Зеленски објави 10 услови за крај на војната

150

Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска на самитот на Групата 20 (Г-20) во Индонезија ги повика најголемите светски економии да го засилат своето лидерство и да ја прекинат војната во неговата земја во согласност со мировниот план што тој го предложи.

„Нема да чекаме Русија да ги зајакне своите сили. Убеден сум дека сега е моментот кога руската војна мора и може да се запре“, рече Зеленски во обраќањето преку видео врска до лидерите на Г-20 на индонезискиот остров Бали.

„Убеден сум дека сега е моментот кога руската војна мора и може да се запре“, рече Зеленски.

Зеленски на својот профил на Телеграм го објави „рецептот за мир“, односно предлозите на Украина за прекин на војната, кои неодамна им ги даде на лидерите на Г-20, пишува „Гардијан“.

Според него, Украина отсекогаш била лидер во мировните напори и светот го видел тоа.

„И ако Русија каже дека наводно сака да стави крај на оваа војна, нека го докаже тоа со дела“, рече Зеленски.

Тој додава дека Украина нема да дозволи Русија да чека, да ги собере силите, а потоа да започне нова серија на „терор и глобална дестабилизација“ и вели дека нема да има договор „Минск 3“, кој Русија веднаш би го прекршила.

Од друга страна, Зеленски посочува дека постои „украинска формула за мир“. Оваа формула ќе донесе мир во Украина, Европа и целиот свет. Според него, постојат низа решенија кои можат да се применат за вистински да се гарантира мирот.

Зеленски, учествувајќи на самитот на Г-20, изнесе предлози за вакви решенија, кои ги окарактеризира како „конкретни и правични“. Тој додава дека Украина им нуди на светските лидери „да бидат ко-креатори на мирот заедно со нив“.

Предлозите на Украина се следните:

1. Радијациона и нуклеарна безбедност;

2. Безбедност на храната;

3. Енергетска безбедност;

4. Ослободување на сите затвореници и депортирани;

5. Спроведување на Повелбата на ОН и враќање на територијалниот интегритет на Украина и светскиот поредок;

6. Повлекување на руските трупи и прекин на непријателствата;

7. Враќање на правдата;

8. Анти-екоцид;

9. Спречување на ескалација;

10. Работа на окончување на војната.