Во последниот експеримент, тим од физичари од Princeton University ја истражувал можноста за користење на ротационата енергија на Земјата за производство на електрична енергија.
Иако идејата звучи едноставно, научниците сериозно ја разгледуваат дури во последните десет години.
Водечкиот автор на студијата е физичарот Christopher F. Chyba. Но, дали овој метод некогаш ќе стане практичен извор на енергија останува неизвесно. Имено, многу експерти се скептични за резултатите од истражувањето.
Истражувачите конструирале специјален уред составен од слаб спроводник направен од манган-цинк ферит и електроди на секој крај. Поставен под агол од 57° во однос на ротацијата и магнетното поле на Земјата, уредот произведувал напон од 17 микроволти.
Неутрализирање на ефектот
Иако ова е исклучително мала количина на енергија – помала од напонот генериран од еден нервен импулс – резултатот ја подели научната заедница на ентузијасти и скептици.
„Идејата е малку контраинтуитивна и се дебатира уште од Faraday“, забележува физичарот Paul Thomas од University of Wisconsin-Eau Claire (USA).
Неговиот колега, пензионираниот физичар Rinke Wijngaarden, исто така, изразува сомневање за валидноста на резултатите, истакнувајќи дека во неговите сопствени експерименти во 2018 година не успеал да го добие истиот ефект:
„Останувам убеден дека теоријата на Chyba и неговиот тим не може да биде точна“.
Теоретски, уредот би можел да работи со генерирање електрична енергија додека минува низ магнетното поле на Земјата. Сепак, постои можност електроните во системот да се преуредат и да создадат спротивставена сила, која би го неутрализирала ефектот.
Далеку од практична примена
Тимот на Chyba тврди дека го решил овој проблем со користење на специјален материјал кој одржува еднаква електростатска сила во уредот. Иако сегашните резултати се уште се далеку од практична примена, тимот планира да го прошири истражувањето и да се обиде да го зголеми капацитетот на произведената енергија.
Според нивните пресметки, дури и кога оваа технологија би била зголемена на глобално ниво, ротацијата на Земјата би се забавила за само седум милисекунди во следните сто години – споредливо со ефектот што гравитациското влечење на Месечината веќе го има врз ротацијата на нашата планета.
Истражувањето секако ќе предизвика натамошна дебата во научните кругови, а дали овој метод ќе стане дел од иднината на обновливите извори на енергија ќе покажат експериментите кои научниците планираат да ги спроведат во блиска иднина.
Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!
Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.