Етнички и демографски промени во Скопје во педесеттите години на минатиот век

3897

Податоците од пописите на населението направени по балканските војни до 2002 година, говорат за брзиот демографски развој на Скопје, но и за етничкото и верското шаренило на овој град за кое може да се каже дека е повеќевековна константа.

Ако во 1914 во Скопје живееле само 47.384 жители (во скопската околина 51.364 жители), со пописот во 2002 година беа изброени 506.926 жители. Со оглед на тоа дека попис на населението не е направен 14 години, а градот забрзано расте, се претпоставува дека сега бројот на жителите е многу поголем од оној во 2002 година, пишува МИА.

Пописот од 1921 година покажал дека во градот живееле само 40.666 жители (22.135 православни, 937 католици, 15.609 муслимани, 1.868 Евреи, 86 протестанти и 31 гркокатолик). Мнозинството од православното население го сочинувале Македонците, а Турците биле значајно малцинство во Скопје.

Но, како најкарактеристичен период за големи демографски и етнички промени во градот Скопје и скопската околија, истражувањето на историчарот д-р Борче Илиевски, универзитетски професор од Филозофскиот факултет при УKИМ, покажало дека тоа биле педесеттите години на минатиот век.

Иселување на Турците

Според истражувањето на професорот Илиевски, бројот на населението брзо се зголемил и во периодот 1948-1961 година. Само во градот се зголемил за речиси 80.000 жители.

– Значаен фактор кој влијаел врз етнодемографската структура на градот и областа е иселувањето на дел од Турците и другите муслимански популации и населувањето на многубројни доселеници од косовско-метохиската област и од Санџак, како и од другите делови на Македонија. Градот забрзано ја менувал својата физиономија како последица на брзото зголемување на бројот на неговите жители. Овие доселеници најмногу биле сконцентрирани во старото градско јадро или, пак, во периферните населби на градот каде што живееле во супстандардни живеалишта, најчесто во диво изградени населби. Поради масовното доселување се јавиле низа негативни последици како и економски и здравствени проблеми, растел и бројот на невработени.

Во анализите на раководството во Македонија веќе во средината на педесеттите се констатира дека масовното доселување во Македонија, а особено во Скопје претставувало сериозен проблем – забележува професорот во своето истражување за етничките и демографските промени на Скопје во педесеттите години на минатиот век.
Според податоците до кои дошол историчарот Илиевски, по 1953 година доаѓа до значително зголемување на поднесените молби за отпуст од југословенско државјанство.

– Само во 1954 година биле поднесени 17.396 молби, што е за речиси десетпати повеќе во однос на периодот 1951-1953 година. Во Скопската околија, на пример, во текот на 1954 и 1955 година биле поднесени 14.216 молби за отпуст од државјанство, од кои 11.881 биле од градот, вели професорот.

Масовното продавање на имотот од страна на градските Турци, влијаело ова прашање да се разгледува и на највисоко рамниште. Историчарот Илиевски наведува дека, се предвидувале разни мерки од страна на општествените и партиски фактори, кои најчесто не се применувале во практика.

Тој посочува еден партиски документ од 1957 година, во кој се вели: „Во Скопје за да се полесно реши генералниот регулационен план и донекаде спречи непожелното и неоправдано имигрирање на население од внатрешноста и од АО Kосмет, во границите на можностите се преземени мерки да имотот на турското малцинство првенствено се понуди на откуп на Народниот одбор така да досега се откупени преку 170 куќи“.

– Доселувањето во Македонија од другите делови на државата било обусловено со процесот на иселување во Турција. Населението што сакало да емигрира во Турција не можело да добие отпуст од државјанство во Србија или Црна Гора. Токму затоа тие се доселувале во Македонија од каде по извесен период можеле да добијат отпуст од југословенско државјанство, со што се отворал патот за добивање турско државјанство и иселување во Турција – забележува професорот.

Масовно доселување од Kосово

Во својата анализа професорот Илиевски потенцира дека доселувањето од Kосово било особено масовно во педесеттите, иако тоа постоело и претходно, пред с`, поради блиските сообраќајни и економски врски на Скопје со овие области.

– За ваквите констатации најдобро зборуваат статистичките податоци. Речиси 90% од доселеното население од Kосово и Санџак на територијата на Македонија во периодот 1951-1956 година се населило во Скопје. Во споменатиот период во градот вкупно биле евидентирани 14.207 лица, а во околијата 980 официјално регистрирани доселени лица од споменатите области, вели тој.

Сепак, бројката на доселено население во Скопје била поголема.

– Вкупниот број доселени лица од внатрешноста на Македонија и од Kосово и Санџак до средината на 1956 година органите за внатрешни работи го проценувале на над 25.000. Отпуст од државјанство од Скопје и околните населби во овој период добиле околу 14.500 лица, што значи врз градот бил извршен притисок со над 10.000 нови жители, забележува професорот.

Најчести купувачи на имотот на иселените Турци биле приватници, кај земјата дури 95,5%, а кај куќите 83,7%. Државата во откупот на имотот на иселените во Скопје и блиската околина учествувала речиси симболично. Од вкупниот имот на иселените домаќинства во скопската околија национализирани биле 7% од куќите и земјата.
Според податоците до кои дошол, најмасовно било иселувањето од селата Долно и Средно Kоњари каде што живеело турско население. На местото на иселеното турско население, се населувало албанско и муслиманско население од Санџак, со што селата го промениле својот етнички лик.

– Освен кај турското население забележително е дека кај Македонците муслимани во селата од сливот на Маркова Река, почнувајќи од 1954 година масовно се поднесувале молби за отпуст од југословенско државјанство. На почетокот на педесеттите години пропагандата меѓу ова население за иселување во Турција била мошне силна. Меѓу селаните во село Елово се зборувало „ако сега не се иселите по сите што ќе останат ќе ве покаурат“. Ова го изнел на седница на општинскиот одбор во село Цветово одборникот Ибрахим Муарем од селото Елово. Заради ваквите изјави добар дел од селаните пролетта 1954 година се подготвувале да поднесат молби за отпуст од државјанство – забележува историчарот Илиевски.

Барања за отпуст од државјанство имало и од селските населби во скопско населени со албанско население. Во 1953 и 1954 година молби за отпуст од југословенско државјанство поднеле повеќе семејства од селата Брест, Блаце, Нерези, Горно Kоличани, од селата во сливот на Kадина Река, од Бојане, Рашче, Грушино и други места.

– По 1953 година, дошло и до видлива промена во етничката структура. Со иселувањето на турското население дошло до одредени етнички поместувања. За разлика од пописот во 1948 година, во 1953 година заради тенденцијата за иселување во Турција голем дел од муслиманското население на пописот се изјаснило како турско. Ваквата тенденција е карактеристична како за градското така и за населението од околните селски населби – вели професорот.

Македонците муслимани и Албанците се декларирале како Турци

На територијата на градот во 1953 година живееле 119.134 жители од кои 72.477 Македонци, односно 60,8 %, 2,975 Албанци, односно 2,5% и 22.491 Турци, односно 18,9% од градската популација. Вкупното население во скопската област во 1953 година изнесувало 213.586 жители, што во однос на 1948 година претставувало пораст за 40.202 жители.

– Kарактеристично за пописот од 1953 година е дека Македонците муслимани од селата во сливот на Маркова Река речиси целосно се декларираат за Турци. Голем дел и од албанското население во селата во околината на градот на пописот се изјаснило за турско. Ќе наведеме неколку примери на села каде што живеело исклучиво албанско население. Во селото Рашче од вкупно 1.590 жители 976 се декларирале за Турци, во Kрушопек од 929 жители 887 се декларирале за Турци, а само 19 за Албанци, а во Брест на Скопска Црна Гора од 1.886 жители дури 1.193 се декларирале за Турци. Овие примери наведуваат дека при користењето на статистичките податоци во историските истражувања мора да се биде исклучително критичен – вели професорот.

Брзото зголемување на населението во градот продолжило и во наредните години.

По земјотресот – отворен и преполн град

Бројот на населението, во Скопје и скопската околија продолжил да се зголемува и во наредните години, особено по земјотресот во 1963 година кога Скопје бил прогласен за отворен град, по што во него се слеале голем број доселеници како од Македонија, така и од соседните области надвор што, пак, влијаело на понатамошните етнодемографски промени во градот и областа.

Доселувањето во Скопје с` уште е во тренд и се очекува новиот попис да покаже дека бројот на жители е многу поголем од изброените 506.926 жители во 2002 година.
Во 1961 г. во Скопје биле 66,3 отсто Македонци, 8,8 Турци и 6,7 отсто Албанци
Во 1961 година во Скопје живееле 165.529 жители, се наведува во истражувањето на професорот Илиевски.

– Од вкупното население 109.799 или 66,3% се изјасниле за Македонци, 11.151 или 6,7% за Албанци и 8,8% за Турци. Бројот на населението се зголемил на просторот на целата тогашна скопска околија. Вкупно во градот и околните селски населби во 1961 година живееле 270.299 жители, што во однос на пописот од 1953 година претставува зголемување за речиси 57.000 жители. Заради иселувањето на дел од турското и останатото муслиманско население дошло до благо зголемување на учеството на Македонците во вкупното население на скопската околија. Македонците претставувале 61,1% од населението на околијата, Албанците, 12,9% и Турците 8,1%. И на овој попис најголемиот дел од Македонците муслимани и дел од Албанците, но за разлика од 1953 година, во помал број се декларирале за Турци – потенцира професорот Илиевски.