Во 1897 година е роден “крвникот во ракавици“, министерот за пропаганда на Хитлер и негов најфанатичен помошник, Јозеф Гебелс, силно искомплексирана личност (куцал на едната нога) и со невпечатлив изглед …
Кога Јозеф Гебелс станал министер за народно просветлување и пропаганда на Рајхот една од првите одлуки која ја донел била палењето книги напишани од Евреите и анти-нацистите.
Гебелс бил познат по своите енергични говори кои, освен големи количини на пропаганда, биле и со огромна доза на антисемитизам. Тој бил многу амбициозен, а најмногу од сè сакал да биде во близина на Хитлер. Го сакал неговото внимание, неговото одобрување, неговите пофалби и блискост. Едноставно Фирерот го обожувал.
Роден е како трет син во големо католичко семејство на сметководителот Фриц Гебелс. На возраст од четири години, се разболел од воспаление на коскена срцевина во потколеницата. И покрај напорите на лекарите ногата заостанала во развојот.
Носел специјална метална протеза и специјални чевли со висока пета за да ја надокнади пократката и закржлавеност на десната нога, но и покрај тоа, Гебелс куцал цел свој живот. Поради тоа било отфрлено неговото барање за воена служба во Првата светска војна, но бил многу ентузијастичен да се бори за царот и Германија. Подоцна, во текот на животот лажно се претставувал како воен ветеран, а својот дефект лажно го претставувал како повреда од војната. Најблиску што можел да дојде до војската било службата во “Одделението за помош на татковината” од март до октомври 1917 година, каде што работел како “канцеларијски војник”.
Нереализиран писател
Петар Логерих, германски историчар и професор на Универзитетот во Лондон, со години работел на книгата во која детално го анализирал сеопфатниот дневник на Гебелс напишан на повеќе од 30.000 страници. Во него се вели дека Гебелс многу ја сакал мајка му, додека татко му го опишувал како “малограѓански бирократа кој уредно ја водел евиденцијата за секоја потрошена паричка за време на мизерниот живот.” Во тие белешки често изразувал чудење како неговата мајка можела да се омажи за таков “тесноград старец.”
Но, грдиот Гебелс своите физички недостатоци (висок 165 сантиметри), ги надоместил со интелектуалните достигнувања и амбиција. Во почетокот требало да стане свештеник, но како сѐ повеќе се оддалечувал од католицизмот започнал студии по филозофија и литература. Во 1921 година докторирал на Универзитетот во Хајделберг, а докторската теза му била драмата на XVIII. век. Подоцна работел како новинар, но и како службеник во банка.
Неколку години неуспешно се обидувал да стане писател, а во своите дела тој ја покажал психолошката штета која неговите физички дефекти му ја нанеле.
Гебелс бил незадоволен од неговиот книжевен неуспех – романот го издал дури во 1929 година, а неговите драми никогаш не се играле во театар. Надомест за овој неуспех пронашол во пишување на дневник, кој го пишувал од 1923 до неговата смрт. Во време кога тој сакал да ги објавува своите дела на германската издавачка сцена доминирале главно Евреите, па Гебелс нив ги сметал за најголеми виновници за декаденцијата на германската култура.
Ги мразел Евреите како ниту еден друг нацист
Како што издавачите претежно одбивале да ги печатат неговите дела, што длабоко го повредило, си ветил дека ќе им се одмазди на тие “еврејски пробисвети”, кои го исмевале и кои “не ја разбирале големината на неговото дело”.
Често, истакнувал: “Евреите мора да ја напуштат Германија, но и целата Европа и при тоа кон нив, не треба да имаме никакви чувства”, па така бил меѓу првите кои решението на еврејското прашање го гледал во депортации и затварања во гета, каде што, скриени од очите на јавноста, би станале модерни робови и каде мачени со глад и исцрпени со работа, на крајот би биле масовно егзекутирани.
– Ова еврејска чума мора да се уништи. Апсолутно и целосно. Ништо од неа не треба да остане – рекол во еден од своите говори, а на крајот на војната во 1944 година, изјавил: “Нашата цел е да ги уништиме Евреите. Без оглед на тоа дали ние ќе победиме во војната, или ќе бидеме поразени, таа цел мора да ја постигнеме и ќе ја постигнеме. Ако германската војска биде принудена да се повлече на тој пат ќе го уништам последниот Евреин на земјата”.
“Масите се глупави и брзо заборававаат”
Инспириран со вербата во својот идол, кој го искачил до култна фигура, бил двигател на Третиот Рајх и човек кој ги потикнал буржоаските кафеави кошули да ги изгорат книгите, синагогите и на крај луѓето. Тој убивал со зборови, а своите современици ги одбивал, но и ги фасцинирал. Хитлер го прикажал како Месија, кој на луѓето ќе им донесе спасение.
Митот за Фирерот кој го создал кулминира во една реченица: Фирерот е секогаш во право. Гебелс во секој момент сакал да управува со туѓите чувства, желби и мисли – вели германскиот историчар Gudio Knopp, автор на околу 15 книги на тема Хитлеровиот Рајх.
Неговото оружје во битката со зборови на приврзаноста на луѓето, смета Knopp, секогаш било исто – едноставни пораки и формули кои лесно се помнат. Тој бил доволно итар да сфати дека свеста најефикасно може да ги помати полувистините, а не отворените лаги.
Како проповедник нацијата ја зајакнувал со вербата во “националното воскресение” и Хитлер како негов ослободител. А за народот не чувствувал ништо освен презир: “Масите остануваат она што отсекогаш и биле, глупави, алчни и оние кои забораваат”.
Тој се погрижил секое германско домаќинство да има радио приемник, а преку него се пренесувани нацистичките собири. Тој бил толку голем махер на пропагандата што до самиот крај обезбедил слепа поддршка од народот.
– Најдобрата техника на една пропаганда нема да постигне успех ако не создадете идеја која ќе ги побие сите други, така што ќе ја повторувате повторно и повторно сѐ додека луѓето навистина не почнаат да веруваат во она што сте им го кажале без да потпрашуваат за мислењата и информациите кои сте им ги дале – рекол Гебелс.
Гениј на пропагандата
Германскиот Евреин Курт Герон бил на врвот на својата кариера таа 1933 година. Три години претходно играл со Марлен Дитрих во хит филмот Синиот ангел. Но, таа ’33 со доаѓањето на нацистите на власт ја напуштил земјата. Но, не сакал да замине подалеку, се криел прво во Париз, а подоцна и во Амстердам. Сепак, нацистите во 1943 година го заробиле и го сместиле во гетото во чешкиот Theresienstadt. Тука веројатно и ќе завршел ако Гебелс не дошол до една пеколна идеја.
Имено, го задолжил Герон во август 1944 година, да сними филм кој би ѝ покажал на јавноста дека во Третиот Рајх добро и хумано се постапува со депортираните Евреи. Како резултат на тоа, создаден е првокласен пропаганден филм Der Führer schenkt den Juden eine Stadt (Фирерот им подарува на Евреите еден град), за кој Герон ангажирал стотици илјади затвореници од логорите како актери, статисти и технички персонал, верувајќи, всушност, надевајќи се дека сите ќе бидат спасени од депортација. Изработена е сценографија, изгладнетите лица се нашминкани, сè е совршено режирано. На Меѓународната делегација ѝ е презентиран филм за примерни услови во кои се живее во Theresienstadt. Евреите во попладневното слободно време седат со торта и кафе, навечер посетуваат забави и одат на танц, ако се болни, одат на лекар кој им помага во лекувањето. Сите учесници во филмскиот проект во тоа време веќе биле мртви, убиени во Аушвиц вклучувајќи го и Герон.
Искрено му е лојален на Хитлер
– Германија копнее по еден човек, еден лидер, како што земјата копнее по дожд. Господе дај му на германскиот народ чудо! Чудо! Лидер – кажал Гебелс уште во 1924. Хитлер навистина ја ценеше Гебелсовата лојалност, неговиот остар интелект и фина реторика, но во личните односи и при донесувањето на важни одлуки кон него се однесувал со воздржаност, смета Knopp.
Хитлер му се восхитуваше на Гебелс и го ценел, но во тоа немало ништо пријателско. Хитлер знаел за Гебелсовата слабост – дека својата позиција често ја користел за додворување на актерките. Но, тоа не одговара на природата на Хитлер – кажа за Гебелс Хитлеровата секретарка Traudl Junge.
Главниот архитект на Рајхот и еден од близките пријатели на Хитлер, Алберт Шпер за него имаше многу високо мислење.
– Гебелс за мене отсекогаш бил гениј на пропагандата, најинтелигентниот од сите тие луѓе. Верувам, токму така може да се каже, дека тој го создал Хитлер како што го создал Хитлер него. Тој е многу комплексна личност – сосема ладна. Таму каде што национал-социјализмот е најлош – во мерките против Евреите во Германија – тој е движечка сила. Тој е егоцентричен, но не и кукавица.
Познатиот германски писател и научник Томас Ман, кој по доаѓањето на Хитлер на власт, бегајќи пред нацизмот заминал во егзил, за Гебелс во 1933 година изјавил:
– Тргајте ми го од пред очи фалбаџискиот шеф за пропаганда на пеколот таканаречениот Гебелс, физички и социјален инвалид, кој со нечовечката подлост свесно сака да се искачи до Бога, единствниот владетел на светот.
Верувал дека неговата сопруга се гледа со Хитлер
Магда и Јозеф Гебелс се сретнале во 1930 година во неговата канцеларија, каде што ова 28-годишна заводлива жена работела како секретарка. Тој бил пет години постар, високопозициониран нацист и во моментот останал фасциниран од високата и витка, разведена русокоса, која едно време била во брак со двојно постар богат индустријалец. Гинтер Квандт ја оставил откако сфатил дека е во љубов со неговиот најстар син од првиот брак.
Итно се развеле, а Магда добила алиментација од четири илјади марки месечно и вила со седум спални соби во центарот на Берлин.
– Прекрасна жена со презиме Квант ги реорганизира моите приватни документи – запиша во својот дневник, во ноември 1930 година. Нејзиното име беше Магда. По неколку недели, двојката започна страсна љубовна врска, која кулминирала со брак следната година, а Хитлер им бил кум на свадбата. Во бракот добиле шест деца.
Како што запишал во својот дневник, во текот на првите шест недели по запознавањето воделе љубов девет пати. Односот во почетокот им бил турбулентен. Всушност, не можел да манипулира со таа самосвесна жена која знаела што сака. А сакал да биде во близина на Хитлер. Но, ниту Фирерот не бил рамнодушен кон неа, така што дури и флертувале кога Гебелс бил со нив во соба.
– Паметам. Магда во близина на шефот не се однесува како дама. Се плашам дека не можам да бидам целосно сигурен во нејзината лојалност – напишал. Според документите кои ги оставил зад себе, јасно е дека Гебелс се сомневал во Магда и аферата со Фирерот. Една вечер во нивниот дом, кога Хитлер ги повикал на вечера, ја опишал како “страшна, љубоморна агонија”.
Малку е веројатно дека Магда и Хитлер биле љубовници, но тие секако биле многу блиски. Можно е дека Магда се согласила на брак со Гебелс само за да остане во близина на Хитлер.
И покрај тоа што делувале складно и имале шест деца, бракот меѓу Магда и Гебелс бил лош.
Сакал да се претставува како Казанова
Но, тој затоа бил во љубовна врска со најубавите и најпосакуваните актерки во Третиот Рајх. Иако грозен, низок и сакат сите завршувале во неговите раце, бидејќи тој сѐ уште одлучувал за кариерите и распределбата на улогите. Точно, тој бил духовит, елоквентен, остроумен, упорен и склон кон давање комплименти, но тоа сигурно не е причината зошто бил толку популарен и пожелен.
Стефан Русел, поранешен дописник од Берлин за еден француски весник, рекол дека на Гебелс му било важно да се шират гласини за него како за Казанова.
– Берлин тогаш бил град на гласини. Нашата работа не била секогаш лесна. Да се добие информација и да се проследи… и едното и другото било опасно. Но, до една работа дојдовме лесно, бидејќи на Гебелс му било важно да се зборува за тоа – за Гебелс како за заводник. И за најситните детали од неговите афери со актерките, најмногу филмските ѕвезди. Јавноста би требала да знае дали оваа или онаа жена ја поминала ноќта со големиот мал Гебелс – рече Русел.
Гебелс имал многу љубовници, но најголемата закана за неговиот брак била 22-годишната актерка Лида Барова, во која се вљубил. Гебелс ја завел чешката убавица на својата јахта под месечина, а во наредните две години тој станал целосно маѓепсан од неа.
До есента 1938 година, бракот на Гебелс и Магда бил пред растурање. Сепак, Хитлер инсистирал двојката да остане во брак, главно поради тоа што нему му било потребно Магда да остане почитувана. Ако се разведе по втор пат, ќе започнат гласините за неа и Фирерот.
Ги убиле децата, а потоа и себе
Непосредно пред колапсот на нацистичката Германија Магда и Јозеф со своите шест деца се нашле во т.н. Führerbunker во Берлин. Сфаќајќи дека нејзиниот сакан Хитлер ќе изврши самоубиство фанатичната нацистка Магда Гебелс донела одлука – без национал-социјализмот нема живот за неа и за нејзините деца.
Иако многумина од монструозната идеја се обиделе да ја премислат, таа не се откажувала од својата замисла. Светот кој доаѓа по Фирерот и националсоцијализмот за неа не бил достоен за живот.
– За моите деца во Германија каква што ќе стане по завршувањето на војната нема место – била одлучна.
Децата ги успале со морфиум, а потоа Магда со помош на лекарот на Хитлер, на секое од нив во устата им здробила смртоносни капсули со цијанид. Откако ги убиле децата, Гебелс и Магда излегле од Führerbunker-от. Еден офицер на СС подоцна кажал дека двајцата се отруле, а потоа на нив пукал вториот офицер. Во еден извештај наведено е дека биле изрешетани со митралез по свое барање. Во друг извештај дури се наведува дека Јозеф прво ја убил Магда, а потоа и себе. Оваа теорија е претставена во хит филмот Хитлер: Конечен пад.
Војниците ги запалиле нивните тела, но поради недостаток на гориво тие не изгореле целосно, па се скриени во плиток кратер од граната во близина на бункерот.
Советите подоцна ги идентификувале и ексхумирале телата на Јозеф и Магда и нивните шест деца и заедно со телата на Адолф Хитлер и на Ева Браун, ги однеле во Магдебург. Конечно по советската команда во 1970 година сите останки повторно биле запалени и фрлени во реката Елба.
Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!
Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.



















