Професорот Тодор Чепреганов од институтот за национална историја и професорот Гоце Цветановски од институтот за македонски јазик гостуваа во емисијата „Само Вистина“ каде зборуваа на тема „Добрососедство“ на патот кон ЕУ.
Според професорот Гоце Цветановски, институтот за македонски јазик излезе со реакција во однос на ставовите на Бугарската академија на науките според која тврдат дека македонскиот јазик е северномакедонски бугарски дијалект.
– Можам да напоменам неколку факти што се однесуваат до историската вистина. Во науката постои критериум, објективност, непристрастност, хронологија и редење на факти, аргументи. Во овој случај Бугарската академија на науките излезе со памфлет, брошура во кој дава тези во кои науката одамна се расчистени. Ако се погледне историски тие веќе го прифатија фактот дека постои македонски јазик со самото тоа што досега склучувавме договори во текот на годините. Тие тогаш инсистираа на формулација на македонски јазик соодветно на Уставот на Република Македонија и соодветно документите сите да се потпишуваат на двата јазика соодветно на уставите на двете држави, меѓународно признати субјекти. Што значи тие по автоматизам го признаваат.
Што се однесува на научната мисла на Бугарија тие немаат расчистено со многу тези и дилеми и се враќаат во времето на романтизмот, кога беше претензија на големи држави, тоа време одамна е поминато.
Пред две години реагирав прв на договорот за добрососедство да укажам на повторување грешките од историјата. Ова е само повторување на грешката што сме ја направиле повеќе пати и еве повторно се потврди прво следуваше договор со Грција па договорот со Бугарија. Зарем не увидовме дека тоа е уиграна работа што ни се повторува во историјата. Зарем не видовме дека Грција претендира на антиката и немаме никакво право како народ, држава да споменеме дури и во научните истражувања, што да се прави ако се најде артефакт на територија на Република Македонија. што да правиме ние како научници. Зарем треба да ни диктираат?
Од друга страна бугарската политика сака да присвои се што од словенскиот период од 9 век до 1945 и со тоа да се потврди тезата дека македонскиот народ е вештачки народ а ако станува збор за јазици не постои стандарден или литературен јазик кој е природен. И бугарскиот јазик е кодификуван, може да се провери, со колку реформи има спроведено во историјата .
Една работа е нација и народ друга работа е јазик. Таков поим како што се повикуваат нашите колеги од Бугарија не постои како термин во лингвистиката. Може за тоа да се дебатира со докази, истакна Цветановски.
Професорот Чепреганов смета дека несомнено има спрега во бугарија меѓу политиката и науката.
– Веднаш Бугарската академија на науките излезе со книшка на македонскиот јазик за Северна Македонија. Таа спрега постои со години се провлекува низ целокупната историја. Договорот меѓу Македонија и Бугарија ми личи на непријателски, отколку на пријателски, зошто го велам ова. Затоа што ако сме имале најблиски соседи во текот на времето сме имале взаемни односи, но секој си терал по својот пат. Земете ја само работата на комисиите што се случува. Од една страна се јавуваат политичарите и кажуваат дека прашањето со Македонија ќе биде во однос на она Гоце Делчев е Бугарин, дали Крсте Мисирков е Бугарин, дали сме еден народ. Излегува Бујар Османи вели ние сме потпишале договор во кој што мора да ги исполниме обврските, а Борисов вели има потпишан договор треба македонската страна сето тоа да го прифати.
Демек политиката не се меша во историјата и имате комисии кој сето тоа треба да го верификуваат, и да дадат право на политиката што го зацртала претходно. Имаме политички диктат. Она што не постои не се негира. Ако не постои македонски јазик и идентитет не се негира тоа не постои, се негира тоа што постои. Затоа бугарите го негираат постоењето на јазикот и идентитетот. Тие не успеаја да докажат дека во Македонија живеат Бугари и затоа со потпишување на договорите им се укажа можност со политички диктат и со аминување на ЕУ, затоа што со сега за да влезете во ЕУ треба да ги решите споровите. Бугарија настојува да го искористи овој момент и нашето тежнеење да влеземе во ЕУ да го реши тој проблем кој опстојува со години, смета Чепреганов.



















