Во „соседната држава се осмелуваат да зборуваат за македонско малцинство во Грција“?!

1228

Во грчкиот парламент побарано раскинување на Преспанскиот договор со образложение што содржи елементи на неофашизам:

Додека во македонската јавност одвреме-навреме се пласираат уверувања дека Грција наводно е „презадоволна од договорот од Нивици“ и дека нема да „активира опструктивни потези спрема Македонија“, од јужниот сосед не се покажуваат никакви намери за спроведување на малкуте козметички административно-бирократски обврски што им се „паднаа“ со Преспанскиот договор.

Од друга страна, пак, македонските власти агилно се трудат предвреме да ги спроведат сите апсурдни обврски произлезени од промената на името на државата (за два-три месеца треба да се заменат сите лични документи на граѓаните со новото и неприфатено име на државата).

За споредба, грчките власти не помислуваат да ги заменат ниту сообраќајните патокази што упатуваат на македонско-грчките гранични премини.

Дека грчките можности за манипулација со Преспанскиот договор не се исцрпени потврдува неодамнешното повторно барање во грчкиот парламент за раскинување на договорот од Нивици. Иако тоа не е првпат, овој пат барањето содржи класични фашизоидни содржини, а битието на образложението за раскинување на Преспанскиот договор е страшно радикално, а на тоа нема никаква реакција ниту од грчкиот парламент, ниту од меѓународната јавност, ниту од Брисел.

Барањето е претставено од страна на една опозициска партија во грчкиот парламент, во пакет со реактивирање на ветото за Македонија во ЕУ! А основата за раскинување на договорот од Преспа е поради тоа што во „соседната држава се осмелуваат да зборуваат за македонско малцинство во Грција“?!

Имено, демократското патриотско движење Ники (Победа), партија со 10 пратеници од вкупно 300 во парламентот на Грција, ги искористи изјавите на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, при неодамнешната посета на Скопје за да побара ново вето за Македонија.

– Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, за време на посетата на Скопје, во неделата на 29 октомври 2023 година, изрази целосна поддршка за влезот на Скопје во Европската Унија и нејзината желба да го поздрави нивниот „уникатен идентитет и јазик – македонскиот јазик“ („со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот уникатен идентитет и на вашиот јазик“).

Она што пред неколку години беше незамисливо навредливо за Грците насекаде, денес е тажен резултат на срамниот и криминален договор од Преспа што го потпиша СИРИЗА, а со подмолна апатија го одржува владата на Нова демократија. Стотиците суштински прекршувања на договорот од Преспа од страна на највисоките институционални чинители на соседната држава, кои предаторски го користат името „Македонија“, но кои исто така се осмелуваат да зборуваат за „македонско малцинство“ во Грција, ѝ даваат на грчката страна причина да го откаже или да ја суспендира примената на договорот во целост или делумно.

Мирот, развојот и соработката на народите се градат со вистини и меѓусебно почитување, а не со провокации и измами. Ако владата на Нова демократија сака да тврди дека ги штити нашите долгорочни национални права или дека ја почитува волјата на грчкиот народ, веднаш нека го осуди договорот од Преспа и нека ги спроведе ветувањата на самиот премиер до грчкиот народ дека ќе стави вето на влезот на Скопје во ЕУ или заборави дека го вети – го изразува својот став грчката опозициска партија Ники, ветувајќи дека ќе ја продолжи борбата за испраќање на договорот од Преспа во единственото место што му припаѓа – кантата за отпадоци.

Геноцидот на една култура (културоцидот) од Преспанскиот договор ѝ дава на Македонија правна можност за негово еднострано раскинување

Според многу меѓународноправни странски и домашни експерти, постои заедничка согласност дека во Преспанскиот договор се содржи скриена можност за спроведување културен геноцид.

Надоврзувајќи се на таквата своја констатација, професорот Игор Јанев од Белград смета дека практично со тој гореспоменат факт на културоцид, на Македонија ѝ се дава правна можност за негово еднострано раскинување.

– За да се елиминира еден геноциден или етноциден договор, како што е Преспанската спогодба, имајќи предвид дека истиот тој влијае и во внатрешноправниот промет, независно што во договорот не постои правна одредба или клаузула за негово поништување или раскинување, неопходно е таквиот акт да се раскине, а тоа очигледно мора да се направи еднострано (односно со едностран дипломатски акт). Имено, фактот дека со овој меѓународен договор имаме КУЛТУРЕН ГЕНОЦИД и ерга омнес примена ни дава правна можност и пред сѐ правна обврска за еднострано раскинување на геноцидниот акт (како апсолутно нелегален, нелегитимен, односно кој по својата природа флагрантно и суштински ги прекршува основните норми на меѓународното право, а особено императивното јус когенс – право/обврски) – категоричен е професорот Игор Јанев.

Дипломатска нота до Грција

Скица на дипломатскиот акт за раскинување на Преспанскиот договор

Професорот по меѓународно право и меѓународни односи Игор Јанев оди и чекор понапред за реализација на идејата за раскинување на соседските договори, па подготви и скица на дипломатската нота што би требало да биде испратена, на пример до Грција, кога станува збор конкретно за Преспанскиот договор.

– Поаѓајќи од принципите содржани во повелбата на ООН и особено од универзално прифатениот принцип на самоопределување на народите и државите, и особено од принципот на суверена еднаквост на државите членки на ООН, имајќи го особено предвид начелото на немешање во строгата внатрешна јурисдикција на државите членки на ООН, имајќи ја предвид и обврската на државите членки да го почитуваат меѓународното задолжително право, вклучувајќи ја и обврската за елиминирање секаков вид дискриминација, а особено геноцид во каква било форма (културен геноцид, етноцид итн.), со оваа дипломатска нота нашата држава еднострано го раскинува договорот… од Преспа, склучен…

Образложение

Со договорот од Преспа флагрантно се прекршува императивното задолжително право, принципот на самоопределување, како и основните политички и правни принципи содржани во членот 2 од повелбата на ООН. Имајќи го предвид тоа, поаѓајќи од нормата содржана во членот 53 од Виенската конвенција за договорното право, сметаме дека актот е ништовен од моментот на склучување на договорот и дека со ова известување престануваат да важат сите правни ефекти од истиот акт.

Претседател/премиер/министер за надворешни работи (некој од овие тројца функционери)

Што потоа?

По раскинувањето на договорот, нотата до Грција, треба да се испрати меморандум-известување до генералниот секретар на ООН, а потоа истото писмо и до претседавачот на генералното собрание на ООН, кое треба да содржи ПРЕДЛОГ-РЕЗОЛУЦИЈА за гласање на Генералното собрание на ООН. Се гласа со просто мнозинство од присутните во салата. (Слично како со израелско-палестинската резолуција, која инаку помина во Собранието на ООН). Но таквата резолуција на Генералното собрание на ООН е задолжителна за органите на ООН!! На истиот начин како што го добивме името БЈРМ преку Генералното собрание на ООН, така треба да постапиме и со резолуцијата на Генералното собрание на ООН, за да продолжиме со членството во ООН под името со кое во 1993 година аплициравме во ОН: „Република Македонија“.

Ние можеме сами да ја предложиме резолуцијата, но можеме и најверојатно ќе побараме и ќе предложиме со „коспонзорство“ од повеќе држави членки на ООН за резолуција за Република Македонија во ООН.

Она што е ВАЖНО е дека, ако на пример ова не помине од првпат, ќе можеме секоја (наредна) година да бараме повторно да биде ставена на дневен ред, сѐ додека истата резолуција помине и ја реализираме „Република Македонија“ во ООН.

Подготвила: Јасминка Павловска

www.novamakedonija.com.mk