Иако научните откритија често доаѓаат ненадејно, постојат неколку настани што веќе сега се најавуваат како потенцијално пресвртни за 2026 година.
Милиони научници ширум светот работат на проекти кои би можеле значително да го променат секојдневието на човештвото, но дали токму следната година ќе донесе големи пробиви – останува неизвесно.
Сепак, експертите издвојуваат пет настани кои би можеле да ја обележат научната агенда во 2026 година.
Враќање на човекот на Месечината
2026 година би можела да биде историска за вселенските истражувања. По повеќекратни одложувања, мисијата „Артемис 2“ на НАСА, реализирана со поддршка од приватни компании како „СпејсИкс“, е планирана за почетокот на годината, најдоцна до април.
Оваа мисија претставува клучен чекор кон повторно присуство на човекот на Месечината – стратешка цел на САД, особено во контекст на забрзаните кинески планови за слетување на Месечината до 2030 година. Кина, во меѓувреме, продолжува со сопствените мисии – сондата Chang’e 7 треба да го истражува јужниот пол на Месечината, а се тестира и вселенското летало со екипаж Mengzhou.
Своја улога на вселенската сцена има и Индија, која по успешно роботско слетување на Месечината во 2023 година, планира самостојна мисија со екипаж во орбитата во 2027 година.
Месечината сè повеќе се гледа како неопходна етапа пред идните мисии на Марс – место за тестирање технологии, опрема и услови за живот во длабоката вселена.
Климатските промени – година на пресврт?
Според прогнозите, 2026 година може да биде уште една рекордна година по глобалните температури. Последната деценија веќе ги надмина сите претходни топлотни рекорди, а британската Метеоролошка служба проценува дека има 80 отсто шанса рекордот од 2024 година да биде надминат до 2029.
Прашањето е дали светот конечно ќе реагира. Иако климатскиот самит COP30 во Бразил покажа дека меѓународната соработка сè уште постои, геополитичките тензии и бојкотите ја отежнуваат заедничката акција.
Според експертите, 2026 мора да биде година на редефинирање на климатската дипломатија. Пред COP31, кој во ноември ќе се одржи во Анталија, вниманието ќе биде насочено кон конференцијата во Санта Марта, Колумбија, каде ќе се дискутира за постепено напуштање на фосилните горива.
Генетското уредување влегува во клиничка пракса
Технологиите за уредување на гени, како CRISPR, веќе се познати, но 2026 година може да означи нивна поширока примена во медицината. Се очекува започнување или завршување на клучни клинички испитувања за персонализирани генски терапии, наменети за лекување на ретки и сложени генетски нарушувања.
Доколку се потврди дека ваквите терапии се ефикасни и кај болести поврзани со повеќе гени, тоа би можело целосно да го промени пристапот кон третманот на голем број сериозни заболувања.
Вештачката интелигенција – помалку сензација, повеќе прецизност
Вештачката интелигенција веќе има значајна улога во науката – од откривање болести и развој на лекови, до истражување на вселената. Но, нејзината масовна употреба донесе и сериозни предизвици, вклучувајќи грешки во податоци и прашања околу научната етика.
Во 2026 година се очекува поинаков пристап: развој на помали, специјализирани модели на вештачка интелигенција, обучени за решавање конкретни научни проблеми. Овие системи нема да бидат наменети за широка употреба, туку како алатки за научници во области како математика, физика и фундаментални истражувања.
Под површината на Земјата – ново поглавје во геологијата
Инспирирани од идејата за „патување до центарот на Земјата“, научниците сè уште се обидуваат да ги откријат тајните на внатрешноста на нашата планета. Во 2026 година, кинескиот океански брод за дупчење „Менг Сјанг“ треба да ја започне својата прва научна мисија.
За разлика од досегашните бродови, „Менг Сјанг“ е дизајниран да дупчи до 11 километри низ океанската кора, со цел да стигне до Земјината обвивка. Собраните примероци би можеле да понудат нови сознанија за формирањето на океанското дно и механизмите што ја движат тектонската активност – уште еден чекор кон разбирање на она што се крие под површината на планетата.



















