Во долината на Неретва снимена карпа во облик на крофна | Видео

1827

На 22 јуни, роверот Perseverance на NASA фотографирал мистериозна карпа во облик на крофна од само 100 метри во делтата на кратерот Језеро на Марс.

Научниците, за жал, не му наредиле на роверот да се приближи до објектот и да собере примерок, па засега не го знаеме точниот состав и потеклото на овој марсовски „шлауф“.

– Не можам со апсолутна сигурност да кажам дека не се работи за метеорит. Единственото нешто е што е многу, многу малку веројатно. Имено, во овој регион каде што се наоѓаме, има многу карпи со издлабена внатрешност – изјави астрогеологот Jim Rice од Arizona State University.

На овој простор најмногу среќаваме седименти, карпи стари неколку милијарди години.

– Предизвикани се од поплави во големата долина на реката Неретва, од која сета вода, камења и талог пристигнале во овој крај. Оваа карпа веројатно е донесена од друго место – смета Rice.

Веројатно некои читатели, заедно со веста за необичната карпа, биле изненадени и од имиња како долината на Неретва, со оглед на тоа дека станува збор за Марс, а не за Балканот. Не грижете се, не е погрешен превод. Имено, Perseverance слетал во кратерот Језеро, кој го добил името по едно село во Босна и Херцеговина. Тоа е вдлабнатина широка 45 километри која се наоѓа на северната половина на Марс.

Подрачјата во близина на кратерот се именувани и по реките кои течат низ БиХ, но и Хрватска. Така, веднаш до местото на слетувањето е долината на Неретва, која всушност го претставува пресушеното корито на античката река. Југозападно од кратерот Језеро се наоѓа долината на Уна, а на север е долината на Сава.

Крофна на Марс?

Инаку, роверот за прв пат ја забележал карпата на 15 април, кога ја снимил од околу 300 метри.

За необичната форма, Rice изјави дека се работи за карпа поголема од 25 сантиметри и дека во неа веројатно имало уште една карпеста формација која со текот на времето еродирала, по што настанала оваа карактеристична шуплина.

Тој додаде дека причината за оваа форма на крофна може да биде и ветерот кој постепено се ширел и ги зголемувал малите дупки или шуплини во карпата. Со него не се согласува планетарниот научник Pascal Lee од SETI Institute, кој верува дека сепак може да биде метеорит со оглед на тоа што Марс се наоѓа во близина на астероидниот појас.

– Околу карпата има помали камења и фрагменти, па може да се работи за метеорит кој се распаднал при удар. Во тој случај, оваа форма на крофна е создадена откако послабиот материјал во внатрешноста на карпата еродирал – рекол Lee.

  • Можно е и оваа карпа да е исфрлена од сосема друг дел на Марс од удар на голем астероид. Би препорачал на Perseverance да отстапи од сегашниот курс за да провери за што точно се работи – додаде тој.

Но, се чини дека тоа нема да се случи, имајќи предвид дека Perseverance веќе патува во спротивна насока кон други поголеми карпи од кои има намера да собира примероци.