„Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен и со спасувачка сила, кроток седнат на осле, рожба на ослицата.“ (Зах. 9, 9) – вака пророкот Захариј го најавил доаѓањето Христово и Неговото победоносно влегување во Ерусалим како цар на мирот, за да ја празнува Својата последна Пасха. На овој ден, на овој празник, се радуваме сите заедно и воскликнуваме: „Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово!“.
Во времето на Христовата служба на земјата, многумина Го прифаќале, други се одрекувале од Него, но најбројни се тие кои се колебале и се двоумеле во својата вера. Со влегувањето во Ерусалим, Господ Исус Христос ги разбил сите двоумења и недоумици, а тоа е и главната цел на Христовата постапка на овој ден:
Сенародна објава за сите Јудеи, дека Тој – Исус од Галилеја, е вистинскиот Месија.
Одејќи кон Ерусалим, многумуна поминувале низ Витанија и таму застанувале да ја слушнат божествената наука на Спасителот, а особено за го видат воскреснатиот Лазар. Но, јудејските архиереи и книжници имале намера да го убијат Лазар, но и Исуса Христа обвинувајќи Го дека ја нарушувал саботата, се нарекувал Месија и се правел рамен на Бога.
Самиот начин на влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим е така предвиден и направен што исполнувањето на древното пророштво не дава повод за мечтаење и очекувања за земно царство на Месијата. Тој се јавил на целиот Ерусалим со сета Своја простодушност и смирение. Го нарекуваат „Цар на Израилот“, Му воскликнуваат:
„Благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово!“, мавтаат со гранчиња, ја постелаат облеката своја.
Но, тоа се почести, изливи на искрена почит и љубов од народот.
Сите слушнале за воскресението на Лазар и излегле да Го пречекаат Христа верувајќи дека доаѓа да седне на престолот на Давид и да царува над израилскиот народ – сите излегле со голема радост и големи очекувања. Но, ги немало раскошно украсените кочии, вооружената придружба и светлите царски облеки; покрај Христа оделе дванаесетте апостоли и тие уште посиромашни од Него, а Тој јавал позајмено магаре.
И тука вистинскиот христијанин ја согледува онаа света вистина изречена од Спасителот пред Пилат, кога вели:
„Моето царство не е од овој свет!“ (Јн. 18, 36)
Со овој начин на влегување во Ерусалим, Исус Христос ги избива од главите на Евреите и последните надежи и мечти за земното царство на Месијата.
Пренесувајќи се мислено во тоа време да го најдеме и ние своето место во овој празник; како христијани и ние сигурно ќе бидеме меѓу оние кои усрдно и со радост Го пречекуваат Христа.
Автор Жагор
Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!
Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.