Балканот во очите на еден Јутјубер

1319

На Јутјуб каналот „Географија сега“, кој се занимава со истражување и претставување на секоја земја во светот, се појави видеоснимка во која водителот ги објаснува карактеристиките на секоја нација на Балканскиот Полуостров.

Она што според нив е специфично на Балканот е музиката, бурната историја, односите меѓу државите, војните и секако ракијата.

Албанија е претставена како топка која никаде не се вклопува, најмногу поради делот од модерната историја под водство на Енвер Хоџа. Секако не заборавиле да го споменат и фактот дека поради судирите околу Косово Албанците не се согласуваат со Србите.

Втора држава која е претставена е Босна и Херцеговина, која е опишана како земја во која живеат Босанци, Срби и Хрвати, кои иако зборуваат на ист јазик, за жал не се разбираат баш најдобро. Покрај храната, музиката и архитектурата, не заборавиле да ги споменат и Зимските олимписки игри во 1986 година.

Бугарија е опишана како држава на розите и како заспана убавица која во 90-тите години доживеала една од најголемите миграции на светот поради сиромаштијата и лошите услови во државата. Споменале и дека јазикот им е сличен на македонскиот, поради што како што рекле, Бугарите ги сметаат Македонците за „збунети Бугари“.

Од друга страна Хрватите се опишани како најсреќна нација поради фактот што во Дубровник е снимана најпопуларната серија на денешницата, „Игра на престолите“, како и поради многуте острови и најубавите залези на сонцето.

Грција е опишана како горда нација која изобилува со преубави плажи, музика, море, острови, долга историја и традиција која сакаат секогаш и секаде да ја истакнуваат. Истакнале и дека меѓу Грците и Србите владее големо пријателство.

Црна Гора ја опишале како земја на спијачите, која има дури и натпревар во мрзеливост, а и како хипи сестра на Србија која обожава да лежи на плажите и да не работи ништо. Ја навеле и како земја која не сака да влегува во конфликти, што е според нив парадокс бидејќи нивното минато, исто како и минатото на Србија било многу бурно.

Македонија ја претставуваат како најконтроверзен дел од Балканот, земја која со години трпела големи санкции поради своето име, но и како земја околу која се расправале сите околни држави. Велат дека Македонија има многу богата и разновидна култура, вкусна храна, но и како земја во која сите сакаат да доаѓаат поради ниските цени и преубавото доживување. Не пропуштиле да го споменат и спорот поради името со Грција.

Како што навеле Србија е земјата од која започнале сите лудости, алудирајќи на светските и на балканските војни. Посебно истакнале дека Белград е најдобар град за ноќен живот, како и дека Новак Ѓоковиќ е Србин. Не пропуштиле да наведат дека Србите се народ кој ја чува својата традиција, коренот и гордоста и кои како што навеле „цврсто“ ги бранат.

Последна држава што ја обработиле е Словенија, која е опишана како роднина кој на семејните собири стои на страна и додека сите порачуваат ракија, тие земаат вино бидејќи изутрина мораат на работа. Освен тоа навеле дека Словенија е богата земја со преубави згради и природа која негува добри односи со сите, особено со Италија, иако Трст ѝ е одземен од страна на Италијаните.