Макфестовската балада што ја допира душата на Марија Спасовска доби и своја видеоприказна – „За тебе можам сè“

51

По успешната фестивалска изведба на годинешниот „Макфест 2026“, младата македонска пејачка Марија Спасовска ѝ подари и визуелна приказна на својата балада „За тебе можам сè“. Видеоспотот својата премиера ја имаше на 17 ноември на нејзиниот YouTube-канал.

Освен што уште еднаш потврди дека располага со впечатлив вокал и сигурна сценска интерпретација, Марија сè поуверливо се наметнува и како авторски оформена музичка личност. Нејзиниот творечки потенцијал не се ограничува само на следење на актуелните музички трендови. Напротив, таа покажува храброст и зрелост да се впушти во посложени музички и емотивни теми, да создава сопствена музика и стихови и да раскажува приказни што допираат до слушателот.

„За тебе можам сè“ е токму таква песна – балада со сериозна емотивна тежина, каква што бара не само авторска инспирација и композиторска зрелост, туку и посебна вокална експресија за да ја пренесе целата нејзина длабочина. Дополнителен квалитет ѝ дава и одличното аранжманско решение на Николче Мицевски.

Во видеоспотот, Марија ги искористила и највпечатливите моменти од својата макфестовска изведба, надополнувајќи ги со новоснимени кадри кои едноставно, но ефектно ја заокружуваат целата музичка приказна. Визуелниот концепт природно се надоврзува на атмосферата на баладата и ја следи нејзината основна емоционална линија:

Копнежот на една женска душа по љубовта што никогаш не се остварила.

Без непотребна визуелна наметливост, спотот ѝ остава простор на песната да ја раскаже својата приказна, дополнувајќи ја нејзината музичка тежина со суптилна слика за невозвратената љубов. Реализацијата на видеоспотот е на екипата на Artistic Film.

Инаку, „За тебе можам сè“ е уште една песна од дебитантскиот албум на Марија Спасовска, „Седатив“, промовиран во втората половина на 2026 година.

Како звучи и изгледа во своето ново видеоиздание макфестовската балада „За тебе можам сè“ на Марија Спасовска, погледнете во продолжение.