Втор корона бран од североистокот на Кина

440

Од Кина доѓаат вести за нови инфекции и заразени со Ковид-19 на североистокот на земјата. Официјалните реакции се засега воздржани, додека дел стравуваат од „втор Хубеи“, пишува DW.

Секојдневниот живот во Кина и понатаму се враќа во нормала, „кривата“ на нови регистрирани случаи на Ковид-19 од почетокот на април е речиси на нула, како што покажува графиката на универзитетот „Џонс Хопкинс“. Сепак од североисточната провинција Хеилонгџијанг доаѓаат вести за нови заразени лица, што кај населението предизвикува загриженост од „втор бран“. „Јасно е, Хеилонгџијанг се развива во втор Хубеи,“ вели за Дојче Веле еден граѓанин од југоистокот на провинцијата. Во Вухан, најголемиот град во провинцијата Хубеи, епидемијата започна на крајот од 2019 година.

Повеќе кластери во Хеилонгџијанг

Според податоците на Здравствената комисија во провинцијата Хеилонгџијанг, од средината на април во повеќе градови се регистрирани повеќе таканаречени кластери на заразени лица. Според последната состојба од 29.04, во провинцијата се регистрирани 553 случаи на Ковид 19, од кои 386 се Кинези повратници од соседна Русија.

Откако на 18 април беше регистриран поголем кластер во болница во градот Муданџијанг, властите ја засилија контролата во градот. На 26 април, на жителите на Муданџијанг им беше наложено да седат дома и да излезат само во случај на неодложна потреба. Исто така им беа испратени пораки дека треба да изберат само по едно лице од семејството „со најсилен имунитет“ кое ќе биде задолжено да прави набавки за дома.

Можност за целосен карантин во Муданџијанг

Во пораките испратени до граѓаните понатаму пишува: „Од 27 април тимови на локалната власт ќе вршат дисицплинска контрола на улиците. Поголеми групи од тројца ќе бидат апсени. Се забранува и користење на електрични скутери.“ Автомобили може да се возат само со посебна дозвола. Исто така во голема мера е блокиран пристапот во Муданџијанг од другите делови на провинцијата. Најголемиот дел од продавниците се затворени, исклучоци има само за мали маркети за храна и слични продавници во кои се продаваат намирници потребни во секојдневнието.

Еден жител по име Хуанг, за ДВ вели дека поголемиот дел од жителите во градот се скептични во однос на официјалните бројки. „Не им се верува безусловно на официјалните бројки,“ вели тој. Покрај тоа постои и неизвесност дали и кога властите ќе го стават градот во целосен карантин и ќе воведат рестрикции за движење. „Едноставно не знаеме дали ваквите одлуки се носат од политички причини или врз база на научно потврдени факти.“

Погоден и главниот град на провинцијата – Харбин

Како што пишува пекингшкиот Народен весник, и во главниот град на провинцијата Харбин со околу 10 милиони жители регистрирани се повеќе кластери на заразени во округот околу болниците. Во еден случај, 87 годишен пациент зарази 68 лица, така што втората болница во Харбин мораше привремено да биде затворена.

Во Харбин досега не се преземени толку строги мерки ако во Муданџијанг. Еден жител по име Ли за ДВ вели: „Локалните комитети сега издаваат дозволи но со задолжителна фотографија на нив. Со тоа лицата мора да докажат дека се жители на соодветната населба за да може да влезат и да излезат од неа, но мојот впечаток е дека сепак не се врши толку строга контрола. Локалните пазари сѐ уште работат, но речиси секој на улица носи заштитни маски.“

Ли за разлика од Хуанг од Муданџијанг, има доверба во информациите од властите. „Мислам дека владата ја има ситуацијата под контрола во Харбин. Зошто да фалсификуваат податоци за Ковид-19? Тоа само уште повеќе ќе наштети на угледот на владата.”

Недоверба спрема граѓаните

Граѓаните од Хеилонгџијанг пак, се соочуваат со неприфаќање од луѓето од останатите делови од Кина. Хуанг од Муданџијанг за ДВ раскажува дека имало зголемен број објави со омраза за луѓето од провинцијата. Тој стравува дека лицата од Хеилонџијанг ќе имаат проблеми да дојдат до работа во други делови од земјата. Еден негов познаник кој во време на пикот работел од дома, минатата недела веднаш бил вратен назад од страна на шефот кога сакал да дојде на своето работно место во соседната провинција Шандонг.

Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!

Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.