Биди добар или ќотек ? Ново истражување покажува поразителни податоци за последиците од овој „популарен“ метод на родителство

455

Изреката „тепањето е дојдено од рајот“ со години е изговор за физичко казнување на децата. Но, какви се последиците од таков метод?

Сеопфатна научна анализа објавена во списанието „Nature Human Behavior“ потврдува дека физичкото казнување на децата во земјите со ниски и средни приходи предизвикува сериозни штетни последици за тие деца, исто како што е случај и во побогатите земји.

Водечкиот автор на студијата, Jorge Cuartas, вонреден професор по применета психологија на Факултетот за култура, образование и човечки развој на Универзитетот во Њујорк, и неговите колеги испитале 195 студии објавени помеѓу 2002 и 2024 година. Истражувањето опфатило 92 земји со ниски и средни приходи и 19 развојни индикатори кај децата, вклучувајќи здравје, однесување, училишен успех и емоционални вештини.

Универзални негативни последици

Анализата покажа негативни ефекти од физичкото казнување во 16 од 19-те наведени индикатори. Тие вклучуваат: послаби односи родител-дете, поголема изложеност на насилство и насилно однесување, одобрување на насилството, проблеми со физичкото и менталното здравје, употреба на супстанции, слаб успех во училиште, нарушен јазик и извршни функции, послаба емоционална контрола, проблеми во однесувањето, доцнење во развојот и нарушувања на спиењето.

Некои научници сугерираат дека телесното казнување може да има различни ефекти во земјите каде што е почеста или општествено прифатена, перспектива позната како хипотеза за културна нормативност, истакнува Cuartas.

Нема докази за каква било корист од физичкото казнување на децата

Не се пронајдени значајни ефекти врз когнитивните способности, моторниот развој или детскиот труд, но исто толку важно е што не се откриени никакви позитивни последици поврзани со физичкото казнување на децата.

Доследноста и јачината на овие резултати укажуваат дека телесното казнување е универзално штетно за децата и адолесцентите, рече Cuartas. Тој ја нагласи важноста од развивање глобални стратегии за искоренување на ваквите практики и заштита на развојот на децата.

До денес, само 65 земји, претежно земји со високи приходи и бруто национален приход што надминува 13.000 евра, одговорија на препораката на ОН од 2006 година со воведување забрана.

Извор: EurekAlert