Голема студија покажува дека наследената генетика има значајна улога во развојот на туморите, отворајќи пат кон поперсонализирана превенција и лекување
Зошто некои луѓе кои пушат цел живот никогаш не заболуваат од рак на белите дробови, додека болеста се појавува и кај лица кои никогаш не запалиле цигара? Истото прашање важи и за ракот на кожата – не секој што е изложен на сонце ќе развие малигно заболување.
Ново истражување објавено во научното списание Nature нуди дел од одговорот. Научниците презентираа први цврсти докази дека наследената генетска структура на секој човек значително влијае врз тоа како се развива ракот по оштетувањето на ДНК.
Според експертите, откритието би можело да го промени пристапот кон превенцијата, раната дијагностика и третманот на малигните заболувања.
Генетиката го менува текот на болеста
Истражувачите утврдиле дека дури и мали наследени генетски разлики можат да одредат кои мутации ќе се задржат во клетките, како ќе се развива туморот и, потенцијално, како ќе реагира на терапија.
„Оваа студија ни дава фасцинантен увид дека наследените гени можат значително да влијаат на начинот на кој се развива ракот по оштетување на ДНК“, изјави Сем Годфри од Cancer Research UK.
Резултатите, пренесува Euronews, ја нагласуваат потребата идните стратегии за превенција и рано откривање на ракот повеќе да ја земаат предвид наследната генетика и генетската разновидност на популацијата.
Анализирани речиси 600 тумори
Во истражувањето биле користени четири генетски различни групи лабораториски глувци, со цел да се симулира генетската разновидност што постои кај луѓето.
Сите животни биле изложени на иста количина од канцерогената супстанца диетилнитрозамин, која се наоѓа во чадот од тутун и во одредени преработени прехранбени производи. Ова соединение предизвикува оштетување на ДНК во клетките на црниот дроб и може да доведе до развој на тумори.
Иако сите глувци биле изложени на идентични услови и иста доза на канцерогенот, научниците забележале дека туморите се развивале по различни еволутивни патишта – исклучиво во зависност од нивната генетска позадина.
За да ги реконструираат овие процеси, истражувачите анализирале речиси 600 тумори. Иако многу од нив на крајот ги активирале истите механизми што го поттикнуваат растот на ракот, до тоа стигнале преку различни мутации и генетски промени.
„За првпат успеавме да покажеме до кој степен генетската позадина влијае и на процесите на мутација и на патиштата што водат кон развој на тумори“, изјави Данкан Одом, кој го предводел истражувањето.
Поточни терапии во иднина?
Авторката на студијата, Сара Ајткен од Медицинскиот факултет на Универзитетот Јеил, смета дека наследената генетика би можела да влијае и врз ефикасноста на третманите што ја оштетуваат ДНК на туморот, како што се одредени видови хемотерапија и радиотерапија.
„Можно е пациентите различно да реагираат на лековите за рак во зависност од нивната наследена генетика, што би значело дека во иднина дијагностиката и третманите ќе треба дополнително да се приспособуваат“, истакна Ајткен.
Потребни се дополнителни истражувања
Иако резултатите засега се добиени во експериментален модел, научниците сметаат дека, доколку се потврдат и кај луѓето, тие би можеле да овозможат попрецизна проценка на индивидуалниот ризик од рак и избор на поефикасни, персонализирани терапии.
„Потребни се дополнителни истражувања за целосно да разбереме што значат овие откритија за луѓето, но тие имаат потенцијал суштински да го променат нашето разбирање за развојот на ракот и да придонесат за поуспешна борба против болеста“, заклучи Сем Годфри.