Значајно предупредување до граѓаните | “Обезбедете доволно залихи храна за зимата“ 

1106

Немирите кои следеа во кинеската јавност беа толку големи што мораше да се ангажира државната пропагандна машинерија за да се смири ситуацијата.

Кина ги предупреди семејствата да се снабдат со храна и други дневни потребштини бидејќи лошото време, недостигот на енергија и ограничувањата поради Ковид-19 може да го нарушат снабдувањето.

Министерството за трговија на земјата доцна во понеделникот издаде известување со кое им наредува на локалните власти да ги охрабрат луѓето да складираат „секојдневни потребштини, вклучително зеленчук, масло и живина“, за да ги задоволат потребите на секојдневниот живот и итни случаи, објави CNN.

Тие, ги повикаа локалните власти да се погрижат луѓето да имаат „соодветни резерви“ од основните потребштини до следната пролет. Тие, исто така, им рекоа на локалните власти да ги одржат цените стабилни – што е извор на значителен страв во последниве недели, бидејќи цените на зеленчукот се зголемија низ Кина поради невообичаено обилните врнежи кои им наштетија на посевите.

Она што најмногу загрижува е како е формулирано предупредувањето

Кина и претходно ја истакнуваше важноста од снабдување на храната и другите дневни резерви – вклучително и во септември, во пресрет на големиот празник што траеше една недела. Но, овие изјави често се бирократски објави кои локалните власти би требало да ги читаат и ретко го привлекуваат вниманието на обичните граѓани. Но, овојпат, јазикот на кој е формулирана објавата ги вознемири луѓето – се спомнуваат семејства (не само месни заедници, продавници итн.).

Ненадејното предупредување предизвикало шок на кинеските социјални медиуми во вторникот, бидејќи многу луѓе шпекулирале што се крие зад објавата на Министерството за трговија. Владата „не нѝ кажа да складираме продукти дури и кога избувна епидемијата на Ковид на почетокот на 2020. година“, напиша еден корисник на Weibo, одговарајќи на веста. Друг шпекулираше дека властите ги потсетуваат луѓето дека „можеби нема да можат да си дозволат зеленчук оваа зима“.

Реакцијата на јавноста беше толку силна што мораше да се мобилизира целата пропагандна машинерија на државните медиуми за да се обиде да ја смири загриженоста. Hu Xijin, уредник Global Timesa, државен таблоид, ги отфрли сугестиите дека објавата може да биде поврзана со растечките тензии меѓу Пекинг и Тајпеј. Кина го смета Тајван за „нераскинлив дел“ од својата територија, иако Комунистичка партија на Кина никогаш не владеела со островот.

Во меѓувреме, Државниот Economic Daily во вторникот напиша дека властите се обидуваат да ги потсетат семејствата да се подготват во случај на привремени затварања предизвикани од Ковид-19.

Државната телевизија CCTV рече дека делот од објавата со кој се повикуваат семејствата да се снабдат со залихи е пренагласен и добил преголема важност. Тој, исто така, објави интервју со Zhu Xiaoliang, претставник на Министерството за трговија, кој рече дека дневните резерви за луѓето се доволни и можат да бидат „целосно загарантирани“. Тој додаде дека огласот е наменет за локалните власти.

Ригорозните мерки против епидемијата го парализираат транспортот

Кина заржува строга политика со нулта стапка на Ковид, дури и кога земјите ширум светот постепено се отвораат и учат да живеат со коронавирусот. Втората по големина економија во светот е решена целосно да го искорени вирусот во своите граници и воведе строги ограничувања за да се запре епидемијата, вклучително и запирање на брзите возови и карантин на патниците и менување на семафорите во црвено за да се обесхрабри сообраќајот во провинцијата каде што има и еден пријавен случај.

Строгите кинески мерки дури станале вирални во текот на викендот, откако еден потврден случај на коронавирус предизвикал итно затворање на Дизниленд во Шангај. Толпи во едно видео се прикажани како се редат пред импровизираните места за тестирање додека здравствените работници во целосна лична заштитна опрема ги следат.

Напорите низ целата земја за контрола на случаите со коронавирус може делумно да придонесат за зголемување на цените на храната, според Wang Hongcun, официјален претставник на Општинската трговска канцеларија во Пекинг. Тој на прес-конференција минатата недела рече дека транзитните трошоци низ регионите може да се зголемат поради мерките за штедење.

Wang додаде дека цените на некои зеленчуци во главниот град на земјата во октомври скокнале за 50 отсто или повеќе.

Ги казнуваат муштериите ако не изедат сè од чинијата …

Но, постојат и други фактори кои придонесуваат за зголемување на цените. Распространетиот недостиг на јаглен го поскапи одгледувањето во оранжериите, зголемувајќи ги трошоците за греење и електрична енергија. И екстремните временски услови ги оштетија посевите во поголемите земјоделски провинции.

Министерството за трговија во понеделникот ги повика локалните власти да се подготват за зимата со потпишување долгорочни договори со добавувачите на земјоделски производи, како и купување зеленчук што може да се складира.

Пекинг презеде други неодамнешни мерки насочени кон безбедноста на храната. Владата во понеделникот објави акционен план со кој ги повикува луѓето да не нарачуваат повеќе храна отколку што им е потребно и да пријават ресторани кои растураат храна – мерка слична на кампањата предводена од претседателот Xi Jinping минатата година, кога пандемијата на коронавирусот и екстремните поплави ги загрозија синџирите на снабдување со храна.

И во април, Кина усвои закон кој им дозволува на рестораните да им наплаќаат на гостите дополнителен надомест за оставање „прекумерни“ остатоци во чиниите. Законот, исто така, ги казнува луѓето кои снимаат или споделуваат видеа од прејадување, со казни до 100.000 јуани (приближно 15.000 долари).