АРХЕОЛОГИЈА

Во Русија пронајдени заби на ајкула стари 300 милиони години | Фото

By kukuriku

December 06, 2019

Во рускиот Палеонтолошки институт „Орлов” пристигна фрагмент од заб на предок праисториска ајкула од фамилијата Helicoprionidae. Староста на наодот е околу 300 милиони години.

Овој уникатен наод беше пронајден летово од експедиција на „Флотилата на пловечки универзитети“ во рудникот за варовник на границата на Саратовската и Волгоградската област кај селото Нижна Бановка, пренесува весникот „Росијскаја газета“. Наодот ги помина прелиминарните испитувања, а дури потоа беше испратен во Москва на лабораториска анализа.

„Веднаш знаевме дека пронајдовме нешто интересно. Целата камена маса, без да ја кршиме, ја ставивме во кутија и ја однесовме во базата, а потоа организиравме уште едно одење за да го извадиме од карпата продолжението на спиралата. За тоа моравме да користиме пневматски чекан и брусилка“, рече раководителот на експедицијата Алексеј Иванов.

Како што соопшти прес-службата на Палеонтолошкиот институт, забната спирала на хеликоприонид е една од најзагадочните фосили од доцниот палеозоик. Таа претставува серија заби-острици кои имаат заедничка спирална основа.

„Пречникот на спиралата кај типскиот род на оваа фамилија беше 25 сантиметри. Тоа значи дека должината на рибата била околу 2-3 метри“, велат стручњаците.

mk.rbth.com