АВТОМОБИЛИ

Започнува продажбата ! AirCar е друмско возило кое може да ги рашири крилјата и – да полета ! Видео

By kukuriku

May 23, 2025

На автомобилот му се потребни само 80 секунди да ги рашири крилјата и да се трансформира во авион.

Се приближуваме кон денот кога ќе можеме да нарачаме такси, а наместо класичен автомобил, ќе пристигне авион кој ќе нè земе и брзо и по воздушен пат ќе нè однесе до посакуваната дестинација, додека сообраќајните метежи ќе останат под нас. Но, кога зборуваме за вакви летачки таксиња, не мислиме на летачки автомобили, туку се однесува на некаков вид големи дронови кои можат да полетуваат и слетуваат вертикално како хеликоптер.

Затоа, ваквите авиони не можат да патуваат по патишта, туку се наменети само за воздушен транспорт. Но, веќе следната година, треба да биде достапен вистински летачки автомобил – патно возило кое буквално може да ги рашири крилјата и да полета.

Словачката компанија „Klein Vision“ со години работи на ваков хибрид пат-воздух, која неодамна претстави нов прототип на своето возило „AirCar 2“, кое е подготвено за производство, иако пред тоа ќе треба да добие и некои други потребни сертификати.

Првиот модел на овој автомобил привлече големо внимание на јавноста откако успешно заврши 35-минутен лет помеѓу два града пред четири години. По тој лет, развојот продолжи и Klein Vision имплементира бројни и големи подобрувања и сега е на еден чекор од конечниот модел што ќе биде достапен за продажба.

Повеќе од 500 успешни летови

Еден од основачите на компанијата, Антон Зајац, објави дека нивниот летачки автомобил ќе се најде во продажба на почетокот на следната година, и јасно е дека нема да биде евтин. Оние кои сакаат да имаат превозно средство кое ќе им овозможи да возат по патишта, но и да летаат низ воздухот, мора да бидат подготвени да платат од 800 илјади до дури милион долари, во зависност од видот на моторот и некои дополнителни опции. Зајец вели дека веќе има неколку преднарачки од заинтересирани клиенти.

AirCar 2 е долг 5,8 метри и е напојуван од нов 1,6-литарски мотор на BMW кој е двојно помоќен (280 КС) во споредба со првиот модел на овој летачки автомобил. Исто така, благодарение на новиот мотор, времето потребно за полетување е скратено, а брзината на летот е зголемена од 170 на 250 км/ч, а целокупната безбедност е значително зголемена кај новиот модел. Неговиот вкупен дострел е околу илјада километри, според словачката компанија.

Додека е на пат, максималната брзина на автомобилот е 200 км/ч, а на AirCar 2 му се потребни само минута и 20 секунди за да се трансформира во авион, но за полетување ќе биде потребна писта.

Ова возило, или летало, е резултат на 35-годишна работа на експертот за воздухопловство Стефан Клајн, кој го лансира првиот AirCar пред девет години и досега има повеќе од 500 полетувања и слетувања, и поминал повеќе од 170 часа во воздух со ова летало. Што се однесува до иднината, неговата визија е летачкиот автомобил, кој сега се напојува со бензински мотор, да биде целосно електричен, но ова ќе биде можно само кога батериите ќе бидат доволно добри.

Извор: Daily Mail