Пред повеќе од една деценија, истражувачите пронашле амилоид-бета протеини, белег на Алцхајмерова болест, во мрежницата на луѓето со оваа болест, а последователните студии откриле дека пациентите со Алцхајмерова болест имаат и потенка мрежница.
Алцхајмеровата болест е подмолна мозочна болест која се карактеризира со бавно опаѓање на менталните способности што може незабележливо да се развива со децении пред да се појават симптомите. Сепак, можно е скриените знаци на состојбата да постоеле многу порано, пишува Science Alert.
Новото истражување сугерира дека истенчувањето на мрежницата, ткивото чувствително на светлина што го покрива задниот дел на окото, е поврзано во средната возраст со когнитивните перформанси во раниот и возрасен живот.
Иако се потребни повеќе истражувања, тимот кој стои зад оваа нова студија тврди дека резултатите еден ден би можеле да го отворат патот за едноставен очен тест кој би можел да помогне да се предвиди ризикот на личноста од состојба како што е Алцхајмерова болест, најчестиот облик на деменција.
„Со оглед на тоа што не успеавме да ја третираме напреднатата Алцхајмерова болест и дека глобалната преваленца на болеста се зголемува, способноста да се идентификуваат луѓето во претклиничката фаза кога сè уште имаме можност да интервенираме е многу важна“, изјави Ashleigh Barrett-Young, здравствен истражувач на Универзитетот Otago, New Zealand.
Нарушен секојдневен живот
Луѓето со Алцхајмерова болест често живеат со оштетувања на видот што може да придонесе за ментална конфузија, дезориентација и социјално повлекување. Сè ова се симптоми кои заедно со губењето на меморијата го нарушуваат секојдневниот живот на милиони луѓе кои живеат со оваа болест ширум светот.
Сепак, ова не е првпат научниците да сугерираат дека очите би можеле да бидат „прозорец“ во мозокот. Пред повеќе од една деценија, истражувачите пронашле амилоид-бета протеини, белег на Алцхајмерова болест, во мрежницата на луѓето со оваа болест, а последователните очни студии откриле дека пациентите со Алцхајмерова болест исто така имаат потенка мрежница.
Студијата од 2018 година, исто така, открила силни врски помеѓу Алцхајмеровата болест и три вообичаени состојби на очите, вклучувајќи глауком и макуларна дегенерација. Иако ваквите забележани асоцијации се интригантни, факторите на ризик за Алцхајмеровата болест се многубројни и различни, така што засега сите врски помеѓу Алцхајмеровата болест и здравјето на очите се уште интензивно се истражуваат.
Во новата студија, истражувачите собрале податоци од долгорочната Данединска студија, која следела животи на повеќе од 1.000 бебиња родени во раните 1970-ти во New Zealand. Пет децении подоцна, како дел од експериментот Dunedin, Barrett-Young и соработниците избрале за својата анализа подгрупа од 865 возрасни кои ги скенирале очите на 45-годишна возраст, заедно со серија невропсихолошки тестови во зрелоста и раното детство.
Што било откриено?
Сликите ја измериле дебелината на два различни делови на мрежницата (слоеви на нервни влакна на мрежницата и слоеви на ганглиски клетки). Анализата покажала дека учесниците во студијата со потенки ретинални слоеви имале пониски резултати на тестовите за когнитивни перформанси, и во зрелоста и во детството.
Сепак, не е пронајдена врска помеѓу разредувањето на мрежницата и целокупниот пад на когнитивните способности (помеѓу детството и средната возраст) што може да укаже дека нешто се случува во мозокот.
Додека потенки слоеви на нервни влакна на мрежницата на 45-годишна возраст се поврзани со намалување на стапката на обработка на мозокот уште од детството, ова може да биде само знак на општо стареење и не мора да биде поврзано со Алцхајмерова болест.
„Наодите сугерираат дека [дебелината на мрежницата] може да биде показател за целокупното здравје на мозокот“, вели Barrett-Young, водич на студијата.
Останува непознато дали некогаш ќе биде возможен очен тест за да се предвиди таква сложена и подмолна болест како Алцхајмеровата болест. Сепак, бројни претходни студии, во кои биле вклучени луѓе со деменција, а не само здрави возрасни, сугерираат дека истенчувањето на мрежницата може да претходи на когнитивниот пад и дијагнозата на деменција.
Но, забележува Science Alert, ова е релативно нова област и резултатите се мешани. Потребни се повеќе истражувања за да се одвои редоследот на настаните, за да се види дали истенчувањето на мрежницата всушност му претходи на почетокот на Алцхајмеровата болест, дали промените се секундарни симптоми на болеста или едноставно го одразуваат стареењето или други фактори на животниот стил. Сè се тоа можности.
Рутински очни прегледи?
И покрај перспективите, истражувачите јасно мислат дека е корисно да се проучува истенчувањето на мрежницата како биомаркер на когнитивните промени, со оглед на сето она што е откриено досега и зголемениот товар на Алцхајмеровата болест.
Бидејќи рутинските очни тестови се поевтини од мозочните скенови кои вообичаено се користат за испитување на здравјето на мозокот, тие би биле исплатлива алтернатива за следење на промените во здравјето на мозокот со текот на времето, доколку идните истражувања обезбедат доволно причини за тоа.
„Во иднина овие наоди би можеле да резултираат со користење [вештачка интелигенција] за снимање типична оптички кохерентна томографија, направена од оптометрист, и комбинирање со други здравствени податоци за да се одреди веројатниот ризик од развој на Алцхајмерова болест,“ вели Barrett-Young.
Студијата е објавена во JAMA Ophthalmology.



















