Откриените гробови на Homo naledi длабоко во африканските пештери би можеле да го променат начинот на кој размислуваме за еволуцијата | Фото

811

Сепак, научниците се претпазливи и посочуваат дека ќе бидат потребни дополнителни истражувања за прецизно да се утврди староста на остатоците, како и за што биле способни сите Homo naledi.

Човечкиот вид ги закопува своите мртви на посебни начини илјадници години. Доволно е да се погледнат грандиозните гробници кои се изградени ширум светот, како и бројните гробишта и погребни места за да се разбере колку овој ритуал е важен за луѓето.

Но, палеонтолозите ги откриле најстарите познати гробишта во светот во Јужна Африка. И не му припаѓаат на современиот човечки вид, туку на неговиот далечен роднина.

Како што напишале во научниот труд објавен во депото eLife, станува збор за гробишта на хоминин од камено доба, Homo naledi, кои биле откриени во систем на пештери во близина на Јоханесбург.

Истражувачите, предводени од палеоантропологот Ли Бергер, истакнале дека тоа се хоминини со мал мозок (со големина на портокал), високи само околу 1,5 метри, за кои се верувало дека сè уште се качувале на дрвја. Испитувањето на остатоците од Homo naledi покажало дека тие имале закривени прсти на рацете и нозете, а првите примероци биле откриени во 2013 година.

Ова се најстарите погребувања досега запишани во записот за хоминините, кои претходат на докази за погребување на Homo sapiens најмалку 100.000 години, напишале научниците.

Станува збор за дупки, за кои истражувачите велат дека намерно биле ископани, а потоа пополнети за да се покријат телата. Се проценува дека содржат најмалку пет лица.

Овие наоди покажуваат дека постмортемните практики не биле ограничени на Homo sapiens или други хоминиди со голем мозок, велат истражувачите.

Погребното место не е единствениот знак дека Homo naledi бил способен за сложено емоционално и когнитивно однесување, додаваат тие и објаснуваат како пронашле гравури кои формираат геометриски форми во близина на гробовите.

Тие додале дека наодите го доведуваат во прашање нашето сегашно разбирање за човечката еволуција. Имено, обично се смета дека само развојот на поголем мозок довело до развој на посложени активности, меѓу кои е и погребувањето на мртвите.

Досега се верувало дека најстарите откриени погребувања пронајдени на Блискиот Исток и Африка се стари околу 100 илјади години и содржеле остатоци од Homo sapiens (современ човек). Но, овие откриени во Јужна Африка се проценува дека се двојно постари и датираат од најмалку 200 илјади години пред нашата ера.

Сепак, научниците се претпазливи и посочуваат дека ќе бидат потребни дополнителни истражувања за прецизно да се утврди староста на остатоците, како и за што биле способни сите Homo naledi.