проучувале однесувањето на C. elegans кога секој од шесте типови на неврони за кои се сметало дека се вклучени во асоцијативното учење (сензорни неврони AWC и ASI и интерневрони AIZ, AIB, RIA и AIA) бил отстранет од мозокот на нематодите. Изненадувачки, откако ги отстраниле AWC или AIA од нивните мозоци, нематодите можеле да се преселат на локација од 23°C.
Истражувачите исто така откриле дека AWC и AIA спонтано и прекумерно се активираат со возраста.
“Ова откритие сугерира дека хиперактивацијата на овие два типа на неврони со возраста ја нарушува нормалната невронска мрежа, што ги прави неспособни да вршат термотакса. Дополнително, успеавме да ја потиснеме хиперактивацијата на невроните и да спречиме влошување на однесувањето кај постарите нематоди со менување на типот на бактерии како извор на храна. Значи, ние луѓето би можеле да го спречиме стареењето на нашиот мозок со промена на исхраната“, истакнува Noma.
– “Нашите наоди би можеле да ги наведат луѓето да се фокусираат на невронската хиперактивација. Ќе продолжиме да го проучуваме C. elegans за да одредиме како да ја намалиме хиперактивацијата на невроните за да ја подобриме функцијата на мозокот. Веруваме дека ова ќе ни помогне да ја разбереме основата на стареењето во функцијата на мозокот“, на крај заклучи тој.
Извор: Nagoya University