Научниците се прашуваат што би се случило доколку овие бактерии под влијание на климатските промени тргнат по светот.
Бактерии со ген за природна отпорност на антибиотици и антимикробни средства се откриени на Антарктикот и имаат потенцијал да се шират од поларните региони, предупредуваат научниците од Чиле.
Andres Marcoleta, научник од Универзитетот во Чиле, кој ја предводи студијата објавена во списанието Science of the Total Environment во март оваа година, рече дека овие „супермоќи“, кои еволуирале за да издржат екстремни услови, се содржани во движечките фрагменти на ДНК кои лесно можат да се пренесат на други бактерии.
– Знаеме дека почвата на Антарктичкиот Полуостров, еден од поларните региони најтешко погодени од топењето на мразот, е дом на широк спектар на бактерии, рече Marcoleta. И дека некои од нив претставуваат потенцијален извор на гени на предци кои даваат отпорност на антибиотици.
Научниците од Универзитетот во Чиле собрале неколку примероци од Антарктичкиот Полуостров од 2017 до 2019 година.
Вреди да се запрашаме дали климатските промени можат да влијаат на појавата на заразни болести, рече Marcoleta.
Овие гени би можеле, во можно сценарио, да го напуштат овој резервоар и да поттикнат појава и ширење на заразни болести, додаде тој.
Научниците откриле дека бактериите Pseudomonas, доминантната група на бактерии на Антарктичкиот Полуостров, не се патогени, но може да бидат извор на „гени за отпор“ кои не се запираат со вообичаени средства за дезинфекција како бакар, хлор или кватернерен амониум.
“Но, друг тип на бактерија што тие ја истражувале, бактеријата Polaromonas, има „потенцијал да ги инактивира бета-лактамските антибиотици кои се неопходни за лекување на различни инфекции“, рече Marcoleta.



















