Ригидноста на бугароцентричниот ум | Академик Катица ЌУЛАВКОВА

280
Катица Ќулавкова

Ригидноста на бугароцентричниот ум

Катица Ќулавкова DEC 13, 2019 | СТАВОВИ

Реакцијата[1] на Собранието на Бугарската Академија на Науките – БАН (поттикната од Повелбата за македонскиот јазик на МАНУ од 3.12.2019) — во којашто се вградени мислењата на трите Института при БАН, Институтот за бугарски јазик „Проф. Љубомир Андрејчин“, Институтот за историски истражувања и Кирило-методиевскиот научен центар — ја актуализира, експлицитно, бугарската конзервативна и бугароцентрична научна парадигма за јужнословенските јазици, а имплицитно, бугарската пристрасна јазична политика.[2]

Секој систем (langue) на т.н. природни јазици какви што се македонскиот и бугарскиот, се темели врз одлики кои се востановени дијахрониски, во рамки на некој историски процес, во специфични општествено-политички, културни и контактно-комуникациски околности во простор и време (parole, language). Живата реч е подложна на секојдневни тековни промени, а јазичниот систем се менува побавно, но сепак се менува. Последните три века, 19, 20 и 21 век, особено од периодот на создавање национални држави во Европа и на Балканот, како и подоцна, во ерата на новите технологии, медиуми и комуникации, доаѓа до порадикални системски промени во структурата на јазиците (синхрониски). Таквите јазични законитости се одразиле нагласено врз јазиците кои припаѓаат на иста јазична група (сојуз, лига). Тоа се огледа врз примерот на бугарскиот, македонскиот и српскиот јазик, кои се дел од општословенските и од јужнословенските јазици, ама се подложни и на влијанија од балканскиот јазичен сојуз, а денес и од глобалистичките, главно англофони, текови.

Првичната средновековна стандардизација на словенските јазици, во тој контекст и на македонскиот, и на бугарскиот јазик, е препознаена во старословенската матрица, подоцна обележана и од црковнословенскиот стандард. Старословенската матрица ги имала предвид и народните говори на Македонските Словени од солунско, и христијанската литургиска и сакрална функција. Народните говори, пак, најверојатно во себе содржеле јазични елементи од постарите говорни матрици на Источното римско царство (Византија), народни и службени (коине). Со тек на време, во период од 12 столетија (од 9-ото до 21-ото), соседните јазици се доближувале еден до друг и се оддалечувале еден од друг, зависно од општествените констелации. Колку повеќе јазиците биле во жив меѓусебен говорен допир (поради територијална, комуникациска или институционална блискост), толку повеќе заемно влијаеле еден врз друг. Веќе во 10, 11 и 12 век, се почувствувале оддалечувањата меѓу македонските и бугарските говори, до толку повеќе што Охридската книжевна школа се залагала за опстанок на глаголичкото писмо, додека Преславската (од 883 г.) се залагала за кириличното писмо/азбука. И македонскиот црковнословенски, и бугарскиот, биле пишувани на повеќе писма, не само на старословенската глаголична и кирилична азбука (грчкиот алфабет, некогаш на латинично писмо, особено денес, во глобалистичката констелација). Сите јужнословенски јазици се кодифицирале, институционално, во време кога се создавале нивните национални државни институции и сите се стремеле да ги изразат своите говорни специфики и традиции во новите јазични норми.

Иако црковнословенскиот код бил со векови општословенски, низ вековниот развој се создала свест за спецификите на бугарскиот, хрватскиот, рускиот, српскиот и македонскиот говор (денес и пошироко). Тие говорни специфики уште повеќе дошле до израз по однос на живите народни говори, дијалекти и идиоми. Колку повеќе се конзервирала црковнословенската матрица, толку повеќе се динамизирале живите народни идиоми. Колку порано се создале државни и национални установи кои се грижеле за употребата на стандардните книжевни говори, толку повеќе се зголемувала стабилноста на тие (кодифицирани) јазични системи.

Од друга страна, интеркултурните односи се историска константа на Балканот, што се должи на фактот дека над две илјади години тука владееле големи империи (античко-македонската, римската, византиската, отоманската). Македонскиот и бугарскиот народ биле дел од тие големи империи и природно биле насочени еден кон друг, како што впрочем тоа бил и е случај со сите соседни народи, јазици и култури. Освен тоа, некогашната јазична блискост се должела и на државни декрети, уставни и законски.

Но, секогаш било битно да се одвива непречено и слободно општењето меѓу луѓето во секојдневниот живот. Македонците почесто мигрирале кон Бугарија, особено во 19 и 20 век, одошто Бугарите кон Македонија. Доаѓало не само до јазични, туку и до економски, образовни, културни, семејни и други егзистенцијални контакти меѓу луѓето. Поради тоа, симптоматичен дел од современата бугарска нација е обележан (и) од македонскиот етно-културен елемент. Имено, даѓало до дискретни економски и политички процеси од страна на востановените државни институции во соседството врз Македонците чијшто стремеж се остварил подоцна, во рамки на југословенската федерација (1944) и потоа, во независна Република Македонија (1991). За жал, политиките на дискретни и индискретни притисоци врз македонското население да се изјаснува дека е бугарско или грчкопо род, и денес се актуелни.

Јазичните политики секогаш биле и се дел од државните политики. Поради тоа, не би требало да се повикуваме некритички на документи кои биле рефлексија и алатка на таквите политики (на етничка, јазична, некогаш и верска) конверзија како аргумент за негација или афирмација на еден национален идентитет. Но, затоа, можеме да го почитуваме правото на соседот да ги толкува јазичните и културно-историските факти од гледна точка на својот национален и државен интерес, а особено од гледна точка на историската еволуција. Затоа, можеме да ги почитуваме хуманистичките и цивилизациски придобивки на еднакви права на индивидуално и колективно самоопределување артикулирани во Повелбата на ОН и во редица други универзални декларации за човековите права.

Македонскиот јазик е стварност. Македонскиот јазик е развиен и автономен јазичен систем. Стандардниот македонски литературен код е богат и продуктивен, ако се мери според огромниот книжевно-уметнички опус создаден на македонски јазик. Од македонски јазик на други светски јазици, вклучително и на бугарски, се преведени стотици дела. На македонски јазик се преведени илјадници дела, почнувајќи од Светото писмо, до Илијадата и Одисејата, светската класика и современата светска книжевна и научна мисла.

Бугарските писатели, Бугарскиот ПЕН центар, бугарските преведувачи одамна го имаат признато македонскиот јазик, а за нас порелевантно е мислењето на писателите од она на политичарите. Погледнете ја антологијата Современи македонски поети на бугарски јазик (Софија, Свободнопоетическо општество и Бугарски ПЕН, 1998) и прочитајте го ставот на бугарските писатели и преведувачи за тешкотиите на коишто наишле при преводот на македонската поезија (приредена од академик Г. Старделов). За идентитетите на јазиците не се суди само врз основа на колоквијалните и дијалектните идиоми и функционални стилови, туку и врз основа на книжевно-уметничкиот говор, а би рекла и врз основа на јазично-стилските матрици на филозофскиот и научниот говор. Македонскиот и бугарскиот јазик се богати јазици и не може никој да ги сведе на нивната дневна и тековна говорна матрица. Како што не може да се суди за современиот јазик само врз основа на јазичното наследство од историјата. Јазичната проблематика ги надминува рамките на политичката прагматика.

Се разбира, современиот македонски јазик има своја историја во составот на старословенскиот јазичен комплекс, која се одликува со свои развојни јазични специфики. Тоа што само македонскиот и бугарскиот јазик денес се аналитични јазици не докажува дека тие се идентични, туку дека и двата јазика имале постари јазични слоеви, особена јазична меморија. Во современиот македонски јазик, впрочем, се сочувани падежните форми во структурата на релативните заменки. И францускиот, и англискиот јазик се аналитични, па тоа не значи дека се идентични на македонскиот.

Во структурата на македонскиот јазик се вградени десетици дијалекти. Востановена е и македонистика како комплекс од лингвистички научни дисциплини кои го проучуваат македонскиот јазик како систем, како состав од дијалектни практики, како јазично-историска категорија, со своја граматика (фонологија, морфологија, синтакса, семантика, дијалектологија) и стилистика, со свој мемориски, културен и духовен код. Ценетата Бугарска Академија на Науките би било добро да се повика на меѓународните атласи во чијашто работа доаѓа до израз научната објективност, акрибичност и непристрасност. Не е доволно да се служи со податоци вградени во бугарскиот матичен атлас на дијалекти. Македонските дијалекти се протегаат вон границите на денешна Република Македонија и тој факт е легитимен и признат од меѓународната и славистичката дијалектологија. Научната свест треба да биде суптилна и сензибилна, а не рамнодушна на еволутивните процеси и новите констелации и сознанија.

Враќање нема, уважени колеги: македонскиот јазик постои и е признат во сите меѓународни институции, регистри, документи, атласи… Колку побрзо тоа го уважите, толку побрзо ќе ги надминете сопствените предрасуди, анимозитети и стигмата на далечното минато време, кое за нас е под признакот на старословенската писменост на Македонските Словени, а за вас под признакот на старобугарската писменост.

Со сета почит кон вашата историја на бугарскиот јазик, очекуваме почит и од ваша страна кон историјата на македонскиот јазик. Нема да се враќаме на постарите периоди и библиските наративи, кога можеби човештвото зборувало на еден јазик, па во тој контекст, можеби и нашите народи. Нас нѐ интересира почитување на современите научни парадигми, а тие недвосмислено го вградиле македонскиот јазик како легитимен претставник на големата група на словенски и индоевропски јазици. Финесите на историската еволуција, како рефлексија на финесите на колективната свест, нека бидат предмет на натамошни научни проучувања.

Македонскиот и бугарскиот јазик биле поблиски кога сме имале поблизок и поцивилизиран дијалог меѓу народите, културите и луѓето. Тоа е показ дека колку повеќе се разликува нашиот поглед на свет, толку повеќе ќе се разликуваат и нашите јазици. Ниеден природен јазик не е вештачка творба, иако се кодифицира во рамки на државните институции, на предлог на научните. Во македонскиот современ јазик е одразена слика на свет различна од онаа во бугарскиот. Ако продолжиме да живееме во различни, непомирливи, спротивставени светови, нашите јазици ќе доживеат уште поголеми разлики, како и нашите слики и искуства со светот.

Последниве 70 години македонскиот и бугарскиот јазик се оддалечуваат еден од друг интензивно, поради тоа што комуникацијата меѓу македонскиот и бугарскиот народ беше сведена на минимум, а јазиците можат да влијаат еден врз друг само ако постои богата и слободна комуникација меѓу луѓето и институциите. Со политика на непочитување на реалните општествени околности не може да се поттикне современата и идна македонско-бугарската комуникација и интеркултурна размена.

Редно е БАН, како водечка и референтна научна установа на Р. Бугарија, да го признае постоењето на македонскиот јазик, не оти без тоа признание македонскиот јазик нема да постои и да се развива, туку затоа што тоа е предуслов за да се води рамноправен и цивилизиран дијалог меѓу современите народи. Затоа што, нели, жив дијалог водат живи лица, во современи и актуелни околности, мислејќи на блиската иднина, а не духовите на минатото, не нереалните квази-романтичарските платформи.

Политичката меморија е селективна, но јазичната меморија е слоевита и богата. Таа не зависи од политичката волја и коректност, туку се протега отаде дневно-политичкиот интерес. Јазичната меморија има свои начела, духовни, благородни, творечки, морални, емотивни, да не речам сакрални. Не е време да ја профанираме јазичната стварност со негации и злоупотреби. Време е за заемна почит за доброто на двата народа. За општо добро — онаа категорија на којашто не ретко забораваме, секогаш на штета на она што сме сега-и-тука и што можеме да бидеме во блиска иднина.

Навистина е тешко да се сфати како една нација која има толку експлицитни романтичарски емоции спрема другата и која се идентификува со другата, сепак си допушта толку експлицитна негаторска реторика (ако Македонците се Бугари, тогаш според таа логика, Бугарите се Македонци, сеедно како се нарекуваат самите себе!)!

Големите умови пронаоѓаат патишта и кај што ги нема, а вие, имам впечаток, ги затворате и оние патишта кои постојат и оние што неодамна ги отворивме со соработката меѓу бугарската и македонската академија. Хуманистичките науки ја промислуваат историјата без забрани, а вие предлагате ултимативни решенија, без исклучок бугароцентрични. А знаеме сите дека денес не е време за центризми, ни за европоцентризам, а камоли за бугароцентризам.

Впрочем, зарем убавината не е во плурализмот на перспективите? Зарем треба да го заробиме умот? Зарем не нѝ се доволно трагедиите од минатото, па нѝ требаат нови, денес?

Академик Катица ЌУЛАВКОВА

Скопје, 13.12.2019

[1] Съобщение на Ръководството на Българската академия на науките, 11.12.2019 (http://www.bas.bg/2019/12/11/съобщение-на-ръководството-на-българ):

  • Становище на Института за български език „Проф. Любомир Андрейчин“ на БАН (http://www.bas.bg/wp-content/uploads/2019/12/Становище-ИБЕ.pdf)
  • Становище на Кирило-Методиевския научен център (www.bas.bg/wp-content/uploads/2019/12/Становище-КМНЦ.pdf)
  • Становище на Института за исторически изследвания – БАН (http://www.bas.bg/wp-content/uploads/2019/12/ Становище-ИИстИ.pdf)

[2] „Официалният език на Република Северна Македония представлява писмено-регионална норма на български яезик“ (в. Единството на българския език в миналото и днес. – Български език, кн. 1, 1979; http://www.promacedonia.org/bugarash/ed/scans/skanove.htm).