Пред речиси 40 години на 31 октомври 1975 година, во јавноста за прв пат беше пуштена една од најпопуларните песни на Queen и еден од најголемите хитови во светот воопшто “Bohemian Rhapsody”.
Песната е редовно на листите од типот “100 најдобри песни на сите времиња”, но човекот кој ја напишал никогаш јавно не сакаше да го појасни вистинското значење на стиховите.
Покојниот фронтмен на Queen Фреди Меркјури само еднаш кажал дека песната зборува за “врските”, па дури и неговите колеги од бендот не биле многу поелоквентни.
Но, како што пишува Daily Mail, неколку дена пред 40-годишнината од песната, Фредиевата биографка Lesley- Ann Jones открила дека стиховите на песната ја кријат тајната порака – признанието на Фреди дека тој е хомосексуалец.
Најреномираниот музички текстописец Тим Рајс, кој добро го познавал Фреди, смета дека тврдењето на биографката Џонс држи вода. “За мене е доста очигледно дека тоа е Фредиев “coming out”. Зборував за тоа со тапанарот на Queen Роџер Тејлор. Пораката е многу јасна: Фреди всушност признава дека е геј”, вели Рајс.
Во стихот “Mama, I just killed a man [мамо, јас само што убив човек] Фреди го убил стариот себе, својот поранешен лик. Кога пее “Put a gun against his head, pulled my trigger, now he’s dead“ [Му ставив пиштол на главата, го повлеков чкрапалото и сега тој е мртов], тука дотогашното хетеро лице е мртво. Го уништил човекот кој се обидувал да биде и сега се обидува да живее со новиот Фреди”, објаснува Рајс.
“I see a little silhouetto of a man [гледам мала сенка на човек] – тука сé уште го прогонува она што тој го направил”, додаде Рајс.
“Секогаш кога ја слушам песната го гледам како се обидува да се реши од едниот и да го прифати другиот Фреди. Дали во тоа успеал? Па мислам дека прилично добро се носеше со тоа”, вели Рајс не пропуштајќи да спомене дека и за него Bohemian Rhapsody е едно од најголемите музички дела на 20 век.
Lesley-Ann Jones вели дека таа лично го прашала Фреди дали песната е неговото признание на хомосексуалноста, на што, по смеата придружена со молчење, рекол: “Сега не е моментот”.
Но, неговиот љубовник Џим Хатон, по смртта на Фреди, ја потврди тезата. “Ти беше во право. Фреди никогаш немал намера јавно да го признае тоа, бидејќи тој едноставно мораше да продолжи да игра хетеро личност, заради неговото семејство. Но, многу пати сме зборувале за тоа”, го цитираше Хатон биографката Џонс.
“Тоа беше Фредиевата исповед за тоа како неговиот живот би можел да изгледа, како, колку би бил посреќен ако можеше да биде она што е. Светот имаше можност да го слушне имагинативното ремек-дело, комплексно и повеќеслојно, но со едноставна порака. Песната беше она што Фреди навистина беше”, рече уште Хатон.