Забраната за влез во ЕУ останува до крајот на септември

131

Амбасадорите на членките на Европската унија вчера, без дискусија, одлучија дека списокот на земји чии граѓани се уште мора да бидат ставени во карантин или тестирани за коронавирус, доколку сакаат да патуваат во ЕУ, да остане непроменет, пренесува агенцијата Бета.

Новата проценка околу степенот на инфекција во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и други делови на Европа и светот ќе биде спроведена кон крајот на септември.

Засега, списокот на држави чии граѓани сè уште треба да стават во карантин или да направат тест за вирусот останува непроменет – велат официјалните лица, кои се повикуваат на одлуката на Комитетот на амбасадори на постојаните претставници на ЕУ (КОРЕПЕР).

Агенцијата наведува дека, според официјалните претставници на Советот на министри на ЕУ, некои членки на ЕУ сметаат дека, поради значително помала инфекција и подобра епидемиолошка состојба, Србија треба да се отстрани од списокот за забрана, но повеќето амбасадори биле на мислење дека конечната одлука треба да се остави за еден месец.

Необврзувачка одлука

Мнозинскиот став на претставниците на земјите-членки на ЕУ беше дека во Србија, сепак, нивото на инфекција го надминува клучниот критериум на Унијата за одобрување на патување: максимум 16 заразени со коронавирус на 100.000 жители.

Засега, Европската унија им дозволува на граѓаните на Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тунис и Уругвај да патуваат во Унијата – земји каде епидемиолошката состојба се смета за безбедна.

Одлуката на Комитетот на амбасадори на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ не е правно обврзувачка за членките на Унијата, од кои секоја може одделно да одлучи за тоа на чии граѓани ќе им дозволи да доаѓаат на нејзина територија.