Еве како прошетката во природа го менува нашиот мозок и здравје

534

Доколку сте упатени кон посета на некоја пустина или дива природа, Дејвид Страјер е човекот којшто би сакале да биде зад воланот на автомобилот.

Тој никогаш не разговара и не праќа пораки на телефонот, додека вози. Тој не го одобрува ниту јадењето во автомобил. Страјер е когнитивен психолог во Универзитетот Јута, кој се специјализира во човечко внимание. Тој знае дека нашите мозоци се склони на грешки, па употребата на телефон само ги дефокусира возачите, исто колку што тоа го прави алкохолот.

Сите знаеме дека посетувањето на некоја дестинација, богата со бујна природа и чист воздух, може многу позитивно да делува на нашето расположение, да ги разбуди нашите сетила и да нè потсети на смислата на животот. Но, по сè изгледа, одморот во природа со себе носи многу поконкретни и реални придобивки за нашето здравје.

Неодамна, научниците открија дека времето поминато во природа и релаксација, всушност физички ни ги менува нашите мозоци кон подобро.

Се прашувате која е причината за ова? Истражувањето покажало дека одморот поминат во природа, на далечно, ненаселено и диво место, не само што создава еден куп нови импресии кај човекот, туку и му помага да престане да размислува. Според експертите, најдобриот начин да се справиме со лошото расположение, е да го „исклучиме“ мозокот. Најинтересната работа во сево ова, е дека додека го правиме тоа, нашите мозоци можат буквално да се трансформираат.

Мозокот не е неуморна машина, напротив тој брзо се изморува. Затоа, кога ќе го забавиме темпото, ќе го распоредиме густиот распоред во текот на недела и ќе дозволиме да бидеме опиени од прекрасната, недопрена природа, не се само што ќе се чувствуваме обновено, туку и ќе имаме подобрување во нашите ментални перформанси.

Оваа теорија се потврдува, кога група научници направиле тестирања на неколку лица кои заминале на прошетка во шума, во времетраење од час и половина. Кај секој учесник во експериментот, била забележана намалена активност на префронталната мозочна кора, делот од мозокот кој е одговорен за душевни болести. Според хипотезата на Страјер, самото присуство во природа, му овозможува на командниот центар на мозокот да се одмори и олабави, како што тоа го прави премногу оптоварен мускул после физичка активност. Само замислете што би можело да се постигне, доколку поминеме многу повеќе од час и половина во шума, на пример неколку дена или седмици!?

Науката само го докажува она што ние, луѓето, отсекогаш сме го знаеле: природата не повикува во своите прегратки, бидејќи таа е способна да нè направи поздрави, посреќни и попаметни.

Научниците исто така истражиле и како промените на мозокот, можат да влијаат врз нашиот секојдневен живот. Тие повикале група волонтери да поминат неколку дена на некое мирно место, надвор од бучавата во градот и да ги исклучат сите електронски уреди. Паралелно, им биле дадени тестови за мерење на нивото на креативност, како и некои други покомплицирани задачи. Од истражувањето, произлегло дека нивото на креативното размислување кај волонтерите, се зголемило за 50%.

Ваков вид на истражувања се правеле уште од дамнешни времиња, но тематиката секогаш останала мистериозна, бидејќи немало доволно докази кои ја поткрепуваат. Но, затоа денес има! Мотивиран од многубројните светски здравствени проблеми на денешницата, како што се екстремната згоеност, депресијата и сеприсутната кратковидост, кои се очигледно поврзани со неминувањето доволно време надвор, Страјер и другите научници гледаат на проблемот со возобновен интерес, за да докажат дека постои голема поврзаност помеѓу природата и нашите мозоци и тела. Служејќи се со современи и напредни откритија во невронауката и психологијата, тие започнале да го мерат сето она што некогаш звучело божествено и мистериозно. Мерењата на стрес-хормоните, срцебиењата, мозочните бранови и протеините, индицирале дека кога поминуваме време во природа, „нешто моќно се случува“, додава Страјер.

Тешко е да се заклучи од ова и од другите истражувања на оваа тема, зошто луѓето се чувствуваат подобро кога се во природа. Дали за тоа придонесува свежиот воздух? Можеби пак одредени бои и форми ги поттикнуваат неврохемикалиите во визуелната мозочна кора? Или пак резултатот се должи на тоа што, луѓето кои живеат во „позелени“ населби ги користат парковите за да вежбаат повеќе? На ист начин размислувал и епидемиологот Ричард Мичел, од Универзитетот Глазгов, во Шкотска. Тој бил скептичен. Но, откако направил огромна студија, која открила дека стапката на смртност и заболување од болести е помала кај луѓето коишто живеат во близина на паркови и зеленила, дури и ако не ги користат за прошетки. Ова, како и други истражувања, откриле дека блискоста со природата има закрепнувачки ефекти, без разлика дали ја користите за прошетки или не. Воедно, било откриено дека најголеми придобивки по здравјето, имале луѓето со најниски приходи.

Ричард и други истражувачи, веруваат дека природата ни помага така што ни го намалува нивото на стрес. За разлика од луѓето кои имаат лош поглед низ прозорците од домот, оние кои можат да видат дрвја и трева, побрзо закрепнуваат при лекување во болница, покажуваат подобри резултати во училиште, па дури и се помалку склони кон насилно однесување. Овие резултати се согласуваат со експерименталните студии на централниот нервен систем. Мерењата на стрес-хормоните, респирацијата, отчукувањата на срцето и потењето, откриваат дека кратката доза на природа, па дури и гледањето слики од природна убавина, можат да ги успокојат луѓето и да го изострат нивниот ментален перформанс.

Лиса Низбет, професор по психологија на Универзитетот Трент во Канада, забележала дека и покрај тоа што сите ние ги сакаме и почитуваме зеленилото и националните паркови, сепак стапката на посети по жител, почнала многу да се намалува во Канада, од појавата на имејл комуникацијата. Слични се резултатите кои се однесуваат на посетата на дворот во куќите на луѓето.

Воедно, разни истражувања покажале дека само 10% од тинејџерите во Америка поминуваат време надвор секој ден, а пак возрасните поминуваат повеќе време во нивните возила, отколку надвор (помалку од 5% од нивниот ден).

Луѓето го потценуваат ефектот на среќа да се биде надвор, објаснува Низбет. Ние не размислуваме дека тоа е одличен начин да се чувствуваме посреќно. Мислиме дека други работи ќе нè направат посреќни, како што е шопингот или гледањето ТВ. Ние сме резултат на природата! Затоа, чудно е тоа што сме толку дисконектирани од неа, вели таа.

Заклучок: За да уживате во добро здравје, долговечност, хармонични односи со другите луѓе и вистинска, изворна среќа, навистина вреди одвреме-навреме да оставите сè што ви се случува во животот, да го наметнете вашиот најдобар ранец за планинарење и да се насочите кон некое тивко и прекрасно место. Можеби можете да го направите тоа уште денес?

Ова е гостинска статија од Кристина, автор и уредник на Fashion Corner. Таа во слободно време ужива во долги прошетки, музика и јога, а сака да чита интересни истражувања и мисли поврзани со човековата психологија.