Всушност, меѓународното право бара раскинување на договорот од Преспа!!!

301

Долгите редови на шалтерите во зградата на Македонската телевизија и немањето слободни термини за вадење лични документи и пасоши со новото име на државата е новата реалност и вистинска слика за тоа што е содржано во Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Грција.

Во согласност со Преспанскиот договор за добрососедство, за македонските граѓани следува и обврската и за менување на регистарските таблички со „додавката“ НМК. Ова е само дел од „добрососедската“ политика што беше договорена пред пет години меѓу тогашните премиери на Македонија и Грција. Што уште ќе исплива на површина од овој договор, останува дополнително да видиме, во согласност со роковите што беа утврдени во овој правно „сложен“ текст, за кој правните експерти имаат различни толкувања за нивното значење и примена.

Мислењата на експертската јавност се дека дополнително ќе се соочуваме со многу прашања за дефинирањето на термините „Македонија“ и „македонски“, во историски контекст и за културното наследство, кои ќе задираат во посебноста на македонскиот идентитет. Начинот на кој беше надминат долгогодишниот спор со Грција предизвика неповолни реакции кај дел од македонската објективна јавност, која бара и преиспитување на договорот. Неизвесноста што е присутна и со спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија поттикна (странски и домашни) експерти за меѓународната политика и историчари да опстојат на идејата за раскинување на договорите со двата соседа, кои негативно се одразуваат на зачувувањето на македонскиот идентитет и историја.

За таа цел од Редакцијата перманентно бараме мислења, консултирајќи се со експерти од светот за тоа како тие размислуваат дека треба да постапиме како држава и нација, а да не ги нарушиме својот интегритет, својот идентитет и посебност, својата сувереност… И во исто време, како да постапиме, преземајќи легални и легитимни чекори, во согласност со меѓународното право, со кои не би направиле негирање на правото и меѓународниот поредок, и не мешајќи се во внатрешните работи на ниеден сосед, ниту прекршувајќи ги принципите на ЕУ.

Исто така бараме мислење како Македонија да спроведе дипломатска офанзива во светските центри на моќ за да го објасниме нашиот став.

Во една таква динамика и релација со нашите релевантни соговорници, забелешките на експертите се однесуваат на тоа како ние всушност сме дозволиле да влеземе во сценарио на „нестандардна асиметричност на билатералните договори на Македонија со соседите“?! Имено, долгите но прецизни експликации на експертите во врска со споменатите договори содржат несоборливи аргументи дека во потпишаните билатерални договори „се дерогираат принципите на рамноправност и реципроцитет во меѓународното право“. Тоа значи дека Грција доби „промена на името на државата Македонија“, но и концесија за ограничување на користењето на историскиот и географскиот континуитет на распространетоста на македонскиот народ со сите негови идентитетски атрибути.

Успехот на Атина на меѓународен дипломатски терен беше поттик за Бугарија да инсистира на претходно потпишаниот Договор за добрососедство, од кој произлегуваат асиметрични обврски за двете страни. Како што е познато, Бугарија, поддржана од земјите од Европската Унија, успеа во преговарачката предлог-рамка на ЕУ да ги вгради и сите обврски со кои би се остварила врховистичката идеја за „заедничка историја“.

Додека од официјална Софија и Атина продолжуваат со својата тивка и асимилаторска политика кон Македонија, од меѓународните правни експерти пристигнуваат сериозни реакции на таквиот развој на настаните. Низа универзитетски професори по меѓународно право се категорични дека со Преспанската спогодба универзално се врши „негација на нашиот национален идентитет, како признаено право и во ООН“. Токму затоа наша меѓународна правна обврска е да го раскинеме договорот со кој, според образложувањето на професорот Јанев, се врши – културен геноцид! Токму, културоцидот што произлегува од Преспанскиот договор ѝ дава на Македонија правна можност за негово еднострано раскинување, смета професорот Јанев.

Професорот по меѓународно право предлага и скица на дипломатска нота што би требало да биде направена со Грција, која се однесува на раскинување на Преспанскиот договор. Оваа правна постапка тргнува од принципите содржани во повелбата на ООН, особено на универзално прифатениот принцип на самоопределување на народите и државите и особено на принципот на суверена еднаквост на државните членки на ООН. Во образложението за раскинување на договорот треба да се наведе и дека со него се прекршуваат императивното задолжително право и принципот на самоопределување. Правната и меѓународната битка за враќање на името Република Македонија, во случај да биде одбиена, ќе можеме секоја наредна година повторно да ја ставаме на дневен ред, сѐ додека не помине истата резолуција.

Идејата за раскинување на договорот од Преспа ја поддржуваат повеќемина правни експерти и политичари и од светот и во Македонија. Оние вистинските легалисти, професори и интелектуалци. Оние што се објективни почитувачи на правото и правдината.

Дали ќе се искористи таа можност зависи пред сѐ од политичката волја на носителите на извршната власт во земјава. Секако дека тоа е долг, но и неизвесен пат, ако се имаат предвид меѓународните политички односи и позициите на Грција и нејзините блиски релации со Брисел и со Вашингтон. Без тој чекор, според поддржувачите на идејата за раскинување на договорот за добрососедство со Грција, се доведува во прашање опстанокот на Македонија и на македонскиот народ. Во однос пак на „буквалното и доследно спроведување на преговарачката рамка со Бугарија“, како што велат домашните експерти и историчари, тоа ќе предизвика „целосно бришење на посебноста на македонската нација“!

Промените во Договорот за добрососедство со официјална Софија треба да водат кон исчекори и од другата страна, кои би се однесувале на принципите на владеење на правото, а тоа е помеѓу другото и почитување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој е највисок суд за човекови права во Европа.

www.novamakedonija.com.mk