Пандемијата на новиот коронавирус САРС-КоВ-2 што го опустоши светот, понекогаш колоквијално се споредува со чумата. А вирусите и бактериите да беа свесни живи суштества, би можеле да кажеме дека бактериите на чумата одлучиле дека коронавирусот нема да ги засени, па самите решил повторно да се појават, пишува Foreign Policy.
Случаи на бубонска чума се забележани во последните два месеци во Монголија и Кина, но и во американската сојузна држава Калифорнија. Во Монголија и Кина, најмалку две лица починале од оваа неславна болест.
Црната смрт убила од 75 до 200 милиони луѓе во 14 век
Историски позната како „црна смрт“, оваа древна болест ги сотра народите ширум светот низ 1500 години. А кога прерасна во пандемија во 14-тиот век, уби меѓу 75 и 200 милиони луѓе, од Кина до Северна Африка, Шпанија и Велика Британија. Во таа пандемија, Европа изгуби помеѓу 30% и 60% од своето население, и за само четири години (1347-1351). Стариот континент дури околу 1500 година се врати на бројот на жители што го имаше пред пандемијата.
За волја на вистината, чумата продолжува да се појавува секоја година, главно во Внатрешна Монголија, автономна провинција на Кина. Сепак, нова пандемија на чума е практично невозможна бидејќи, за разлика од ковид-19, може да се третира со антибиотици (чумата е бактериска инфекција, а ковид-19 е вирусна).
Ковид-19 е исто така, очигледно, многу помалку смртоносен од чумата – се проценува дека таканаречениот Case Fatality Rate (CFR), т.е. соодносот на потврдени инфицирани и умрени е, околу 11% кај чумата (во средниот век веројатно била 30-60% ), додека кај новиот коронавирус е околу 2%.
Друга разлика помеѓу пандемијата од тоа време и денес е особено интересна, а со неа се позанимавал Edoardo Campanella во списанието Foreign Policy. а таа разлика се однесува на социјалната нееднаквост.
Растечката нееднаквост според многумина е најголемиот економски предизвик на нашето време. Сепак, денешната нееднаквост не е извонредна во историскиот контекст – во 1920-тите, пред Големата депресија, била подеднакво висока. И историските цивилизации, од британската, руската, османлиската, кинеската до римската империја, редовно го следеле истиот тренд: богатството било концентрирано во мал број раце на привилегираната елита.
Нееднаквоста генерално се намалува по војните, катастрофите и пандемиите
Сепак, историјата имала периоди кога нееднаквоста нагло и драматично опаѓала. А, како што документира Walter Scheidel во својата книга The Great Leveler: Violence and the History of Inequality from the Stone Age to the Twenty-First Century, во тие периоди главно следеле катаклизмички настани како што се војни, револуции, големи природни катастрофи и пандемии. Покрај тоа, пандемиите се поголеми изедначувачи од војните затоа што вирусите и бактериите не ги избираат своите жртви според класа, националност и пол, а честопати дури и по возраста.
Кога црната смрт уби помеѓу 30% и 60% од европското население, 10% од најбогатите Европејци изгубиле 15-20% од своето богатство. Економските последици биле подеднакво драматични. Работната сила десеткувана, што придонело за раст на платите, а намалувањето на бројот на клиенти придонело за пад на вредноста на земјата, бидејќи земјоделските производи имале помала побарувачка. Покрај тоа, голем дел од земјата останала празна. Овој удар толку многу ја ослабела економската позиција на благородништвото и ја зацврстила позицијата на кметовите што довело до крај на феудализмот.
Во Англија, кралот Едвард Трети во 1351 година залудно го донел работничкиот статут во обид да го забрани барањето или понудата на плати повисоки отколку пред црната смрт, како одговор на недостаток на работна сила. Дел од кметовите на крајот успеале да се здобијат со сопствено земјиште и да ги продаваат нејзините плодови на пазарот, со што се еманципирале од феудалците.

Денешната пандемија ја продлабочува нееднаквоста
Овој образец сугерира дека и ковид-19 ќе биде новиот голем израмнувач на економската нееднаквост, но се чини дека тоа не е случај овојпат. Напротив, сегашната пандемија дополнително ја продлабочува нееднаквоста. Економските последици од масовниот карантин, односно lockdown-от, вклучително и експлозијата на невработеноста, првенствено влијаат на оние со пониски примања, имотот и нивото на образование.
Оние посиромашните и помалку образованите, барем на Западот, имаат најголем ризик од тоа сериозно да се разболат, веројатно затоа што имаат поголема веројатност да страдаат од хронични заболувања кои ковид-19 го прават повеќе смртоносен (дијабетес, кардиоваскуларни и респираторни заболувања, итн.). Исто така, на богатите им е полесно социјално да се изолираат од другите луѓе, па дури и привремено да се иселат ако нивниот град е тешко погоден, отколку за сиромашните. Возачите на автобуси, чистачите, доставувачите и касиерите немаат привилегија да работат од дома. Имајќи го предвид сето ова, не е ни чудо што американските црнци имаат три пати поголема веројатност да се разболат од белците.
А во САД, за три месеци од почетокот на пандемијата, милијардерите го зголемиле своето колективно богатство за 20%, според анализата на Institute for Policy Studiesa и Americans for Tax Fairness. Вкупното богатство на 643 американски милијардери се зголемило во овие три месеци, од 18 март до 17 јуни, од 2,9 трилиони долари на 3,5 трилиони долари – 584 милијарди долари.
Смртноста од ковид-19 е прениска за да влијае на пазарот на трудот
Причините за ова се, пред сè, од епидемиолошка природа. Смртноста од ковид-19 е едноставно прениска за да влијае на пазарот на трудот – дотолку повеќе што старите лица умираат, т.е. оние кои се главно веќе во пензија. Покрај тоа, кризата со короната ќе доведе до пад, а не до пораст на платите.
Додуша, и чумата ги погоди сиромашните, кои честопати беа неухранети, потешко отколку богатите, кои биле во можност да го напуштат градот и да се изолираат во селските вили. Делото на Decameron од италијанскиот писател Giovanni Boccaccio се одвива токму во таков контекст. Богатите го напуштиле градот „како чумата да е наменета само за оние што остануваат во градските sидини“, пишува Бокачо.
Кога знаеме дека скоро милион луѓе починале од коронавирус ширум светот, јасно е дека оваа пандемија е ништо друго освен безопасна. Но, во исто време, тој број е тешко споредлив со бројот на жртви црната смрт. И токму ова отсуство на масовна смрт е, парадоксно, доведе до зголемување на нееднаквоста.
Последното што ни треба е такво катаклизмичко „израмнување“. Но, тоа не значи дека државите не треба да наоѓаат помалку брутални начини за намалување на нееднаквоста, од повисоки плати за основните работници до подобра здравствена заштита и социјална помош за оние кои се најтешко погодени од кризата со коронавирусот, заклучува авторот на Foreign Policy.