Првпат е регистриран на Иберискиот Полуостров, но експертите велат дека ризикот за луѓето е многу мал
Во северниот португалски град Порто за првпат е откриен чилеанскиот осаменик пајак (Loxosceles laeta), еден од најотровните видови пајаци во светот. Станува збор за првиот официјално потврден случај на овој вид на Иберискиот Полуостров, но научниците нагласуваат дека нема причина за паника, бидејќи пајакот е исклучително повлечен и ретко доаѓа во контакт со луѓето, пренесува Euronews.
„Веројатноста за средба со него е многу мала“
Ентомологот Хозе Мануел Гросо-Силва од Природонаучниот музеј и Музејот на науката при Универзитетот во Порто, кој учествувал во истражувањето, вели дека ризикот за населението е низок.
„Многу е малку веројатно луѓето да наидат на овој пајак или да бидат каснати“, истакнува тој.
Според научниците, чилеанскиот осаменик е срамежлив вид кој најчесто се крие во темни и мирни простории, а каснува само кога ќе се почувствува загрозен.
Каснувањето може да биде сериозно
Иако средбите со луѓе се ретки, неговиот отров може да предизвика сериозни последици.
Во најтешките случаи, каснувањето доведува до некротични оштетувања на кожата, а многу ретко може да предизвика и опасни системски компликации. Во светската медицинска литература се опишани и изолирани смртни случаи, но тие се исклучително ретки.
Како се појавил во Португалија?
Чилеанскиот осаменик природно живее во западниот дел на Јужна Америка, а најчесто се среќава во Чиле, Аргентина и Бразил.
Научниците сметаат дека во Европа најверојатно пристигнал преку меѓународниот транспорт на стоки.
Првиот примерок во Порто бил пронајден во септември 2025 година на ѕид од објект, а вториот бил откриен неколку месеци подоцна во леплива стапица.
Лесно се меша со друг вид пајак
Истражувачите предупредуваат дека чилеанскиот осаменик многу наликува на медитеранскиот осаменик (Loxosceles rufescens), кој веќе со децении е присутен во Португалија и во други делови од Европа.
Поради нивната голема сличност, можно е овој вид и претходно да бил фотографиран или забележан, но погрешно идентификуван.
Пајакот има еднолично кафеава боја, не гради класични мрежи за лов на инсекти и најчесто се крие во агли, зад мебел, во подруми и други темни простории. Најактивен е во текот на ноќта.
Забележан е и случај на тешко труење
Во Португалија во 2023 година бил регистриран случај на локсоцелизам – синдром предизвикан од отров на пајак од истиот род.
Жена на 48-годишна возраст развила сериозна некроза на местото на каснувањето, проследена со висока температура, силни главоболки, малаксаност и лупење на кожата на повеќе делови од телото.
По 16-дневно болничко лекување, таа целосно закрепнала без трајни последици.
Климатските промени и трговијата го олеснуваат ширењето
Според научниците, во Португалија досега се регистрирани повеќе од 300 странски видови инсекти и други без’рбетници, кои најчесто пристигнале преку транспорт на стоки и растенија.
Дополнително, климатските промени и сè потоплата европска клима создаваат поповолни услови за опстанок и ширење на егзотични видови.
„Не знаеме дали чилеанскиот осаменик ќе остане ограничен само на Порто или ќе се прошири и во други делови на Иберискиот Полуостров. Тоа ќе мора внимателно да се следи во наредните години“, велат истражувачите.
Видот и претходно бил забележан во Европа
Првото регистрирано присуство на чилеанскиот осаменик во Европа датира од 1972 година, кога бил пронајден во зграда на Универзитетот во Хелсинки, Финска.
Во 2025 година еден примерок бил идентификуван и во подрумот на Универзитетот „Еберхард Карл“ во германскиот град Тибинген.
Научниците сметаат дека во сите случаи станува збор за поединечни популации кои пристигнале со човечка активност, а не за природно ширење на видот низ Европа.



















