СИМБОЛ НА ПОДЕЛБАТА НА ЕВРОПА | Многу семејства ладнокрвно беа уништени преку ноќ, и сѐ започна со валканата лага: „Никој нема намера да подигне некаков ѕид“

1470

„Никој нема намера да подигне некаков ѕид“ – реченицата кажана на 15 јули 1961 година од претседателот на Источна Германија Walter Ulbricht, е длабоко врежана во главите на германските граѓани.

Помалку од еден месец подоцна, нешто по полноќ, започна „Акција на розите“ во источниот дел на Берлин, тајното име за изградба на објектот што ќе стане симбол на поделбата на Европа и светот во наредните децении предизвикан од Студената војна…

Берлинскиот ѕид беше бариера долга околу 160 километри што го делеше Западен од Источен Берлин и околната територија на Германската Демократска Република. Изграден е од источногерманската влада, чија пропаганда го нарече објектот „Антифашистички одбранбен ѕид“.

Целта на ѕидот беше да се спречи бегството на жителите од реалсоцијалистичката Источна во Западна Германија. Изградбата започна на 13 август 1961 година и беше надградена неколку пати.

Прво, железничките правци помеѓу западниот, сојузничкиот дел на Берлин и источниот, советскиот дел беа отсечени, патиштата беа ископани и беа поставени пречки. Потоа, рано наутро, со обезбедување на источногерманската војска и полиција и придружени со запрепастени погледи на Берлинците, започна изградбата на ѕидот.

Повеќе од 28 години, до падот во ноември 1989 година, Берлинскиот ѕид делел не само два политички светогледи, туку и многу семејства и човечки судбини. Ова се одбележува денес, 60 години подоцна, со бројни комеморации низ цела Германија, а особено во историските локалитети долж поранешната германско-германска граница.

Денеска на Берлинскиот ѕид нѐ потсетуваат неколку стотини метри оставени на неколку локации, повеќе или помалку познати.